Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Изложба „Духовното во апстрактното сликарство“ на Татјана Миљовска во галерија „Метаноја“

Во галеријата „Метаноја“ утревечер (среда, 19 часот) во центарот на Скопје ќе биде отворена изложба на дела од Татјана Миљовска, насловена „Духовното во апстрактното сликарство“. Ќе бидат изложени слики творени во последните пет-шест години, изработувани истовремено со нејзиното теоретско дело, книгата „Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство“.

За делата – сликите и теориските записи – ќе зборуваат Никола Гелевски од издавачката куќа „Темплум“, д-р Коста Милков од галеријата „Метаноја“ и авторката Татјана Миљовска.

Главна преокупација на авторката е возобнување на духовните стремежи во современ контекст, а врз основа на темелите поставени од историската авангарда, во време на длабока криза во која што е западнато нашето општество. Преку сликарството, Миљовска ја истражува и ја открива визијата за примарната духовност, која во почетокот на овој век се манифестира како еколошко просветлување и ни ја предочува основната човекова предиспозиција за создавање хармоничен однос со природата, благодарение на интуицијата и на креативната емоција.

Во таа смисла книгата претставува прво интердисциплинарно толкување во македонската културологија кое преку сликарството, екоантропологијата и медитацијата дава решение за излез од духовната криза. Сликарството како уметност заради уметност нè инспирира да го откриеме себството, нашата подлабока природа која е чиста светлина. За потоа, во социјалниот ангажман и активизам таа светлина да биде извор на екосвеста и на екокултурата, што ќе го замени консумеризмот, се наведува во текстот-најава за изложбата.

Зачлени се на нашиот е-билтен