Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Десетта јубилејна изложба од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија

На 11 јули (вторник) во галерија „Академија“ на Националната академија за ликовни уметности во Софија, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“. Изложбата е резултат од соработка меѓу Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија и Националната академија за ликовни уметности, дел е од проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина. Со настанот започнува и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Учествуваат авторите: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц.

Изложбата е составена од над 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт. За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 30 јули 2023 г.

Почетокот на проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија е поставен во 2012 година и прескокнувајќи ја единствено 2013 година продуцира ликовни изложби до денес, а со тек на времето списокот на автори се зголемува и збогатува. Кон базичната група „Конекција“, составена од уметници од Северна Македонија кои живеат и работат во Бугарија, постепено се вклучуваат и македонски уметници кои имаат активна уметничка дејност во Северна Македонија, како и бугарски уметници кои имаат изјавен творечки пат. Оваа година кон изложбата се вклучени и дела од романски и португалски уметници.

Кураторот и учесник на годинешната изложба д-р Иво Пецов вели дека насловот „Средба од десетти вид“ е игра на зборови, избрани со интенција за асоцијативност во перцепцијата.

-Од една страна тој го вклучува третирањето на необичностите на нашата современост, во кое се изоструваат и поларизираат позиции, мислења, гледишта, естетски преференции… Од втора страна стои љубопитноста на човекот и неговите усилби за раширување на хоризонтите, за изнаоѓање на нови простори на познание, можеби преку средби слични на оние со вонземјани, за кои постојат класификации од областа на уфологијата. Од трета страна стои конкретниот јубилеј 10 години Проект „Поврзување“ кој секоја година ги среќава македонските уметници со своите бугарски колеги во заеднички изложби пред културната публика, пишува д-р Пецов.

Д-р Иво Пецов

Тој појаснува дека на фонот на целиот современ медиумски шум, уметничките средби како овие добиваат необичен вид и како да треба да се движиме спроти текот на целото „нормално“ околу нас.

-Во услови на отуѓување меѓу луѓето и силната поларизација на општествата, нѐ дебне осудувачкиот тон на оние кои сакаат да не видат разделени, предлагаат разделеност и прекинување на контактите. Во тој контекст нашите усилби, преку нашите уметнички средби под формата на изложби, изгледа како да придобиваат сизифовски карактер и стојат надвор од масовното однесување. Изборот на авторите од изложбата произлегува од нивната поврзаност и нивната желба за ваков вид на комуникација. Самите автори во контактите помеѓу нив гледаат можност за растење и збогатување на нивниот внатрешен свет, преку одгледување во уметноста на другиот и распознавање на различното убаво. Сите тие имаат утврден творечки пат и силна врска со луѓето околу нив, вели д-р Пецов.

Тука се среќаваат дела, во кои основен изразен елемент е цртежот, како „портретираните сеќавања“ на Јана Манева-Чупоска, цртежите на Валтер Праташ, инспирирани од водите на Атлантикот кај Азорските острови, црно-белите графики на кои се гледаат животински глави на Павел Целкоски, графиката „Долината на соништата“ со структура од отворени ќелии на Зоран Мише, како и новите графики со „белешки“ на Иво Пецов. Се среќаваат и такви кои говорат главно преку бојата и линијата, при што создаваат една форма на поетичност, тоа може да се види на делата на Беди Ибрахим. Апстрактни се контрастните пробиви во спомени насликани врз платната на Марјан Ѕингаров, колористичките хармонии и потрагата на пејзажни траги во делата на Дејан Иванов – Маргуш. Тука се сликарските визии „спуштени“ во момент на медитација и одразени врз творбите на Перица Георгиев – Пепси. Сликарските формати со налик на телевизиски или компјутерски екран, во кои се одигрува драмата на смислата се на Свилен Стефанов.

Фотореалистичното сликарство и фотографските портретни творби се на Росен Тошев. Играта со светлината на созополското и балканско сонце се отпечатила во цијанотипиите на Рикардо Кварежма Виејра, а Гордана Вренцоска се инспирирала од фолклорот и историјата на уметноста за создавањето на нејзините дигитални графики. Тука е и новиот дигитален триптих, на кој е предаден моментот на избледувањето на реалноста и нејзиното претворање во етерични слики од сонот на Маријана Иванова. Момчил Мирчев ги бара сензибилните состојби во тридимензионалната скулптура, а Ненад Микиќ извајал кошмари од чоколадо. Преку движењето на сивите речни води се изразува Золтан Ференц во своето видео.

Групна изложба на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ 2021 во Созопол

-Нашето творештво во голема мера е огледало на животот, таков како што сите го гледаме денес – без единствена естетичка насока, со голема разновидност на гледиштата, мислењата и осетите за убаво и значајно. Споменатото природно ја пораѓа и потребата од изразување со различни видови техники на визуелната уметност, а тоа е причината во оваа селекција да не се обележани ограничувања од овој вид. Видот на секоја една од нашите изложби во минатото е различен. Оваа сега е уште една нова визија за нас самите. Времето нѐ променуваше, а ние ги остававме нашите отпечатоци врз материјалот со којшто работевме, за да разбереме колку не сме истите, коишто бевме порано. Колку и да се обидуваме да се сместиме во некакво конкретно разбирање за нашата исклучителност, да се диференцираме како непроменлива константа, толку повеќе ќе го погубуваме животот и неговиот основен квалитет – неговата игривост. При организирањето на овие уметнички настани ги баравме обединувачките црти на хуманото од длабочините на творечкото единство, она кое ги исчистува сите вештачко создадени линии на поделба и аномалии во здравјето на човештвото, заклучува д-р Пецов.

Изложбата во софиската галерија ќе биде отворена до 30 јули.

Зачлени се на нашиот е-билтен