Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Патувачко кино со „Македокс“, „Медена земја“ и „Исцелител“ во Кинотека, музика за кејф со Васил Хаџиманов, МНТ со „Лагата“ во Струмица, роман од Паола Перети

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме документарни и играни филмови, театарска претстава, музички албум и книга. Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: Патувачко кино на Македокс

Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ го започнува годинешното издание на Патувачкото кино, кое е во симбиоза со Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој годинава се одржа од 17 до 24 август во Скопје.

Патувачкото кино се враќа во својот стандарден формат на реализација по завршувањето на фестивалот „МакеДокс“.

Филмската програма на 14-то Патувачко кино на „МакеДокс“ ќе се прикаже во два термина од 8 до 11 септември во регионот околу Свети Николе и од 14 до 17 септември во велешкиот регион.

Филмските проекции на документарни филмови од програмата на „Македокс“ под отворено небо на годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Свети Николе, на 8 септември, с. Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември) во светиниколскиот регион, додека во велешкиот регион на 14 септември ќе има проекција во с. Чашка, на 15 септември во с. Теово проследена со музичка промоција, на 16 септември во с. Богомила и на 17 септември во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен.

Новитет на годинешната програма е промоцијата на музички албум на бард на македонската и екс-Ју музичката сцена пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември.

Покрај проекцијата на креативни документарни филмови во рурални средини, организирањето на Патувачкото кино е дел од пошироката рамка на децентрализација на културата низ целата држава.

Филм: „Медена земја“ и „Исцелител“ во Кинотека за Денот на независноста

На 8 септември (петок), на Денот на независноста, во Кинотеката ќе бидат прикажани две филмски остварувања, „Медена земја“ (почеток од 18 ч.) на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, и „Исцелител“ (почеток од 20 ч.) на Ѓорче Ставрески.

Влезот за посетителите е бесплатен.

„Медена земја“ (Honeyland)

Документарен филм, С. Македонија (2019, 90 мин., колор, ДЦП)

Режија: Тамара Kотевска, Љубомир Стефанов (Tamara Kotevska, Ljubomir Stefanov)

Улоги: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам (Hatidze Muratova, Nazife Muratova, Hussein Sam)

Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да ѝ ја преземе трговијата со мед. Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за „медената земја“ нѐ опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. По подолго време – конечно – фантастичен филмски продукт од ова поднебје, кое како трајна вредност го препознава целиот свет.

Фестивали и награди: Sundance Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм, кинематографери и награда „Impact and change“; DocsBarcelona 2019 – Најдобар документарен филм; DocAviv Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм; Montclair Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм…

„Исцелител“ (Secret Ingredient)

Игран филм, Македонија (2017, 104 мин., колор, ДЦП)

Режија: Ѓорче Ставрески (Gjorche Stavreski)

Сценарио: Ѓорче Ставрески (Gjorche Stavreski)

Улоги: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет (Blagoj Veselinov, Anastas Tanovski, Aksel Mehmet)

„Исцелител“ е филм на Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, а и монтажер на звукот. Веле (Благој Веселинов), механичар од железничко депо, немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му Саздо (Анастас Тановски) колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак. Набргу потоа, тој е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и растргнат од соседите-душкала, кои во него гледаат исцелител и последна надеж за оздравување…

„Исцелител“ е добитник на десетици награди и признанија во светот. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал во 2017, филмот ја доби наградата од публиката, со што стана прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жирито за сценарио на 17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел.

Театар: „Лагата“ на МНТ на 31. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“

Македонскиот народен театар (МНТ)  со претставата „Лагата“, во режија на Бесфорт Идризи, оваа година ќе учествува на 31. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица.

Претставата е работена според текст на  францускиот писател Флоријан Зелер, а улогите ги толкуваат: Јордан Симонов, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска.

„Лагата“ ќе се одигра на 12 септември (вторник) со почеток во 20:00, на сцената во театарот „Антон Панов“ во Струмица. Оваа изведба му е посветена на неодамна починатиот сценограф Крсте С. Џидров – Џиби. 

