Двајца премиери, претседател на Собранието, вицепремиери, министри, градоначалници, директори и пратеници се собраа денеска на Блаце за свечениот почеток на изградбата на 10,5 километри од автопатот Скопје, Блаце. На фотографиите и снимките од настанот можат да се избројат дваесетина високи функционери, а според присутните и официјалните лица на церемонијата, бројката стигнува до 22, додека работниците од компанијата што треба да го гради патот беа малцинство во кадарот.
Камен темелникот за втората фаза од автопатот го поставија премиерот Христијан Мицкоски и косовскиот премиер Албин Курти, но покрај нив на терен пристигна речиси цел државен политички ешалон.
Меѓу присутните беа претседателот на Собранието Африм Гаши, вицепремиерите Александар Николоски, Беким Сали и Љупчо Димовски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, повеќе министри, градоначалници и пратеници. Лопати пред камерите фрлаа и градоначалниците и копретседатели на ВЛЕН, Изет Меџити и Билал Касами.
На настанот биле и министерката за образование Весна Јаневска, министерот за култура Седат Сулејмани, министерот за правда Јетон Шасивари, министерот за економија Бесар Дурмиши, министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати, министерот за здравство Сашо Клековски и министерот за администрација Горан Минчев. Присутен бил дури и градоначалникот на Струга, Менди Ќура.
Прашањето е зошто за проект што е во директна надлежност на Министерството за транспорт и ЈПДП беше потребно присуството на толку голем број министри и градоначалници?
Од Владата не гледаат ништо спорно. Според нив, станува збор за проект од големо значење и нормално е на официјалниот почеток да присуствуваат претставници на извршната, законодавната и локалната власт. Од ВЛЕН, пак, одговориле дека присуството било израз на поддршка за стратегиски инфраструктурен проект од национално и регионално значење.
Зад политичката слика од Блаце стои инфраструктурен проект кој навистина е сложен.
Новата делница е долга 10,5 километри и треба да се поврзе со веќе изградените 1,5 километри во близина на граничниот премин. Предвидени се пет тунели, осум мостови, 11 потпатници, четири галерии и девет потпорни ѕидови, на тежок ридско планински терен. Рокот за изградба е четири години.
Договорот со „Гранит“ изнесува 13,62 милијарди денари, односно околу 222 милиони евра. Во оваа сума, според информацијата доставена до Македонската берза, е вклучено и петгодишно одржување на автопатот. Затоа простата пресметка од повеќе од 20 милиони евра за километар не ја прикажува целосно структурата на проектот и сложените инженерски објекти што треба да бидат изградени.
Но денешната фотографија отвора друго прашање, колку функционери се потребни за свечено да започне еден инфраструктурен проект.
Десетиците работници на „Гранит“, кои во следните четири години треба реално да го претворат камен темелникот во автопат, визуелно останаа во втор план зад луѓето во костуми.

