Поранешни професионални војници денеска протестираа пред Владата, барајќи изедначување на отпремнините за пензионираните припадници на Армијата, без разлика кога заминале во пензија.
Учесниците реагираат на разликите во исплатите пред и по законските измени од 14 февруари 2024 година. Со транспаренти „Не бараме милостина, бараме еднаквост“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат државата да ја исправи неправдата“, побараа решение за поранешните припадници.
Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата посочи дека разликите во отпремнините се значителни.
На протестот беа истакнати и барања за договори на неопределено време и повисоки плати за професионалните војници. Организаторите најавија проширување на протестите во повеќе градови доколку не се најде решение.
Министерството за одбрана одговори дека сите финансиски обврски кон поранешните припадници се исплатени и дека нема долг кон нив. Според Министерството, ретроактивната исплата на повисоки отпремнини би била спротивна на законот.
Протестот не го поддржа Независниот синдикат на одбраната. Оттаму порачаа дека правата треба да се остваруваат преку институционален дијалог, посочувајќи ги договореното зголемување на платите за 10 проценти и решението за статусот на професионалните војници по навршување 45 години.

