Родителите од „Киро Глигоров“ бараат друго решение: „Не прифаќаме децата да учат онлајн, да се обезбеди простор за физичка настава“

„Киро Глигоров“

Родителите на учениците од ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје бараат Министерството за образование и наука да ја преиспита одлуката учениците од четврто до деветто одделение наставата да ја следат онлајн и да обезбеди услови за физичко присуство во друг соодветен објект.

Во дописот до МОН, Државниот просветен инспекторат, Општина Центар и Народниот правобранител, Советот на родители бара итно да се разгледаат сите можности за привремена организација на наставата во други објекти, доколку матичната училишна зграда не може безбедно да се користи.

Родителите посочуваат дека на седницата на Советот на родители на 31 август биле информирани оти поради градежните активности за адаптација на училишниот простор, наставата за учениците од IV до IX одделение привремено ќе се одвива онлајн.

Тие, сепак, сметаат дека физичкото присуство на учениците треба да остане приоритет, особено затоа што, како што наведуваат, значителен број ученици се запишани за првпат со физичко присуство, а незавршените градежни активности отвораат сериозни организациски и правни прашања.

Од МОН бараат да ги разгледа можностите за организирање настава во други училишта, во две смени, распоредување на различни одделенија во различни јавни образовни објекти или користење на друг соодветен простор што ги исполнува условите за безбедност, санитет и педагошки стандарди.

Бараат да ја видат правната основа за онлајн наставата

Советот на родители бара од МОН да им ги достави актите и документите врз основа на кои е одобрена наставата од далечина – образложението за одлуката, нејзиниот рок и критериумите според кои е утврдено времетраењето на онлајн наставата.

Родителите бараат и информации дали постои проценка дека наставата од далечина навистина е единственото можно решение и дали се разгледани сите разумно расположливи алтернативи за физичко присуство.

Колку ќе трае реконструкцијата?

Едно од клучните прашања за родителите е и точната динамика на градежните работи.

Тие бараат информација за реалниот и конкретен рок за завршување на реконструкцијата, договорот со изведувачот, датумот на воведување во работа, рокот за изведба и можните анекси или измени на роковите.

Причината, како што наведуваат, е да се утврди дали ризикот од продолжување на онлајн наставата бил навреме препознаен и дали постои реален план за враќање на учениците во училишните клупи.

Родителите бараат и стручна информација за тоа кои делови од училиштето во моментов не можат безбедно да се користат, како и дали дел од објектот може да функционира независно од градежните работи.

Посебна загриженост за учениците кои немаат услови за онлајн настава

Во реакцијата се бара МОН, училиштето и Општина Центар да обезбедат еднакви услови за сите ученици доколку онлајн наставата остане во сила.

Особено се посочуваат учениците кои користат образовни или лични асистенти, оние кои немаат соодветен компјутер, интернет или друг уред, семејствата со повеќе деца кои истовремено треба да следат онлајн настава, како и учениците кои немаат соодветни просторни и други услови за учење од дома.

Родителите бараат да се обезбедат потребната опрема и друга поддршка за да не се создаде дополнителна нееднаквост меѓу учениците.

Бараат одговор во рок од 24 часа

Советот на родители најавува и иницијатива до Државниот просветен инспекторат за вонреден инспекциски надзор, со кој треба да се утврди правната основа за наставата од далечина и дали се преземени сите разумно расположливи мерки за обезбедување физичко присуство.

Во дописот тие бараат надлежните институции да ги известат за преземените мерки и своето решение во рок од 24 часа од приемот на барањето.

Родителите притоа нагласуваат дека не се против реконструкцијата и ја поддржуваат инвестицијата во училиштето. Нивното барање е, како што наведуваат, последиците од градежните работи да не доведат до неоправдано и несразмерно ограничување на правото на учениците на редовна настава со физичко присуство.

„Бараме навремено и законски образложено решение“, е суштината на нивната реакција, со која родителите бараат институциите да ги искористат сите расположливи правни и организациски механизми за заштита на правата на учениците.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?