За платформата #ДеполаризирајСе, дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: придонес на граѓанското општество“, Институтот за медиуми и аналитика ИМА разговараше со Народниот правобранител, г. Насер Зибери.
По првиот дел посветен на активностите на институциите во преговорите за членство во ЕУ поврзани со функционирањето на демократските институции, владеењето на правото, административната правда и меѓусекторската соработка, во вториот дел од интервјуто зборуваме за поплаките за корупција, случајот со Онкологија и проблемите на пациентите со ретки болести, најчестите форми на дискриминација и говор на омраза и активностите на Народниот правобранител за решавање на овие проблеми.
ИМА: Колку претставки за корупција пристигнуваат од страна граѓаните и како постапува Народниот правобранител во вакви случаи? Го имавме последниот случај со скандалот во Клиниката за онкологија. Во нашиот проект „Деполаризирај се“ исто така доаѓаат многу жалби од граѓани со ретки болести. Како дејствувате при вакви случаи?
Зибери: Народниот правобранител во оваа смисла делува во димензија на заштита на правата на граѓаните во областа на здравствената заштита. Областа на антикорупција е поле на друга институција, факт е дека и кај нас се обраќаат. И, ние сите тие претставки и жалби ги упатуваме до надлежниот орган, односно до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (корупција н.з).
Во овие осум месеци, сега сме во деветтиот месец, имавме 8 претставки, значи граѓаните се информирани дека институцијата на која треба да се обратат е Антикорупциската комисија. Но, и тие што доаѓаат кај нас, ги упатуваме таму.
Што се однесува до вториот дел од проблемот, да, ние покренавме неколку иницијативи и приморан сум да кажам дека не сме задоволни од соработката со Министерството за здравство. Се надевам дека актуелниот министер почна да дава нов импулс во оваа насока и очекувам да ги исполни ветувањата дадени по неговото именување. И, имавме иницијатива за покренување на прашањето за проширување на позитивната листа на лекови, кои не се ажурирани цели десет години. Во меѓувреме, излегоа медикаменти и лекови кои се многукратно поефикасни од постоечките, а граѓаните се принудени да плаќаат за нив. Значи, потребно е освежување на оваа листа, одговорот на министерот е дека целосно се согласува со нас и дека истото ќе го испрати до соодветната комисија, бидејќи за ова има посебна комисија, но главната виза мора да ја даде Владата, бидејќи финансиските импликации одат преку Буџетот и Фондот за здравствено осигурување.
Исто така, имавме иницијатива за лицата со ретки болести, кои исто така немаат пристап до институциите и особено до лековите за нивен третман. Медиумски најексплоатиран е случајот со набавката на лекот „Трикафта“, кој што беше целосно недостапен и како резултат на тоа имавме дури и една жртва. За овој случај констатиравме сериозно кршење на правата на граѓаните во здравствената сфера, и дека за тоа е одговорна власта, односно, државата не овозможила навремено рефундирање на овие лекови за лицата со вакви случаи.
Случајот на Онкологија е уште подраматичен случај и се надевам дека тој случај ќе има судски епилог, но, како и да е, ние го следиме во смисла на заштита на слободите и правата на граѓаните. Имавме и жалба во врска со ова и во моментов ја обработуваме. Но, велам, повеќето вакви слични случаи во здравството се од период кој не е поврзан со актуелниот министер, но можеби мојот впечаток не е точен. Ми се чини дека и покрај неговите напори, резултатите сè уште недостасуваат, значи дека губи чекор со проблемите со кои се соочува.
Зибери: Доминираат жалбите за дискриминација при вработување и во образованието, како и жалбите кај децата, лицата со попреченост и ромската заедница
ИМА: Какви иницијативи и мерки презема Народниот правобранител за изградба на демократско општество на еднакви граѓани, што подразбира и ефикасна борба против сите форми на дискриминација и говор на омраза?
Зибери: Дискриминацијата е еден од основните мандати на институцијата Народен правобранител и тоа го предвидува и Уставот, член 77, кој ја регулира положбата на институцијата Народен правобранител и, таму е изразито наведено дека Народниот правобранител се грижи за заштита од дискриминација, и тоа врз етничка база и од друга природа – вклучувајќи ја тука и правичната и пропорционална застапеност на граѓаните во јавниот сектор.
Како резултат на тоа, имаме два сектори кои се занимаваат со ова прашање. Еден, што постапува врз основа на претставките што ни се доставуваат, а минатата година имавме 38 претставки од областа на заштитата од дискриминација, и покрај тоа што сега постои посебна институција, соодветната Комисија, но, и народниот правобранител има мандат за заштита од дискриминација.
И, ако се направи анализа на претставките поднесени до институцијата Народен правобранител, ќе се види дека доминираат претставките за дискриминација во сферата на вработувањето или работните односи. Тука често доаѓа до ситуации кога треба да покренеме постапки за злоупотреба на етничката припадност во областа на вклучување во јавниот сектор, бидејќи како што знаете, и со закон е предвидено сите институции да внимаваат во случај на прифаќање административци по етничка структура, на начин за да има баланс на застапеноста.
И, една мошне истакната област во сферата на дискриминацијата, покрај работните односи, е и образовниот процес. За жал, минатата година констатиравме два екстремни случаи на дискриминација во форма на сегрегација во две основни училишта, во Штип и во Битола, кои, за жал, и од Европскиот суд за човекови права во Стразбур ги потврдија со правосилни одлуки дека во овие училишта има сегрегација кон учениците од ромската заедница.