Идризи во неговата режисеркса белешка вели дека „Лагата“ е текст што говори за тоа колку можеме да бидеме искрени особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже. Иако при прв контакт со текстот, може да се добие впечаток дека негова главна тема е брачниот однос или неверството, сепак, како што и самиот наслов навестува, всушност, тоа со што се занимава текстот, а воедно и нашата претстава, е лагата како феномен.

Живееме во „лажно време“, односно во време кога лажењето е општо прифатена пракса, без разлика дали станува збор за бели лаги, лажно претставување на социјалните мрежи, лажни вести, лажни ветувања, понуди, проекти, градби, политики… ние секојдневно сме изложени на лаги од најразлични размери. Оттаму и идејата да се работи токму овој текст, при што преку еден комичен пристап ќе се фокусираме на ваквите општествени појави кои, за жал, се сѐ почести до мера што лажењето е развиено на ниво на општествено прифатлива норма.

Флоријан Зелер во „Лагата“ иако е сконцентриран во брачните односи, успева да ни понуди една широка палета на концепти, сфаќања и практики на лажењето. Ставајќи го брачниот пар во размери на микрокосмос и согледувајќи ги сите причинско- последични состојби што произлегуваат од лагите во кои се обвиткани и продолжуваат да се завиваат ликовите, лесно можеме да си ги претставиме аналогиите што произлегуваат, а се однесуваат на општеството како макрокосмос.

Музика: Албум „Keyf“ на Васил Хаџиманов бенд

Албумот „Keyf“ е осми студиски албум на бендот на Васил Хаџиманов. Изданието на дискографската куќа „Croatia Records“ содржи девет песни во продукција на Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски.

Како музичар со уникатен сензибилитет, Васил Хаџиманов е пијанист, композитор, аранжер и педагог, водечко име на регионалната џез-сцена. Наследникот на татко му Зафир и дедо му Васил, Хаџиманов ја продолжува семејната нишка на чување, изведување и ново толкување на традиционалната музика.

Насловната песна „Keyf“, потоа и „Gypsy“, „Afghan Samba“, „Helidoro’s Recipe“ и „Mente Pura”, се музички парчиња со кои Хаџиманов и неговиот бенд ја продолжуваат музичката мисија. Нивната музика е препознатлива на светските сцени, а во Србија е прогласена за уметничко дело од национално значење.

Специјални гости на овој албум се Марта Хаџиманов, Љубомир Милановиќ, Александар Петров, Газменд Бериша и Тони Китановски.

Нови членови на бендот на Хаџиманов се Растко Обрадовиќ и Ратко Даутовски, кои ќе го изведуваат овој материјал на концерти, заедно со Мирослав Товирец и Виктор Филиповски. На албумот е поместена и благодарноста до старите членови на бендот, Бојан Ивковиќ и Бранко Тријиќ.

Книга: Роман „Чекорите до црешовото дрво“ од Паола Перети

Сторијата на „Чекорите до црешовото дрво“ говори за деветгодишната Мафалда, која носи очила со жолти рамки, има мачор по име Отимо, другарка-Амазонка и најдобар другар по име Филип. Но, таа е исправена пред чуден предизвик. Ѝ откриле Старгартова болест која предизвикува постепено губење на видот и слепило.

Во дневникот започнува да ги запишува сите нешта што нема да може да ги прави – да ги брои ѕвездите на небото, да игра фудбал со машките, да се качува на црешовото дрво во училишниот двор. Набрзо дознава дека постои и инаков начин на гледање. Со чекорите го мери растојанието до црешовото дрво, во правец на опојниот мирис, и започнува нов список со нештата што сѐ уште ќе може да ги прави.

Во мракот што ја опфаќа, Мафалда, исто како и Малиот Принц, учи светот да го набљудува со срцето, а не со очите. Горчината што ја чувствува читателот само се засилува со сознанието дека и самата авторка на романот страда од истата болест.

Паола Перети (1986) е италијанска писателка. Студирала книжевност и филозофија. Дипломирала новинарство во 2011 година. Пред петнаесетина години ѝ откриле ретка генетска болест која води кон целосно слепило. „Чекори кон црешовото дрво“ е нејзин прв роман. Живее во областа Верона, каде што предава италијански јазик на децата на имигрантите.

„Чекорите до црешовото дрво“, во превод на Искра Димковска и во издание на „Антолог“ како дел од проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.

Зачлени се на нашиот е-билтен