Опозициската СДСМ обвинува дека Владата се обидува да го релативизира застојот на европскиот пат и порачува дека членството во ЕУ и стратешкото партнерство со САД не се меѓусебно исклучиви.
Стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави не може да биде замена за членството во Европската Унија, порача опозициската СДСМ, реагирајќи на последните ставови на премиерот Христијан Мицкоски за европските интеграции.
Од СДСМ оценуваат дека Мицкоски се обидува да го објасни застојот во процесот на европска интеграција, при што посочуваат дека самиот премиер претходно правел разлика меѓу „разговори“ и „преговори“ со ЕУ.
Според опозициската партија, Владата сега се обидува да промовира нова теза – дека Македонија дала премногу во процесот на европските интеграции, а за возврат не добила доволно.
Од СДСМ притоа го обвинуваат Мицкоски дека не ги реализирал реформите кои, како што наведуваат, ги ветил во рамки на продолжениот рок за напредок во евроинтеграциите.
„Нема ЕУ – вели Мицкоски, премногу им дадовме, а не добивме ништо“, велат од СДСМ, додавајќи дека премиерот со тоа, според нив, се обидува да го оправда блокирањето на европскиот пат.
Од опозициската партија посочуваат дека членството во ЕУ и стратешкото партнерство со САД се компатибилни процеси и дека едното не го исклучува другото.
„Членството во ЕУ и стратешкото партнерство со Америка меѓусебно не се условуваат, напротив, се надополнуваат и создаваат синергија во интерес на Македонија, регионот и пошироката европска безбедност“, наведуваат од СДСМ.
Според нив, Македонија треба истовремено да продолжи кон членство во Европската Унија и да ги развива стратешките односи со Вашингтон.
„На Македонија ѝ е местото во ЕУ, со стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави и така треба да остане“, порачаа од СДСМ.
Опозициската партија дополнително тврди дека напуштањето на европскиот пат би значело и слабеење на пошироката стратешка позиција на земјата.
Од СДСМ на крајот го обвинуваат премиерот дека вистинската причина за застојот во евроинтеграциите ја гледаат во стравот од европските механизми за владеење на правото и борба против корупцијата.
„На сите денес им е јасно дека стравот од независното европско обвинителство кај Мицкоски е голем колку Америка“, наведуваат од опозициската партија.

