Говорот на омраза стана редовна алатка за подривање, опструкции и минирање на општествените или политичките процеси. Затоа кога се анализира ова прашање во опција е и тезата дека говорот на омраза се злопутребува за да се загрози процесот на евроинтеграција на земјата.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Говорот на омраза е храна за политичка некултура, а тие што го произведуваат и се хранат со него го поларизираат до екстремност јавниот дискурс. Така може да се дефинира состојбата со незапирливиот наплив на говор на омраза, иако поминаа 15 години откако е регистриран како системска закана за демократијата и добрите практики во политиката, и откако се одржани илјадници работилници, семинари, самити, конференции за препознавање, за идентификација на генераторите на омразата и за препораки за негово сузбивање.
Таа состојба произлегува од алгоритамот дезинформации > говор на омраза > поларизација и се пресликува и влошува со секој нов случај, процес или настан, за кои некои од фабриките за омраза ќе се проценат дека треба да бидат „загадени“ со говор на омраза. И речиси дека нема исклучок, што, од друга страна, укажува на фактот дека говорот на омраза стана редовна алатка за подривање, корумпирање, опструкции и минирање на општествените или политичките процеси.
Проблемот со говорот на омраза веќе може да се нарече системски проблем.
Говорот на омраза (и злоделата од омраза) е феномен што има тренд на влошување и зголемување во последните две-три години. Главна причина и понатаму останува неказнивоста, иако беа донесени измени во легислативата, како и непрепознавањето и непријавувањето до надлежните институции. Ова се констатира во последниот извештај на „Метаморфозис“ за почитување на човековите права во Република Северна Македонија „Основни права-Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“
Говор на омраза е во пораст, го спонзорираат и високи функционери и јавни личности
Говорот на омраза расте од година во година, а драстично зголемување, за дури 160 отсто, е регистрирано од невладините организации на преминот од 2019 во 2020 година, на почетокот на пандемијата со Ковид-19, и таа тенденција не запира, т.е. се регистрира и денес. Според експертите на Хелсиншкиот комитет за човековите права (ХКЧП) од 2014 година до 1.6.2022 година се регистрирани 3.046 случаи на говор на омраза.
Трендот на пораст е потврден и од статистиката што ја води и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Само од 2021 до јануари 2022 година, Комисијата има донесено 14 одлуки за сторена форма на дискриминација преку говор на омраза или вознемирувачки говор искажан преку средства за јавно информирање/медиуми, а најчесто преку социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“.
Но, бројката драматично расте во 2022 година, па така Комисијата во својот квартален извештај за јануари-март 2022 година изнесува податок дека дури 50 отсто од претставките каде што е утврдена дискриминација, односно 13 претставки, се однесуваат на дискриминација сторена преку средства за јавно информирање/медиуми, а најголемиот број од нив се однесуваат на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Во една анализата „Францускиот предлог: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации“ на ИМА беше констатирано дека високи функционери на „Левица“ говорот на омраза го пренесоа од медиумите и социјалните мрежи во јавните настапи кога прво повикаа на радикализација (Апасиев предлага радикализација на опозицијата со протести, блокади и парализа на Собранието), а потоа и со отворената реторика на омраза кон претседателот на државата Пендаровски (Апасиев јавно го пцуе Пендаровски), откако првиот човек на државата на на Самитот на НАТО во Мадрид изјави дека модифицираниот француски предлог е „далеку подобар за нас во споредба со претходниот“. Ова само им даде дополнителен импулс на следбениците на Апасиев на социјалните мрежи, особено откако тој „се нафрли“ со непримерен говор и врз дел од новинарите кои изразија мислење за „францускиот предлог“ (Функционери на Левица со етикети, говор на омраза и закани за ставање на „список“ кон новинарот Попетрески)
И кога се сметаше дека кулминацијата на говорот на омраза беше постигната лани за време на уличните протести против „францускиот предлог“, таа експлозија на говор на омраза потоа се прелеа и во јавната расправа за уставните измени кои за своја цел имаат промена на Уставот на Северна Македонија со уставни амандмани за внесување на Бугарите во Преамбулата на конститутивниот акт на државата.
Реакциите и апелите не помогнаа. Говорот на омраза беше силна „придружба“ на дебатата за односите со Бугарија и на опструкциите на оваа земја во пристапниот процес на нашата земја за членство во ЕУ и во оваа фаза на овој процес – особено во епизодите „Протоколот“, „Бугарски клубови во Македонија“, „Утврдување на уставните амандмани од страна експертската група“ и во уште некои други.
Говорот на омраза со сексистичките коментари и закани
Една од типичните карактеристики на говорот на омраза на социјалните медиуми се сексистичките коментари и закани, кои се секогаш фокусирани на девојките и жените кои се погласни и поактивни кога се во прашање овие или други политички процеси.
