Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Отворање на „Охридско лето“ со Анџела Георгиу, Skopje Calling за публика од 7 до 70 години, премиера на „М“ на Вардан Тозија, денови на шведскиот филм

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови и концерти. Гледајте, слушајте…

Skopje Calling 2023: Nina Kraviz, Laibach, Konstrakta & Zemlja Gruva, Buč Kesidi, Nipplepeople

Културно-музичкиот фестивал Skopje Calling 2023 ќе биде одржан во петок, седми јули, на стадионот на АРМ во Скопје.

На фестивалот, според најавата од Авалон Продукција, ќе настапат Нина Кравиц, Лајбах, Констракта и Земја Грува, Буч Кесиди, и „Nipplepipple“.

Како што посочува организаторот Авалон Продукција, Skopje Calling е насочен кон „меинстрим“ генерацијата.

Nipplepipple

Фестивалот е фокусиран на публика од 7 до 70 години: помладата публика на Констракта и на Буч Кеседи, публиката во „средни“ години на „Nipplepipple“, заедно споени во обожавателите на Нина Кравиц.

Фестивалот ќе започне со настап на ,,Лајбах” по 21 часот, бидејќи нивниот визуелен спектакл бара такви услови.

Оперската дива Анџела Георгиу од Романија ќе го отвори 63-то „Охридско лето“

Сопранот Анџела Георгиу од Романија заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија и под диригентската палка на Чипријан Теодорашку од Романија, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Анџела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда („Њујорк Сан“). Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција.

Дебитира на меѓународната оперска сцена во 1992 година во Лондонскиот „Ковент гарден“ како Мими во операта „Боеми“, по што следи и деби во Виенската опера, а и во Њујоршката „Метрополитен“ опера во 1993 година. Во „Ковент гарден“ премиерно ја пее улогата на Виолета Валери во „Травијата“ во 1994 година кога за прв и последен пат во историјата на ТВ и оперските преноси телевизиската куќа Би-Би-Си ги откажа сите програмски активности за да пренесува опера во живо. Од тогаш па до денес, Георгиу настапува на светските оперски сцени изведувајќи ги главните ролји во оперите „Боеми“, „Травијата“, „Ромео и Јулија“, „Палјачи“, „Љубовен напиток“, „Симон Боканегра“, „Тоска“, „Фауст“, „Кармен“, „Туранодт“,„Вертер“, „Адријана Лекуврер“ и многу други.

Нејзините снимки се на носачи на звук на дискографските куќи Ворнер и Еми класикс, Дека и др. За уметничките достигнувања наградувана е со бројни награди и признанија меѓу кои и специјални награди од француската влада, медал од романскиот крал Михаел I, Европската културна награда за музика, повеќе пати е добитничка на награди од магазинот „Грамофон“, два пати е прогласена за Уметничка на годината на БРИТ наградите за класична музика.

На филмското платно ја игра насловната улога во екранизацијата на операта „Тоска“ во режија на Беноа Жако, филм кој добива одлични критики од меѓународната критика, и е премиерно прикажан на филмскиот фестивал во Венеција во 2001 година. Ја толкува и улогата на Јулија, во филмската адаптација на операта „Ромео и Јулија“.

Во 2018 година излегува од печат нејзината автобиографија „Анџела Георгиу: живот за уметноста“ напишана заедно со Џон Толански.

Во 2021 година Георгиу настапува на концерт кој има за цел да им помогне на музичарите од операта „Метрополитен“ во кризата која настапи поради откажувањето на настаните како резултат на пандемијата од Ковид19. Повеќе од 150 музичари добија финансиска помош како резултат на овој нејзин гест.

Во оперската историја Анџела Георгиу се смета за редок феномен. Таа не само што е исклучителна пејачка и глумица, туку нејзината неверојатна вокална техника и музичка интелигенција придонесуваат кон тоа таа да има магнетска привлечност на сцената која привлекува публика низ целиот свет.

Премиера на „М“ на Вардан Тозија на отворањето на филмскиот фестивал Cinedays

Дваесет и второто издание на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје, во организација на Младинскиот културен центар (МКЦ), на 13 јули (четврток) отвора со светската премиера на „М“, вториот долгометражен игран филм на Вардан Тозија.

„М“ е дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус е во потрага по мајка си. Зад забранетите граници на својата волшебна шума, Марко открива еден нов, мрачен свет, обвиен во тишина. „М“ е еден од првите македонски филмови со постапокалиптична тематика.

Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, а маскер е Горан Игњатовски. Тозија дебитираше на големото платно со одличниот „Џган“ во 2016.

Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ Вејзовиќ и Верица Недеска. Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје, како копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.

Денови на Шведскиот филм во Кинотеката

По вчерашното потсетување на еден од најдобрите шведски (и светски) филмови последниве децении, „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд, од вечерва (7 јули, петок) филмофилите ќе можат да ги видат и насловите на ветераните Ласе Халстром и Микаел Хафстром, како и филмовите од поновата продукција на автори со различни сензибилитети.

7 јули (петок), 20:00 ч.: „Хилма“ (Hilma); режија и сценарио на Ласе Халстром (Lasse Hallström), со Тора Халстром, Катерина Чалк, Лили Коле, Лена Олин (Tora Hallström, Catherine Chalk Lily Cole, Lena Olin) во главните улоги.

