Падот на Вучиќ и победата на студентите е само почеток на една долга и сериозна институционална транзиција, е заедничката оценка на аналитичарите што ги консултирша Рацин.мк, а тоа се првите пораки и на некои од лидерите на студентското движење.
Љубиша Николовски истакнува дека „сега почнува потешкиот дел: студентите треба да докажат дека можат да управуваат со државата, а не само да ја победат досегашната власт“
„Според мене, Србија влегува во една од најчувствителните политички пресвртници во последните децении и покрај убедливата победа на студентите, можеби токму сега започнува потешкиот дел од политичката криза.
Причината е што изборната победа и преземањето на реалната власт не се исто. Студентското движење доби силен мандат за промени, но мора да се соочи со институции, политички структури и интереси што се формирале во текот на долгогодишното владеење на Српската напредна странка“, оценува Љубиша Николовски.

Според Николовски најголемиот предизвик за новата власт ќе биде како да ги промени институциите без државата да влезе во долготрајна конфронтација.
„Во Србија, политичкото влијание на СНС се градеше со години. Затоа, дури и ако студентите формираат влада со мнозинство, ќе наследат институции во кои многу раководни позиции биле пополнувани во периодот на владеењето на Вучиќ.
Делови од администрацијата, јавните претпријатија и безбедносните структури можеби нема лесно да прифатат промена на политичкото раководство. Не значи дека сите ќе пружат отпор, но новата влада ќе мора да утврди каде има професионална неутралност, а каде евентуално постојат партиски зависимости“, укажува Николовски.
Анализите и пред изборите предупредуваа дека и победата на студентите може да донесе период на тешка институционална транзиција, а не автоматска стабилизација.
Промените во Србија ќе се рефлектираат и во регионот со оглед на фактот дека земјата е еден од посериозните фактори на Западен Балкан, а за Македонија, смета Николовски, последиците се директни, затоа што северниот сосед е еден од најважните политички и економски партнери во регионот.
„Ако транзицијата биде успешна, може да има и неколку позитивни ефекти како предвидливост во регионалната соработка, поцврста посветеност на владеењето на правото, подобри услови за економска соработка и инвестиции, нова динамика во односите меѓу Србија, ЕУ и другите земји од Западен Балкан.
Но, ако Србија влезе во долготрајна политичка криза, последиците би можеле да бидат спротивни. Регионалните проекти би се забавиле, а политичките тензии би можеле да влијаат и врз односите со соседите“, оценува Љубиша Николовски во разговорот со Рацин.мк.
Судирот на Генерацијата З со автократските политички модели
Ласло Андор, унгарски економист и поранешен еврокомесар за вработување, социјални прашања и инклузија од 2010 до 2014 година, денес генерален секретар на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS), вели дека „како падот на Орбан, и промената на власта во Србија ќе има меѓународни последици.
„Во Централна и Југоисточна Европа постоеше мрежа на автократски и крајно десничарски владетели. Но да не се залажуваме. Дури и ако Орбан и Вучиќ повеќе не се на власт, токму сега бевме сведоци на враќањето на Јанез Јанша, а крајната десница останува силна и во Австрија. Промената на власта во Белград може да даде нов поттик за проширувањето на ЕУ, доколку владата што произлегува од студентското движење се формира брзо и јасно се обврзе на европската интеграција. Македонија може да има корист од таквиот „ветер на промени“. Сепак, ЕУ ќе продолжи да ги оценува земјите кандидатки поединечно, а пресудни и натаму ќе бидат домашните фактори“, вели Андор за Рацин.мк.
Емир Хасановиќ, експерт за безбедносни прашања и стратегиски комуникации во разговорот за Рацин.мк за постизборните очекувања во Србија ирефлексиите од нив во регионот, вели „луѓето се жедни за промена особено миленијалците и ген-З кои не толерираат веќе анахронични тези, политичари без визија, стопанства кои не се во чекор со времето, култура која не припаѓа во развиениот свет, стандард кој не дозволува простор за мечта“.
„Не заборавајте дека истото и од слични мотиви се случува во Албанија. Тешко дека Тирана нема да го следи темпото на Белград. А за тоа како ќе се одрази тоа на Македонија, тоа зависи од граѓаните на Македонија, пред и над сѐ од студентите и младите. Ген-З треба да ја даде енергијата, миленијалците зрелоста, генерацијата Икс искуството и сталоженоста. Останувам на ставот дека останатите се гости на овој свет кои треба да се тргнат од патот и да учествуваат кога би биле поканети и повикани, со чест на исклучоци“, вели Хасановиќ.

