Ратко Младиќ беше погребан на 7 септември на Топчидерските гробишта во Белград, со воени почести, присуство на високи функционери и илјадници поддржувачи. Но, ако истиот настан се следеше преку медиумите во Босна и Херцеговина, можеше да изгледа како да станува збор за два различни погреба и две сосема различни личности.
За Klix.ba, тоа беше погреб на правосилно осуден воен злосторник и ново „славење на злото“. За Радио-телевизијата на Република Српска, пак, беше „величествено испраќање“ на генерал, командант и човек со кој, како што пренесуваше јавниот сервис, српскиот народ треба да се гордее.
Поделбата не остана само во насловите. Таа се гледаше во изборот на зборовите, фотографиите, соговорниците и фактите што медиумите решија да ги објават – или да ги премолчат.
Во Сараево – пресудата, жртвите и „славењето на злото“
Klix.ba го отвори денот со насловот „Зошто Србија има потреба да го слави злото“, оценувајќи дека погребот бил претворен во политички настан, историски ревизионизам и навреда за жртвите.
Медиумот го потенцираше присуството на српски државни и воени претставници, употребата на владин авион за пренесување на телото, комеморацијата во Домот на Војската на Србија и ковчегот покриен со знамиња. Иако церемонијата формално не беше прогласена за државен погреб, Klix оцени дека границата меѓу приватното збогување и државното оддавање почит била намерно замаглена.
Радио Сараево употреби уште подиректна формулација -„опело за злосторник“ – и го отвори прашањето што учеството на поглаварот на Српската православна црква кажува за односот кон геноцидот во Сребреница.
Во овие извештаи, покрај секое споменување на името на Младиќ стоеше и судскиот контекст: доживотната затворска казна за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Посебно беа наведувани Сребреница, опсадата и тероризирањето на Сараево, прогонот на цивилното население и земањето припадници на Обединетите нации како заложници.
Тоа се правосилно утврдени факти. Пресудата од 2017 година и доживотната казна беа потврдени во жалбена постапка во 2021 година.
Во Бања Лука – „генералот“, сабјата и почесната чета
РТРС известуваше под насловот „Погребан генералот Ратко Младиќ“. Во извештајот доминираа воените симболи: генералската капа, ордените, сабјата што ја носел неговиот син, ковчегот на лафет, звуците на воена труба и знамињата на Србија и Република Српска.
Јавниот сервис ги пренесуваше пораките дека Младиќ „го спасил народот“, дека бил неправедно суден и дека неговото име ќе остане во сеќавањето на српскиот народ. Во конкретниот извештај за погребот не беа наведени неговата правосилна пресуда, геноцидот во Сребреница, жртвите или опсадата на Сараево.
Слична реторика користеа и дел од порталите од Република Српска, кои известуваа за „река луѓе“, „обединување на српскиот народ“ и „величествено испраќање“. Присуството на политичкиот врв на Република Српска беше претставено како оддавање почит на поранешен командант, а не како политички спорно величење на правосилно осуден воен злосторник.
Поради преносот, БХ Телеком привремено ја прекина дистрибуцијата на сигналите на РТРС и Алтернативната телевизија. Компанијата им порача на корисниците дека содржината може директно или индиректно да претставува величење на осудени воени злосторници и да ги повреди жртвите.
ОБСЕ изрази сериозна загриженост бидејќи пораките со кои Младиќ бил величен биле пренесувани без соодветен уреднички контекст и без повикување на судски утврдените факти. Од Регулаторната агенција за комуникации беше побарано да го оцени известувањето на јавниот сервис.
Така, додека едни гледачи во БиХ следеа погреб на човек осуден за геноцид и други најтешки злосторства, други гледаа испраќање на национален херој. Ковчегот беше ист, но приказната зависеше од тоа на кој канал е вклучен телевизорот.

