Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Театарски претстави „Нора“ и „Лагата“ на „Охридско лето“, филм „Синиот кафтан“ и роман „Криво рало“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, театарски претстави и книга. Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: „Нора“ на Ибзен со Градскиот театар од Љубљана на „Охридско лето“

Вечерва (18 август, петок) на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот, ќе биде изведена театарската претстава „Нора“ на Хенрик Ибзен, во режија на Нела Витошевиќ, со актерскиот ансамбл на Градскиот театар од Љубљана (Mestno gledališče ljubljansko), Словенија.

„Нора“ или „Домот на куклата“ е едно од најпознатите и најчесто изведувани дела на норвешкиот драматург Хенрик Ибзен. При праизведбата во 1879 година, во Кралскиот театар во Копенхаген, Нора предизвика невиден скандал. Во пиесата, авторот критички го начнува проблемот на патријархално уредениот модел на граѓанско семејство и го артикулира правото на жената да избере ослободување од подреденоста во бракот. Нора низ целата драма пее и цвркоти, купува подароци, со нетрпение го чека Божиќ, но тоа е само улогата што општеството ѝ ја доделило. На крајот признава дека никогаш не била среќна со својот маж. „Нора“ не е само драма за жената туку пред сè е драма за бракот.

Нора е навидум среќно мажена мајка на три деца. Нејзиното семејство, по долги години откажувања, ужива удобен живот, затоа што нејзиниот сопруг Торвалд Хелмер добива работа како директор на банка. Сè би било во совршен ред доколку Нора не ја прогонува непромислениот чин што го направила во минатото од љубов кон својот сопруг. За да му помогне при закрепнувањето кога бил тешко болен, Нора го фалсификувала неговиот потпис и позајмила голема сума пари од нотарот Крогстад, кој сега ја уценува и ѝ се заканува дека ќе ја открие нејзината тајна. Нора очајно сака Торвалд да ги разбере причините за нејзиното однесување и да застане на нејзина страна. Но, кога ќе се случи спротивното, таа го гледа со поинакви очи и сфаќа дека веќе не може да живее со него…

Во „Нора“ играат актерите Ајда Смрекар, Матеј Пуц, Јернеј Гашперин, Нина Раковец и Јуриј Дервеншек, сценографијата е на Урша Видиќ, костимографијата на Тина Бонча, а драматург е Петра Погоревц.

Нела Витошевиќ (1984) е една од најистакнатите претставници на помладата генерација македонски театарски творци. Во 2007 година дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на режисерот Слободан Унковски, каде што и магистрирала во 2014 година. Досега, на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ и на Меѓународниот фестивал МОТ има добиено 15 награди. Од 2017 година е вработена во Македонскиот народен театар во Скопје како режисерка.

Има режирано околу 30 претстави на различни македонски сцени, од класични дела, современи пиеси како и сценски адаптации на филмски сценарија и кратка проза.

„Лагата“ на Флоријан Зелер со Белградскиот драмски театар на „Охридско лето“

Годинешното издание на „Охридско лето“ се затвора на 20 август (недела) со претставата „Лагата“ на Београдско драмско позориште, која ќе биде изведена на сцената на Античкиот театар со почеток од 21 ч.

Во претставата работена по текстот на Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, настапуваат попуралните српски актери Милош Биковиќ, Миодраг Радоњиќ, Тамара Крцуновиќ и Јелисавета Теодосиќ.

Колку се лажеме себеси и најблиските? Дали тоа го правиме од желба да ја заштитиме саканата личност или да се заштитиме себеси. Вака набројано, изгледа прилично прозаично, иако нуди можност за самодоволен одраз на лесна комедија, вели режисерот Љуца во неговата експликација на претставата.

Неговата намера е да создаде претстава која живее во моментот со внимателно избрани актери, кои ја заведуваат публиката да гледа (само) забавна и провокативна комедија за модерниот живот. Сцената е реално богата, стан од средна класа. Актерите физички и емотивно им се предаваат на своите стравови и игри до крај. На моменти треба да изгледа како мешавина од современ булеварски театар и комедија. Меѓутоа, како што текстот почнува да се деконструира и вешто ги открива вистинските намери на ликовите, самиот процес се менува како нешто што е длабок психолошки реализам, кој е дури и премногу реален. Режисерската постапка ги засилува идеолошките нишки на драмата и ја разобличува самата суштина на театарската игра, дополнува режисерот.

