Скопје доби пет нови мини библиотеки под отворено небо, поставени на фреквентни локации низ градот, од кои граѓаните бесплатно ќе можат да позајмуваат книги.
Мини библиотеките се донација од издавачката куќа „Сакам книги“, а идејата е книгите слободно да се земат, прочитаат и потоа да се вратат на истото место за да продолжат да стигнуваат до нови читатели.
Поставени се на Средно Водно, во Градскиот парк во близина на „Номад кафе“, во Парк Македонија спроти „Веро“ во Тафталиџе, во паркот во Ѓорче Петров во близина на фонтаната и во паркот „Авионче“ во Аеродром.
Од „Сакам книги“ најавуваат дека библиотеките кои граѓаните совесно ќе ги користат и зачувуваат периодично ќе добиваат и нови наслови.
Така, населбите во кои книгите редовно ќе се враќаат по читањето ќе добиваат дополнителни изданија, со што фондот на мини библиотеките постепено ќе се проширува.
Проектот е дел од иницијативата „Со љубов, од Европа“, која издавачката куќа ја реализира во рамките на програмата „Креативна Европа“.
Целта е современата европска книжевност да им стане подостапна на македонските читатели преку превод и објавување книги напишани на помалку користени европски јазици, како и дела од автори кои првпат се преведуваат на македонски.
Со новите мини библиотеки, дел од тие книги сега ќе бидат достапни бесплатно и надвор од класичните библиотеки и книжарници, директно во скопските паркови и јавни простори.

