Од хартија до еден клик: Што останува исто кога новинарството се менува?

новинарството

Некогаш вестите ги чекавме во утринскиот весник. Денес, информација од другиот крај на светот може да стигне до нас за неколку секунди. Новинарството се менува со технологијата, но дали брзината го менува и она што го прави новинарството професионално и вредно за доверба?

Во новата епизода на „Што го врти светот?“, гостин е Горан Михајловски од дигиталната редакција „Сакам да кажам“. Тој говори за тоа како дигитализацијата го промени начинот на кој се создаваат, објавуваат и читаат вестите.

Што е тоа што го врти светот денес, технологијата или начинот на кој ја користиме? Што се случува со новинарството кога информацијата може да стигне до илјадници луѓе речиси во истиот момент кога се случува настанот? И како, во трката да се биде прв, да не се заборави многу поважната обврска да се биде точен?

Разговорот нè води низ промените што новинарството ги поминува од времето на печатените медиуми до денешните дигитални редакции. Алатките се менуваат, каналите преку кои стигнуваме до публиката се менуваат, брзината е неспоредливо поголема, но основното прашање останува исто: како да се задржат професионалноста, одговорноста и довербата на читателот?

Посебно место во разговорот одвоивме за тоа колку кусите пораки и користењето наведувачки пораки во насловот денес често одлучуваат дали некој воопшто ќе ја отвори веста. Како да се привлече вниманието, а да не се измести значењето? Како насловот да биде интересен без да ја жртвува вистината, контекстот или суштината на информацијата? Во дигиталниот свет, каде вниманието е ограничено, оваа граница станува сè поважна.

Но, брзината носи и друг предизвик. Колку побрзо се шири информацијата, толку поголема станува потребата таа да биде проверена. Оттука се отвораат прашањата за проверката на изворите, новинарските стандарди и одговорноста на редакциите, но и за тоа каде се наоѓа македонското новинарство во однос на европските практики.

Одговорноста, сепак, не е само на медиумите!

Во време кога голем дел од информациите до младите стигнуваат преку социјалните мрежи, сè поважно станува и прашањето како ние, како публика, одлучуваме на што ќе му веруваме. Дали го проверуваме изворот пред да споделиме нешто? Дали ја читаме целата информација или само насловот? И умееме ли да ја разликуваме професионално подготвената вест од содржината создадена само за да го привлече нашето внимание?

Дигитализацијата можеби целосно го промени начинот на кој информациите патуваат, но не ја намали потребата од професионално новинарство. Напротив, во свет во кој секој може да објави нешто, проверената информација, контекстот и довербата стануваат уште повредни.

Погледнете ја новата епизода на „Што го врти светот?“ и откријте како дигитализацијата го менува новинарството, што значи да се остане професионален во ерата на информацијата во реално време и зошто вистинитоста е поважна од кога било.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?

Веќе имате гласано на оваа акента.

⁠Информиран/а сум и не поддржувам, тоа е закана 79 (33%)
33 %
Поддржувам само ако се обезбеди заштита на животната средина 71 (29%)
29 %
Информиран/а сум и поддржувам, тоа е иднината 51 (21%)
21 %
⁠Не сум доволно информиран/а 42 (17%)
17 %