ЏАБИР ДЕРАЛА
Земјотресот што ги погоди Туркије и Сирија, со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, најсилниот во последните 80 години, уште еднаш ја покажа длабоката поделеност на светот. Во моментот кога се подготвува овој текст, бројот на жртвите е преку 24.000 и десетици илјади повредени. Спасувањето на оние што останаа заробени под урнатините е тешко, на моменти хаотично, а на многу места е невозможно – нема доволно луѓе, механизација, вештини… Згора на сета трагедија, во погодените региони се бележат ниски зимски температури. Често се губи трката за спасување на човечки живот повеќе.
Трагедија од која се кине срцето. Кога ги гледам снимките и фотографиите од разурнатите подрачја, ме опфаќа силно чувство на немоќ. И восхит, од несебичноста и пожртвуваноста на спасувачите и сите што поитаа да помогнат на било кој начин.
Помошта на настраданите во Туркије пристигна од самата држава и од целиот свет. Но што е со Сирија? Земјата е веќе разорена од крвава и деструктивна граѓанска војна што трае повеќе од една деценија. Во северните делови каде што земјотресот ги разурна и оние места каде што воената деструкција не стасала, повеќе од четири милиони луѓе живееја со последиците од тешка хуманитарна криза која трае со години.
Новинарските екипи кои пристигнаа во разурнатите подрачја во Сирија, известуваат дека првите четири дена и ноќи по силните потреси, воздухот бил исполнет со крикови, лелек и повици на помош. Најгласни биле жените, мајки, сестри и сопруги на жртвите што останале под урнатините. Нивните извици биле измешани со заглушувачките звуци на уривањата и поместувањата на почвата во последователните потреси. Петтиот ден, се вели во еден извештај, криковите и потресите стивнале. Тие што биле под урнатините се предале, тие што барале помош и безнадежно копале по урнатините со голи раце – го изгубиле гласот и силата.
На ова заборавено и со крв натопено парче од планетата, северозападна Сирија, контролата е во рацете на вооружени групи, за некои бунтовници и револуционери, за други терористи. Таму не пристигнаа меѓународни спасувачи.
Не пристигнала ниту една пратка со лекови против болки за преживеаните, а залихите се на нула, се вели во извештаите. Само десетина километри подалеку, преку границата во Туркије, од првиот ден се слеваат илјадници тони хуманитарна помош. Тимови за спасување пристигнаа дури и од далечниот Тајван. Што е за максимална пофалба. Тоа што боли е отсуството на хуманост за милионите луѓе на само десетина километри од границата. Како да се невидливи.
Но Сирија, поделена и измачена од воени разорувања, остана изолирана, оставена сама на себе, да ги расчистува урнатините и да се бори за човечките животи. Како да не беше доволно тоа што животот на Сиријците се состои во постојано влегување во нови кризи, уште потешки од претходните, соочени со глад, смрт и раселување.
Извор: CivilMedia