13 години немало противпожарна инспекција во „Пулс“ во Кочани

„Пулс“
Скриншот

Од 2012 до 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани не била извршена инспекциска контрола од инспектор за противпожарна заштита, посочи денеска вештото лице Викторија Будимовска Секуловска на судењето за пожарот во кој загинаа 63 лица.

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Идризово продолжи доказната постапка со вкрстени прашања од одбраната до вештите лица.

Будимовска Секуловска, одговарајќи на прашањата, рече дека според податоците со кои располагале при изработката на вештачењето, во периодот од 2012 до 2025 година немало извршена противпожарна инспекциска контрола во објектот.

Вештачењето покажало и дека во внатрешноста на „Пулс“ бил поставен само еден план за евакуација, додека главната влезно-излезна врата не ги исполнувала условите за противпожарна врата – немала паник-рачка, систем за задржување во отворена положба и потребна огноотпорност.

На рочиштето сведочеше и вештото лице Маријана Лазаревска, која говореше за изведените зафати при пренамената на објектот. Таа посочи дека во услови на пожар употребениот сунѓер претставувал материјал што можел да придонесе за неговото брзо ширење.

Во расправата беше посочено и дека при вештачењето биле користени форензички наоди за материјалот поставен на таванот. Вештакот Горан Марковски нагласи дека при согорување на конкретниот материјал се ослободуваат јаглерод моноксид и цијанид.

Судењето продолжува со изведување на доказите. Со градежното вештачење и распитот на вештите лица треба да заврши доказната постапка на Обвинителството, по што доказите ќе ги изведува одбраната.

Во пожарот во „Пулс“ на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?