Кога на иницијатива и на предлог на Владата се формираше експертската група која требаше да го подготви текстот на амандманите на Уставот со кои треба да бидат внесени Бугарите во конституцијата на државата, од говор на омраза не беа поштедени ниту предложените експерти.
Самите наслови на текстовите за членовите на експертската група на предлог на Владата којашто требаше да ги утврди уставните амандмани поттикнува говор на омраза. На пример овој: Еве кој ќе ги става Бугарите во Уставот: Меѓу т.н. експерти има сè, само не професори по уставно право.
Посебна мета на партиските ботови и тролови на социјалните мрежи беше професорката д-р Ана Чупеска од Правниот факултет во Скопје, кон која имаше масовен говор на омраза што го поттикна ВМРО-ДПМНЕ со дезинформацијата дека Чупеска поддржува апсење и затворање на новинари и дека не е компетентна да пишува уставни амандмани[i].
Од екстремниот говор на омраза, па дури и од отворени закани и повици за физичко насилство не се поштедени ниту граѓанските активисти. Претседателот на Цивил, Џабир Дерала е постојано мета на говор на омраза, но оваа пролет, додека се забрзуваа процесите за утврдување на уставните амандмани, кон Дерала беа упатени сериозни закани и говор на омраза.
Говорот на омраза во процесот на евроинтеграции
Справувањето со говорот на омраза, како и преземањето ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции, и обесхрабрувањето активности на приватни субјекти, може да биде прашање и во пристапниот процес на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Колку е ова важно прашање говори и фактот дека терминот „говор на омраза“ е опфатен во два кластера и споменат дури 18 пати во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија во евроинтегративниот процес за 2022 година. Со тоа, Европската Комисија го издвои говорот на омраза како особено актуелна тема, за која се формулирани неколку препораки.
Затоа ова кога се анализира ова прашање во опција е и тезата дека говорот на омраза се злопутребува за да се загрози процесот на евроинтеграција на земјата.
„Постапување по говор на омраза ќе биде дел од условите, но кога зборуваме за тоа кој говор на омраза е најштетен, тогаш прво: тоа е оној по кој не се постапува, а вториот е тој кој доаѓа од официјалните претставници на државата. И затоа изјави од граѓани на социјални мрежи или во јавност се дел од „големата врева“, но се нерелевантни за евроинтегративниот процес. Ако тој говор доаѓа од политички претставници, пратеници или државниот врв, тогаш тоа е штетен говор кој го нарушува процесот“, вели Андреја Стојковски од Институтот Преспа во истата анализа на Радио Слободна Европа.
Нападите врз македонските Бугари и бугарските културни центри влегоа и во извештајот на ЕКРИ за Македонија.
Вечното прашање: Што да се прави?
Она што може да се заклучи од оваа анализа се совпаѓа со утврдените сознанија дека говорот на омраза како алатка за засилување н а дезинформациите, спинувањето и предизвикувањето на сомнежи и недоверба во процеси и институции. Во овој случај, говорот на омраза, освен што го поларизира јавното мислење, го таргетира и процесот за евроинтеграции на земјата.
И во овој случај, говорот на омраза има јасни обрасци и на експлицитно и на имплицитно ниво, односно и кога станува збор за содржината и кога станува збор за формата. Содржината е лесно препознатлива, пред сè во вокабуларот што е непристоен и не е соодветен за јавен говор.
Постојат безброј примери, особено во медиумите. Освен објавите и коментарите на социјалните мрежи, дополнително загадување на јавниот простор со говор на омраза се прави и преку нефилтрираното пренесување на зборовите на учесниците во настани што шират говор на омраза, како правењето публицитет од нешто што не го заслужува вниманието од аспект на јавниот интерес и на етичката и политички културната комуникација.
Од друга страна, дури и сопствениците на личните профили и пејџови на социјалните мрежи, доколку не сакаат нивниот „личен простор“ на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Тик-Ток и други социјални мрежи да им биде запоседнат од луѓе кои сеат говор на омраза, можат или да ги исклучи од списокот на пријатели на Фејсбук или да ги модерираат коментарите.
Како најважно останува она што експертите од Хелсиншкиот комитет за човекови права го препорачуваат. Надлежните институции, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, судовите, како невладиниот сектор како монитор и „детектор“ на трендовите на говор да воспостават поефикасна соработка и комуникација и да ги применуваат законските решенија за казнивост, а со тоа и за превенција од говор на омраза.
*Текстот е скратена верзија од анализата „Уставните измени во алгоритамот дезинформации – омраза – поларизација“од публикацијата „Уставните измени во медиумите: дезинформации, медиумски манипулации, говор на омраза (анализи)“ на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА). Анализата во целост, како и другите поглавја од публикацијата можете да ја најдете на овој линк.