Само државата може да ги спаси земјоделците од прекупците

земјоделците

Државата треба да се трансформира во активен пазарен играч кој го штити сопствениот капитал, ги штити земјоделците и остварува финансиски прилив во буџетот.

Јане СТАНКОСКИ*

Организирањето на интервентен откуп за баланс на пазарот на земјоделски производи кога има вишоци на производство или кога во моментот нема доволно интерес од откупувачите е многу важно за одржливост на производството. Тоа е многу битна мерка против колапсот на аграрот во моменти на пазарни нарушувања. Кога има пад на берзанските цени поради хиперпродукција или кога приватните откупувачи го саботираат откупот, препуштањето на земјоделците на трговската стихија значи сигурна пропаст на целиот агро сектор. Во такви кризи, треба да се стават во функција механизмите кои ги поседуваме како држава, како што се ЈП Агро Берза за организирање на откуп и продажба на земјоделските производи и Агенција за Стокови Резерви да се стави во функција на складирање на откупеното.

Овој механизам се заснова на интервентен откуп од земјоделските производители кој ќе го организира и мониторира ЈП Агро Берза, преку регистрирани откупувачи кои што за сметка на јавното претпијатие ќе откупуваат земјоделски производи и со тоа ќе се овозможи јасна и транспарентна стабилизација на пазарот со истите.

ОткупенитеПроизводи со долг рок на траење (пченица, пченка, сончоглед, ориз, и сл.), ЈП Агро Берза ги откупува и ги складира во Агенцијата за стокови резерви и го чека најповолниот момент за нивна продажба.

Расипливи производи (домати, пиперки, јаболка, грозје, и сл.), бидејќи не можат долго да се складираат како свежи, ЈП Агро Берза веднаш после откупот организира нивна итна преработка во соодветни трајни полупроизводи (концентрат, пире, сушено овошје/зеленчук, замрзнати блокови, дестилат) преку домашните преработувачки капацитети, а потоа во соодветен момент ги пласира на пазарот.

Организирањето на продажбата на суровините и полупроизводите се врши преку ЈП Агро Берза.Јавното претпријатеие ќе ги пласира производите за извоз, или на домашниот пазар ќе врши нивна продажба –донација на државни институции кои тендерираат вакви производи (градинки, студентски домови, училишта, болници, АРМ, МВР, дотации на социјално загрозени групи на граѓани, и др).

Глобални и европски примери на интервентен откуп

Европска Унија (Заедничка земјоделска политика – CAP): ЕУ користи систем на јавна интервенција (Public Intervention) и приватно складирање (Private Storage Aid). Кога пазарните цени за житариците, млечните производи или месото ќе паднат под одреден праг-ниво, телата на ЕУ ги купуваат вишоците и ги складираат во државни резерви сè додека цените не се стабилизираат. Дополнително, за овошјето и зеленчукот се финансира повлекување од пазарот и нивна преработка во индустриски производи (напр. сокови или биогориво).

САД (Commodity Credit Corporation – CCC): Преку Министерството за земјоделство (USDA), САД користи програми каде државата нуди кредити на земјоделците користејќи ги нивниот род како залог. Ако пазарната цена падне премногу ниско, земјоделците можат да му ја препуштат стоката на USDA наместо да го вратат кредитот. Државата потоа го организира складирањето, преработката или извозот преку хуманитарни и трговски канали.

Индија (Food Corporation of India – FCI): Индија ја користи политиката на Минимална поддржувачка цена (Minimum Support Price). Државната агенција FCI директно откупува милиони тони житарици, ги чува во централни магацини и балансира меѓу домашната прехрамбена сигурност и извозот кога светските цени се поволни.

Што значи овој модел за македонските средно-големи земјоделци?

За македонскиот аграрен сектор, каде средно-големите производители се `рбетот на домашното производство, ваквиот механизам претставува пресвртница од неколку причини:

Финансиска сигурност и предвидливост: Се прекинува уценувачкиот однос на прекупците кои во пикот на жетвата/бербата ги рушат цените под производствената цена. Така Земјоделецот знае дека има сигурен пласман и загарантирана минимална цена.

Зачувување на инвестицискиот циклус: Средните земјоделски стопанства кои имаат земено кредити за механизација, системи за наводнување или оранжерии нема да банкротираат поради една лоша сезона.

Зајакнување на преработувачката индустрија: Преработувањето на расипливите вишоци во полупроизводи ги става во функција домашните капацитети, создава нови работни места и додава вредност на домашната суровина.

Заштита од пазарна манипулација: Со функционална ЈП Агро Берза, цените при откуп стануваат јавни и транспарентни, што го спречува картелското здружување на приватните откупувачи. Воедно преку продажба на производите на државните институции се обезбедува сигурен пласман, пониски цени и намалени манипулации при јавните набавки.

Ваквата стратегија ја трансформира државата од пасивен посматрач кој дели интервентни субвенции и ад хок решава проблеми на земјоделците, во активен пазарен играч кој го штити сопствениот капитал, ги штити земјоделците и остварува финансиски прилив во буџетот.

*М-р Јане Станкоски е експерт за земјоделство

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?