Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Костадиновска-Стојчевска од Охрид: Слависти од целиот свет веќе 50 години го чуваат и го негуваат македонскиот јазик

Меѓународниот семинар за  македонски јазик, литература и култура при УКИМ денеска во Охрид ја организира 50-тата Меѓународна научна конференција.

Во поздравното обраќање, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги изрази својата радост и своето спокојство за безбедноста на нашата јазична средина, за силината на македонскиот јазик, чии специфики преку оваа конференција научно се поткрепени и поддржани од домашни и од странски македонисти.

„Оваа Меѓународна конференција, со сите учесници низ изминативе 50 години – македонисти, слависти, балканолози од земјава и од целиот свет – создаде семејство пријатели на македонскиот јазик кое е природен бедем, семејство кое има големо срце, почит и љубов кон македонскиот јазик, култура и историја“, рече министерката.

Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека се постигнати целите од основачкиот акт на Конференцијата, и затоа светската јавност е одамна запознаена со научните достигнувања во областа на македонскиот јазик, литературата и културата, научниците слависти се зближуваат, родени се трајни професионални врски и пријателства низ целиот свет, а секоја година се создаваат нови.  

Министерката за култура подвлече: „Спецификите на македонскиот јазик и научниот пристап во неговото истражување нè зближија со сите земји од словенското јазично семејство, со сите земји од балканскиот јазичен сојуз, што е, верувам, исклучителен научен предизвик.

Голема придобивка од Меѓународната конференција за нас претставуваат трудовите на учесниците од балканолошките центри, како и присуството на научници од сите соседни земји, со што се покажува дека за науката не постојат граници. А, сево ова оди во прилог на афирмацијата на македонскиот јазик, литература и македонистиката како наука“.

Обраќајќи се пред професорите, домашните и странските слависти и македонисти, Костадиновска-Стојчевска го искажа задоволството од постигнатите резултати од научните трудови во изминативе децении, кои ја издигнаа македонистиката во призната и привлечна наука, а ја афирмираа македонската литература споредувајќи ја со дела од светската книжевност.

„Вашиот влог во развојот и афирмацијата на македонистиката како наука е бесценет, вашите вредни трудови дадоа поттик и за младите истражувачи да се посветат на теми посветени на Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Божидар Видоески, Благоја Корубин или, пак, на истакнатите македонски писатели Димитар и Константин Миладинов, Ѓорѓи Абаџиев, Славко Јаневски, Димитар Митрев, Ацо Шопов, Анте Поповски, Коле Чашуле, Живко Чинго, Горан Стефановски и др.  

Благодарение на  вашата љубов и посветеност, македонските лингвисти и литерати се застапени во престижните славистички центри, но вашиот ’широкоглед‘ му нуди на светот и научна разработка на некои општи теми, настани важни за историјата на македонскиот народ, како што се АСНОМ или Илинден“, рече Костадиновска-Стојчевска.

На Меѓународната научна конференција на Меѓународниот семинар за  македонски јазик, литература и култура при УКИМ и годинава учествуваа голем број истакнати професори, кои дадоа придонес со своите трудови во лингвистичката и во литературната секција. Големото семејство македонисти продолжува да ја развива македонистиката која е еден од најважните столбови на државава, на македонскиот идентитет и посебност.

„Зборуваме за темелна вредност на нашата држава, за заштитено духовно богатство, за загарантирана уставна категорија. Зборуваме за бедем кој цврсто и заштитнички стои пред нас, како и пред идните генерации Македонци“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска во Охрид.

Меѓународната научна конференција се одржа во две сесии, а со министерката за култура, учесниците ги поздрави директорката на Меѓународниот семинар за  македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Весна Мојсова-Чипишевска. 

Зачлени се на нашиот е-билтен