СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и утврдување одговорност за заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија, додека против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Во партиското соопштение СДСМ го обвини Тошковски дека дозволил Михаилова да ја напушти земјата и побара објаснување како ја преминала границата, иако, како што наведува партијата, судот ѝ ги одзел македонскиот и бугарскиот пасош.
Од СДСМ посочија на разликата меѓу изјавата на Михаилова дека поминала легално, со лична карта и со знаење на граничните службеници, и информациите за отсуство на евидентиран излез од земјата. Партијата во соопштението тврди и дека нема евидентиран влез во Бугарија.
„Како излегла Михаилова од земјата ако ѝ се одземени двата пасоши? И бугарскиот и македонскиот?“, прашаа од СДСМ.
Партијата потсети на претходните изјави на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дека судската постапка е во надлежност на судството и дека извршната власт не се меша во неа. Според соопштението, Муцунски посочил и дека македонскиот здравствен систем може да обезбеди нега, како и дека земјата е подготвена да прими бугарски лекари за консултации.
СДСМ го поврза случајот со своите претходни критики за работата на МВР, наведувајќи случаи на бегства, пропусти при постапување и сомнежи за злоупотреба на полициските системи за надзор.
Од партијата повторија дека бараат да се утврдат околностите под кои Михаилова ја напуштила Македонија и Тошковски да понесе политичка одговорност.

