Пожарот што од преспанската страна се приближи и навлезе во Националниот парк „Пелистер“ е локализиран, но надлежните предупредуваат дека опасноста од негово повторно ширење и натаму е голема. Во гаснењето беа вклучени пожарникари, екипи на националниот парк, ДЗС, доброволци, механизација, „ер-трактори“ и армиски хеликоптер.
Состојбата со пожарот на Пелистер утрово е стабилна и огнената линија е локализирана, но борбата со жариштата продолжува. Од теренот се очекува внимателно следење на состојбата поради високите температури и можноста од повторно активирање.
Општина Битола вчера соопшти дека пожарот е локализиран, но дека опасноста од негово ширење останува голема. Во текот на ноќта екипи од Битола останале на терен, а било најавено и продолжување на воздушната интервенција.
Дополнително, во текот на 30 август во гаснењето бил ангажиран и армиски хеликоптер Ми-8МТ, кој за три часа реализирал 14 налети и исфрлил вкупно 28 тони вода врз активните жаришта. [
„Најтежок и најкомплексен пожар“
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, оцени дека пожарот од преспанската страна на Пелистер е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава.
Пожарот бил ставен под одредена контрола, но со затоплувањето во текот на денот повторно се појавиле жаришта и чад на повеќе позиции. На терен продолжиле да дејствуваат пожарникари од Битола и Ресен, огнени тимови на ДЗС, механизација и „ер-трактори“.
За да се спречи понатамошното напредување на огнот, била направена и противпожарна пресека над боровите.
Нема повредени пожарникари
Ангелов воедно ги демантираше информациите дека на теренот имало повредени пожарникари. Според неговата изјава, нема повреден пожарникар, ниту пожарникар кој вдишал чад, а сите ангажирани продолжиле со интервенцијата.