Што може да направи народниот правобранител, прашавте во вториот дел. Народниот правобранител, се разбира, мора да го крене својот глас против сите форми на дискриминација, а особено кон две истакнати категории: лицата со пречки во развојот, децата, и припадниците на ромската заедница – како три најранливи и кревки категории во нашето општество. За жал, во сферата на заштитата на правата на лицата со пречки во развојот или хендикеп, а особено правата на децата, иако има две меѓународни конвенции кои нашата земја ги усвоила и веќе претставуваат дел од законодавството на земјата, ние сме далеку од исполнување на условите.
Минатата година потпишавме меморандум за соработка со невладиниот сектор, односно со оние здруженија кои ја следат работата на институциите во правец на елиминирање на дискриминацијата, но, за жал, резултатите недостасуваат многу. Ќе ви кажам само некои типични случаи.
Во изборниот процес, лицата со попреченост немаат пристап во 37 проценти од гласачките места за да го остварат своето гласачко право. Во некои јавни институции, исто така, имаат пречки за пристап до овие институции, вклучително и институцијата која треба да ги заштитува нивните права, односно институцијата Народен правобранител. Ние, според стандардите потребни за пристапност за овие лица до јавните институции, не сме компатибилни. Зошто? Затоа што Министерството за финансии не ни дава доволно средства да ја адаптираме нашата пристапност за овие лица.
Децата, и тие со пречки во развојот и како најчувствителна и најкревка категорија, се исто така под наша опсервација, а овие тенденции на дискриминација се присутни сè уште.
Ќе ги земам за пример само последните два случаи за кои покренавме предмети, а тоа се: оневозможувањето настава на мајчин јазик за учениците од село Идризово, иако во постојното училиште има простории, учениците од прво до петто одделение јаа одвиваат наставата таму, а од петто па нагоре се спречени да ја продолжат наставата на албански јазик во соодветното училиште во Идризово.
Слично е и во средното училиште, гимназијата на градот Велес. Иако случајот со Велес е малку комплициран, во смисла што самиот конкурс беше неадаптиран и предизвика дел од учениците кои се пријавиле да не го исполнат бројот од 60 бодови што ги бара конкурсот за запишување во гимназија, а не беше предвидено отворање на паралелка на албански јазик за ученици со број на бодови под 60, иако има стручни занаетчиски училишта за кои се потребни 40 бодови, а не 60, како што се бара за гимназија, и како резултат на ова недоразбирање, на тие ученици им е сторена неправда со тоа што не можат следат настава на албански јазик. Значи, сферата на образованието останува една од најпроблематичните сфери, во кои се присутни тенденциите за дискриминација.
Се разбира, Народниот правобранител треба да продолжи и понатаму уште да ги следи овие ситуации, но и да покренува иницијативи. И, кога сум тука, во функција на овие иницијативи е и нашиот предлог за промена на Законот за средно образование, во кој треба да се воведе обврската на државата да дава стручни и образовни асистенти. Затоа што, според сегашната законска регулатива, ова право го имаат само децата во основното образование, иако и таму имаме проблеми, бидејќи некаде 80 проценти од учениците со попреченост се опфатени со стручен или образовен асистент, додека во средното образование, односно кога овие ученици преминуваат во средно образование, државата нема обврска да им ја продолжи стручната или образовната асистенција, и родителите се принудени со свои средства да обезбедат ваков кадар. Ова, според меѓународните конвенции, треба да биде обврска на државата.
Зибери: Многу поплаки за говор на омраза кон лица од бугарска етничка припадност и кон ЛГБТИ групите
ИМА: Сосем накусо – дали сте вклучени во активности за спречување на говорот на омраза?
Зибери: Го следиме говорот на омраза, имаме многу жалби. И, тука ќе истакнам два феномени: феноменот на жалби што доаѓаат од луѓе кои се декларираат со бугарска етничка припадност, кои се жалат дека се цел на тези кои се пласираат особено на социјалните мрежи, и нагласени тенденции исто така во овој домен на мас-медиуми за предизвикување дискриминација, дискредитација на лица од ЛГБТИ групите, кои се исто така во фокусот на овие тенденции.
Ние, за жал, имаме нагласени ситуации, имавме неколку жалби на оваа адреса, еден број нѝ беа одбиени, затоа што МВР не успеа да ги документира и да ги аргументира со доволно материјали и, како резултат на тоа, соодветните обвинителства ги одбиле. Но, мислам дека оваа сфера би требало да се третира и понатаму, иако, барем според моите информации, претставниците на граѓанското општество, но и на медиумите се чини дека сакаат сферата на комуникација на социјалните мрежи, на електронските мрежи да остане ваква каква што е, што значи да нема законска регулатива, што од друга страна остава простор за нивна злоупотреба.
Слободата на секој досега до таму каде што не се попречува слободата на другиот. Во моментот кога моите постапки ги допираат вашите права и слободи, тогаш јас сум стапнал на терен кој е казнив, односно се санкционира, без разлика во каква форма сум го направил тоа: преку медиумите, преку постапувањата на администрацијата или некое друго дејствие.
Разговараше: Петрит Сарачини, на 21.09.2023 г.
Камера и монтажа: Жарко Трајаноски
Транскрипт и превод: Меритон Туша