Грција и Македонија вежбаа заедничка истрага на економски криминал

Институции од Северна Македонија и Грција денеска во Скопје учествуваа на симулациска вежба за взаемна правна помош во случаи на економски криминал, со цел подобра координација при прекугранични истраги и размена на информации.

Вежбата беше организирана на иницијатива на Амбасадата на Грција во Скопје, во соработка со Мисијата на ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи.

Во неа учествуваа претставници од Министерството за финансии, правосудните институции и други органи вклучени во откривање и гонење економски криминал.

Симулацијата ја координираше Стилијанос Биос, претседател на Првостепениот суд, кој од февруари 2022 до јануари 2024 година работел како национален експерт во Eurojust.

На отворањето се обратија Едвард Андерсон од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и вршителката на должноста амбасадор на Грција во Скопје, Христина Василату.

Василату оцени дека Македонија и Грција, како соседни земји и сојузници, имаат простор за значително посилна практична соработка, особено во областите на правосудството и внатрешните работи.

Таа посочи дека симулациската вежба е почеток на нова серија активности што грчката амбасада ќе ги поддржи во наредните месеци.

„Билатералната соработка меѓу нашите две земји претставува мост, простор во кој нашите институции можат да воспостават канали на соработка што ќе ја направат идната соработка понепречена и поприродна“, рече Василату.

Според неа, Грција како членка на Европската Унија ја поддржува Македонија во усогласувањето со европското право.

Вежбата е дел од проектот за подобро справување со прекуграничниот економски криминал, договорен во мај годинава меѓу Амбасадата на Грција и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Целта на проектот е институциите од двете земји да развијат попрактични механизми за размена на информации, правна помош и координација во случаи во кои финансиските текови и криминалните активности ги надминуваат националните граници.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?