Повеќе средства за храна, едноставно плаќање и можност сами да изберат каде ќе купуваат. Тоа се главните барања што произлегуваат од анкетата на „Студентарија“, додека Владата подготвува замена на студентските платежни картички со дигитални ваучери.
Според резултатите што ги пренесува „Слободен печат“, 70,9 отсто од анкетираните го претпочитаат сегашниот модел со картичка. Во истражувањето, спроведено од 15 до 22 ноември, учествувале 9.935 испитаници.
Најголемото незадоволство е поврзано со парите што им стојат на располагање. Речиси девет од десет испитаници го посочуваат дневниот износ од 140 денари како недостаток на постојниот систем, а повеќе од две третини сметаат дека и предложените 4.500 денари месечно треба да бидат повисоки.
Владиниот предлог „М-студентски оброк“ предвидува средствата да се користат преку апликацијата „М-услуги“. Купувањето би било овозможено во ресторани, маркети, пекарници и други објекти вклучени во системот, со дополнителни попусти за студентите.
Токму достапноста на продажните места е меѓу главните грижи на анкетираните. Речиси половина не прифаќаат ограничена листа, додека за сличен дел одговорот зависи од тоа колку објекти ќе бидат вклучени и каде се наоѓаат. Дури 92,8 отсто од испитаниците веќе го користат оброкот во супермаркети и продавници.
Од „Студентарија“ бараат пред промената да се објават критериумите за вклучување објекти, со внимание на помалите градови и студентските населби. Бараат и јасни правила за неискористените средства и консултации за целосниот модел.
МОН ја образложува промената со потребата субвенцијата да се троши за нејзината намена — исхрана. Министерката Весна Јаневска претходно изјави дека новиот систем треба да овозможи купување храна кај вклучените оператори.
Додека се разговара за начинот на плаќање, студентското барање останува зголемување на износот и негово редовно усогласување со растот на животните трошоци.