Филм на Халстром е биопик за Хилма Аф Клинт, креативен гениј, уметница постхумно признаена како прва апстрактна сликарка во историјата на уметноста. Филмот хронолошки го прикажува животниот пат на Аф Клинт, од нејзината младост, спиритуалното будење по прераната смрт на нејзината сестра Хермина, до нејзиното изучување на мистичните книги на Рудолф Штајнер и делата на теозофското движење. Хилма е портет на една храбра жена, далеку пред своето време. Ќерката на режисерот, актерката Тора Халстром, креира одлична филмска ролја како младата Хилма аф Клинт.

8 јули (сабота), 20:00 ч. „Совршен пациент“ (The Perfect Patient a.k.a. Quick); режија и сценарио на Микаел Хафстром (Mikael Håfström), со Јонас Карлсон, Давид Денцик (Jonas Karlsson, David Dencik)

Филмот е базиран на вистинската приказна на новинарот Ханс Растам за серискиот убиец Томас Квик. Предизвикувачката приказна е досега најголемиот шведски законодавен скандал. Режисерот Хафстром креира интензивен трилер, комплексен психолошки портрет на двајца луѓе подготвени да одат до крај. Но каде се наоѓа тој крај? Актерот Давид Денцик, во 2020 година се закити со наградата за најдобра споредна улога на доделувањето на шведските филмски награди – Guldbagge Awards.

9 јули (недела), 20:00 ч., „Едно убаво утро“ (Un Beau Matin); режија и сценарио: Миа Хансен-Лав (Mia Hansen-Løve), со Леа Сејду, Паскал Грегори, Мелвил Пупо, Никол Гарсиа (Léa Seydoux, Pascal Greggory, Melvil Poupaud, Nicole Garcia).

Сандра Кинзлер е млада вдовица, која живее во Париз со нејзината осумгодишна ќерка, а работи како преведувачка. Постојано се грижи за нејзиниот татко кој боледува од прогресивна форма на невродегенеративна болест, наречена Бенсонов синдром. Едно утро, во паркот во нејзиниот реон, таа го среќава Клемент, пријател на нејзиниот починат сопруг. Двајцата започнуваат романтична врска. Сандра се наоѓа на крстопат – дали да се предаде на љубовната релација со женет човек, или целосно да се посвети на грижата за нејзиниот болен татко. Филмот е добитник на награда од престижниот филмски фестивал во Кан – Europa Cinemas Label Award.

10 јули (понеделник), 20:00 ч.; „Мојот живот како комичар“ (Еn komikers uppväxt); режија: Ројда Секерож (Rojda Sekersöz), сценарио: Јонас Гардел (Jonas Gardell); со Јохан Реборг, Локе Хелберг, Елисабет Кси (Johan Rheborg, Loke Hellberg, Elisabet Xie).

Автобиографската приказна на писателот Јонас Гардел за неговото созревање во Шведска во 70-те години од минатиот век. За младиот Јуха, растењето во помал град претставува постојано докажување, предизвик. Барајќи начин како да го избегне честото малтретирање од соучениците, тој започнува да се преправа и да ги исмејува познајниците и пријателите. Набргу, станува популарен во друштвото и, уживајќи во новостекнатата популарност, продолжува да ги исмева останатите. Како возрасен човек и професионален комичар, настапува пред полни сали со неговите анегдоти од детството. Но, откако ќе се сретне со стар познајник од младоста, Јуха почнува да ги премислува и преоценува неговите постапки од порано.

11 јули (вторник), 20:00 ч.; 438 дена (438 dagar); режија: Јеспер Ганслант (Jesper Ganslandt)
сценарио: Петер Биро, Јохан Персон, Мартин Шибје (Peter Birro, Johan Persson, Martin Schibbye), со Густаф Скарсгард, Матијас Варела, Фајсал Ахмед (Gustaf Skarsgård, Matias Varela, Faysal Ahmed)

Истражувачките новинари Мартин Шибје и Јохан Персон, по неколку месеци интензивна подготовка, вечерта на 28 јуни 2011 година ја преминуваат границата помеѓу Сомалија и Етиопија. Неколку дена подоцна, двајцата Швеѓани се пресретнати и уапсени од етиопската армија. По брзото, речиси кафкијански бесмислено судење, тие се осудени на повеќегодишна, тешка затворска казна. Но приказната ни оддалеку не е завршена. Напротив. Во затворот, запознавајќи се со останатите политички затвореници, Мартин и Јохан отвараат ново животно поглавје…

12 јули (среда), 20:00 ч., Клара Сола (Clara Sola); режија: Натали Алварез Месен (Nathalie Álvarez Mesén), со Даниел Кастанеда Ринцон, Венди Чинчила Араја, Ана Јулија Еспиноза (Daniel Castañeda Rincón, Wendy Chinchilla Araya, Ana Julia Porras Espinoza)

За мистичната Клара, која има четириесетина години, нејзините соселани веруваат дека има посебни исцелителски моќи, благодарејќи на нејзината наводна поврзаност со Бог. Тоа уште повеќе ја јакне вештината што Клара ја има и затоа животот го минува во природа опкружена со животните. Таа живее под силната заштита на својата мајка, која е многу загрижена поради вродениот физички деформитет на Клара. Но таа ќе почне да се повлекува од закрилата кога ќе ја обземе сексуалниот порив, здогледувајќи го момчето на внука ѝ. Чуствувајќи ја силно новодојдената емоција, Клара ги надминува физичките и духовни граници. Ја оттурнува наметната улога на светица, и го започнува долгиот пат на самоспознавање. „Клара Сола“ доби позитивни критики на филмскиот фестивал во Кан и беше номиниран за Оскар во категоријата на најдобар странски филм.

Избрал: С.С.

Зачлени се на нашиот е-билтен