Полицијата уапсила 37-годишен жител на Радовиш, осомничен дека телефонски им упатил сериозни закани на вработени во странска амбасада во земјава. Против него е поднесена кривична пријава, а судот одредил психијатриско набљудување во здравствена установа.
Според МВР, Ѓ.Н. на 4 ноември се јавил во амбасадата и на странски јазик упатил закани со кои ја загрозил сигурноста на вработените.
Случајот бил пријавен следниот ден, на 5 ноември, по што полициските службеници го пронашле и го уапсиле. Од Министерството наведуваат дека при службениот разговор тој го признал делото.
СВР Струмица – ОВР Радовиш поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица поради сомнение за „загрозување лица под меѓународна заштита“.
На предлог на јавен обвинител, судија од Основниот суд Струмица донел решение осомничениот да биде упатен на психијатриско набљудување во соодветна здравствена установа. Во информацијата не е наведено за која амбасада станува збор.
