Владата на Христијан Мицкоски има огромна политичка моќ и двотретинско мнозинство во Собранието, но за две години не испорача речиси ништо од ветеното пред граѓаните, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
„Кога ти имаш две третини мнозинство во Собранието, што е сон на секоја политичка партија, се поставува прашањето што си направил за земјата? Со таа огромна политичка моќ. Што си испорачал кон граѓаните?“, рече Филипче.
Тој посочи дека од ветувањата со кои Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт речиси ништо не е реализирано.
„Видете ја програмата на владата. Ништо не е остварено. Ни 5% не се остварени од работата на владата“, рече Филипче.
Како еден од најсериозните примери Филипче ја посочи демографијата и намалувањето на бројот на деца во училиштата.
„Има програма така наречена 1198, она голема тетрадка со која што се фалеше Христијан Мицкоски. Таму имаше и мерки за демографија. Па 3000 деца помалку се запиша година во училиштето. Имаше мерки за доктори, за образование“, рече Филипче.
Две години подоцна, наместо резултати од најавените мерки, Македонија се соочува со помалку деца во училиштата и застој во клучните области.
„Ништо не се случило. Две третини моќ во Собранието и државата стои во место“, порача Филипче.

