Во кое својство лидери на ВЛЕН делат решенија за вработување во државна болница?

Сто и девет здравствени работници добија решенија за вработување во Клиничката болница во Тетово, но церемонијата отвори прашање што оди подалеку од самите вработувања. Дел од решенијата лично ги врачувале Билал Касами и Изет Меџити, копретседатели на владејачката ВЛЕН, иако формално немаат раководна функција во тетовската болница.

На настанот присуствувале и министерот за здравство Сашо Клековски, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, како и раководството на болницата.

Фотографиите од церемонијата покажуваат дека Касами и Меџити лично им предаваат решенија на дел од нововработените.

Токму тоа било повод редакцијата на „360 степени“ да упати прашања до Министерството за здравство и до директорот на Клиничката болница Тетово, во кое својство двајцата партиски лидери делеле решенија за вработување во јавна здравствена установа.

Од Министерството за здравство за „360 степени“ одговориле дека тие не биле организатори на настанот. Според нив, домаќин била Клиничката болница Тетово, која ги испраќала поканите и го подготвила сценариото за церемонијата.

Директорот на болницата, Ерзен Елези, за „360 степени“ изјавил дека Касами и Меџити не биле поканети како лидери на ВЛЕН, туку како градоначалници.

Според неговото објаснување, првично не било предвидено тие да делат решенија. На крајот, како што рекол, им биле дадени по пет решенија „за да се испочитуваат“.

Но токму ова објаснување отвора дополнително прашање.

Касами е градоначалник на Тетово, додека Меџити е градоначалник на Чаир. Клиничката болница во Тетово не е општинска институција, туку јавна здравствена установа во системот на јавното здравство.

Оттука, останува нејасно каква институционална улога имаат двајца градоначалници при врачување решенија за вработување во државна болница.

Министерството за здравство соопшти дека Клековски врачил дел од решенијата за 109 лица кои досега работеле со договор на дело. Со претходно реализираните вработувања, во болницата досега биле вработени вкупно 145 лица од различни медицински профили.

Суштината не е дали тетовската болница има потреба од лекари, медицински сестри и друг персонал. Потребата од кадар во јавното здравство е одамна позната.

Прашањето е зошто административен акт за вработување во јавна здравствена установа се претвора во свеченост на која решенија лично врачуваат политички лидери кои немаат функција во таа институција.

Политичката димензија е уште поизразена бидејќи Касами и Меџити се истовремено истакнати лидери на ВЛЕН, политички субјект кој е дел од владејачкото мнозинство.

Директорот уверува дека настанот не бил партизиран и дека двајцата биле поканети како градоначалници. Но останува легитимното прашање зошто на градоначалник, а особено на градоначалник на друга општина, му се даваат решенија за вработување за да им ги предаде на луѓе кои добиваат работа во државна болница.

Во јавна институција, вработувањето треба да биде резултат на законска постапка, потреба од кадар и исполнети услови. Кога политички функционери се појавуваат на крајот од тој процес и лично ги врачуваат решенијата, се создава впечаток дека политичарот или партијата имаат заслуга за нешто што треба да биде институционална процедура.

Токму тој впечаток останува и по објаснувањето дека решенијата им биле дадени на партиските лидери само „за да се испочитуваат“.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?