Наместо да се вложуваат во сиромаштија, во образование, здравство, култура, загадување, паркови, 350 милиони евра пари на граѓаните Владата им ги дава на странските банки како камата на јавниот долг, кој за две години е зголемен за 2 милијарди евра.
На ова во интервју за Рацин.мк укажува Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт.
„Оваа влада откога дојде на власт последниве две години, јавниот долг го зголеми за две милијарди евра. Тоа е јавен податок. Земете колку бил јавниот долг на крајот на второто квартал на дваесет и четврта година јуни пред да ја официјално преземат власт, а колку е сега јуни дваесет и шеста? Беше 7,8 милијарди, сега е 9,7 милијарди. Значи за околу две милијарди е зголемен. Ако земете што значи тоа за Македонија, тоа значи дека секој од нас е задолжен за илјада евра. Секој од нас што живее во држава должи повеќе од илјада евра во изминативе две години“, истакнува во интервјуто за Рацин.мк Бранимир Јовановиќ.
Тој вели дека не гледа ништо лошо да се земаат тие пари за да се изгради нешто добро и прашува што е направено со тие пари.
„Ќе кажете во ред, еве градиме, земате кредит за стан, купувате стан, градите куќа што и да е ќе кажете сте се задолжиле дома сте се направиле нешто во ред. Ние сега земаме кредити, не градиме ништо. Тоа е проблемот“, вели Јовановиќ.
Тој нагласува дека друг проблем е што долгот е 60% од БДП и дека тоа на обичниот човек ништо не му значи.
„Јас тоа на многу покласичен начин ќе го претставам. Колку пари од буџетот ние даваме за сервисирање на долгот, односно како камата на долгот на банките? Оваа година, ’26, од државниот буџет ќе дадеме триста педесет милиони евра само за камати на долгот. Во 2017 година, кога јас бев дел од Министерството за финансии тие пари беа околу сто дваесет милиони евра. Со години тие беа на сто дваесет милиони евра. Ние тогаш многу водевме сметка за тоа да каматите, трошоците за камати на долгот, да не ги зголемуваме, да не дадеме повеќе пари од државниот буџет за плаќање на долг отколку што било во минатото.
Значи, за седум, осум години е зголемен трипати тој износ. Тоа е огромна разлика. Сто дваесет милиони две илјади и седмнаесета година на триста педесет милиони сега тоа е страшно зголемување само за седум, осум години“, истакнува Јовановиќ во интервјуто за Рацин.мк
Тоа е повеќе отколку што држава дава пари од буџетот за борба со сиромаштијата, вели Јовановиќ
„Многу помалку пари даваме за борба против сиромаштијата отколку што им даваме на странските банки како камати за долгот што сме го земале“, укажува Бранимир Јовановиќ од Економскиот институт во Виена во интервју за Рацин.мк што целосно ќе биде објавено утре, на 30 август.