Љуца е и успешен филмски режисер: со првиот долгометражен игран филм „Влажност“ учествуваше на Берлинскиот филмски фестивал, по што го отвори ФЕСТ и ги освои повеќето национални филмски награди, меѓу кои за најдобар филм, најдобар режисер и најдобар актер. Ја режираше втората сезона од мега-популарната ТВ серија „Беса“. Во театарот „Битеф“ ја режираше претставата „Смртта и девојката“ од Ариел Дорфман.

Драматург на претставата е Сташа Бајац, сценограф Лазар Бодрожа, костимограф Љиљана Петровић, а композитор на музиката е Јања Лончар.

Филм: „Синиот кафтан“ на Марјам Тузани

„Синиот кафтан“ (Le bleu du caftan) е белгиско/француско/мароканско/данска копродукција (2023 г., 118 мин., колор, ДЦП) по сценарио и во режија на Марјам Тузани (Maryam Touzani), со Лубна Азабал, Салех Бакри, Ајуб Мисуи, Монја Ламкимел, Абделхамид Зуги, Закариа Атифи (Lubna Azabal, Saleh Bakri, Ayoub Missioui, Mounia Lamkimel, Abdelhamid Zoughi, Zakaria Atifi) во главните улоги.

Сторијата ја прати Мина која води традиционална продавница за кафтани во една од најстарите медини во Мароко. За да биде во тек со барањата на клиентите, таа и нејзиниот сопруг Халим вработуваат талентиран чирак, Јусеф, кој покажува голема посветеност на учењето на вештините за везење и кроење. Со текот на времето, Мина разбира колку нејзиниот сопруг е трогнат од присуството на младиот човек…

„Синиот кафтан“, мароканскиот кандидат за Оскар за 2022 година, е најновиот филм Марјам Тузани, водечка авторка на современиот марокански филм.

Проекциите на „Синиот кафтан“ се на 24 август (четврток), 18:00 ч.; 25 август (петок), 18:00 ч. и
26 август (сабота), 18:00 ч., во Кинотеката.

Книга: „Криво рало“ од Итамар Виеира Јуниор

Креирана како поглед кон животот на потомците на ослободените робови во хациендите од руралниот Бразил, романот „Криво рало“ („Torto Arado“), во издание на „Антолог“, сликовито ги прикажува културата, обичаите, верувањата, како и тесната поврзаност со земјата и природата, но и нееднаквоста и неправдите на кои биле изложени овие луѓе.

Нивното освестување за барање на своите права е претставено многу нежно и едноставно, преку приказната за две сестри во хациендата „Црна вода“, Бибијана и една година помалата Белонисија.

Сè започнува со детска игра во која се случува несреќа со ножот скриен во бабиниот куфер, поради која едната сестра останува нема, а другата се претвора во нејзиниот глас, поврзувајќи се на необичен начин. Со текот на времето, сестрите се оддалечуваат. Белонисија останува, а Бибијана го напушта родителскиот дом, се мажи и станува мајка. Но судбината повторно ќе ги спои во хациендата…

Приказната на „Криво рало“ мајсторски ги спојува лириката, магијата и реалноста. Книгата е објавена со поддршка од Специјалниот секретаријат за култура при Министерството за туризам на Бразил/Фондацијата Национална библиотека и Министерството за надворешни работи.

Виеира е бразилски писател и географ, доктор по етнички и африкански студии. Со романот „Криво рало“ ја освојува најпрестижната португалска книжевна награда „Лежа“ (2018): наградата се доделува секоја година за најдобар необјавен роман на португалски јазик, а победникот добива 100.000 евра, што ја прави една од најбогатите книжевни награди во светот. Подоцна ги освојува и наградите „Оцеанос“ и „Жабути“. Книгата е преведена на неколку јазици, а во 2023 е направена и адаптација за телевизиска серија.

Преведувачка на „Криво рало“ е Виолета Јагев (1953), дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што се образувала на шпански јазик. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Ча­шуле“ во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преве­дувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново