Словенија денеска, 11 октомври, одржува четири референдуми на кои околу 1,7 милиони граѓани со право на глас ќе се изјаснат за парламентарните истраги, социјалната помош, финансирањето на јавниот радиодифузен сервис и гласачкото право на странците. Последното прашање директно ги засега и македонските државјани кои живеат во Словенија, бидејќи се однесува на правото на учество на локалните избори на граѓаните од земјите надвор од Европската Унија.
Иако станува збор за четири различни прашања, словенечките медиуми денешното гласање го нарекуваат „суперреферендумски ден“, кој прерасна во политичко соочување меѓу владејачката коалиција на премиерот Јанез Јанша и опозициските партии. Владејачките СДС, Нова Словенија и Демократите, со поддршка на партијата Ресница, повикуваат на четири гласа „за“, додека опозициските Свобода, Социјалдемократите и Левица повикуваат на четири гласа „против“.
Само еден од референдумите има обврзувачки карактер. На него граѓаните одлучуваат дали треба да стапат во сила измените на Законот за парламентарни истраги, усвоени во мај годинава. Останатите три се консултативни, што значи дека нивните резултати нема автоматски да предизвикаат законски промени, но ќе покажат каква поддршка имаат предложените политики.
Прашањето за парламентарните истраги предизвика сериозна расправа за границите на политичката контрола и заштитата на граѓанските права. Според анализата на словенечкиот N1, предложените измени ги стеснуваат можностите за правна заштита на лицата опфатени со парламентарни истраги и дел од заштитните механизми ги поместуваат кон крајот на постапката. Противниците предупредуваат дека тоа може да овозможи политички мотивирани истраги и против новинари, активисти, претставници на невладини организации и деловни луѓе. Поддржувачите, пак, сметаат дека постојните правила овозможуваат одолговлекување и попречување на парламентарната контрола.
За измените да бидат отфрлени, не е доволно само мнозинството од излезените гласачи да гласа против. Потребно е против законот да гласаат и најмалку една петтина од сите избирачи, односно нешто повеќе од 339.000 граѓани.
Посебно внимание привлекува референдумот за гласачкото право на странците. Граѓаните се изјаснуваат дали правото на глас на локалните избори треба да им припаѓа исклучиво на словенечките државјани и на државјаните на другите земји членки на ЕУ, но не и на државјаните на трети земји. Со законските измени од септември ова право веќе е ограничено, а референдумот има консултативен карактер. Прашањето е особено значајно за бројната заедница на граѓани од Западен Балкан, меѓу кои и македонски државјани со постојан престој во Словенија, кои претходно имаа право да учествуваат на локалните избори.
Третиот референдум се однесува на условите за добивање парична социјална помош. Предлогот е работоспособните лица кои немаат објективни пречки за работа да бидат обврзани да извршуваат општествено корисна работа како услов за добивање помош. Владејачките партии ја претставуваат мерката како начин за поттикнување на работната активност и спречување злоупотреби, додека противниците предупредуваат дека таа може дополнително да ги погоди социјално ранливите граѓани.
Четвртото прашање ја отвора иднината на Радиотелевизија Словенија. Граѓаните одлучуваат дали треба да се укине задолжителниот придонес со кој се финансира јавниот радиодифузен сервис. Поддржувачите на укинувањето сметаат дека постојниот модел не одговара на современите медиумски навики, додека противниците предупредуваат дека без јасно дефиниран алтернативен извор на приходи може да биде загрозена финансиската стабилност и независноста на јавниот сервис.
Политичката димензија на гласањето е особено изразена поради начинот на кој беа распишани референдумите. Првично беше инициран законодавниот референдум за парламентарните истраги, со речиси 45.000 заверени потписи и поддршка од опозицијата и граѓански организации. Потоа владејачкото мнозинство ги предложи трите консултативни референдуми за истиот ден. Според словенечкиот N1, ваквиот потег во политичките кругови се толкува и како обид да се прошири референдумската агенда и да се мобилизираат различни групи избирачи.
Гласањето доаѓа нешто повеќе од шест месеци по парламентарните избори и приближно еден месец пред локалните избори во Словенија. Затоа резултатите ќе имаат и пошироко политичко значење, како показател за расположението на избирачите кон власта и опозицијата, иако само еден од четирите референдуми непосредно одлучува за стапување во сила на закон.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот. Граѓаните можат да гласаат на сите четири референдуми или да изберат само одредени прашања. Според Државната изборна комисија, сите четири гласања се организираат одделно, со посебни гласачки ливчиња.

