Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕК предложи над 50 милиони евра помош за грчките и словенечките земјоделци погодени од природни катастрофи 

– Европската комисија денеска претстави предлог за помош во износ од 51,7 милиони евра како директна поддршка за грчките и словенечките земјоделци погодени од природни катастрофи, информира портпаролот на ЕК за земјоделство и трговија Олоф Гил. 

Според Гил, оваа сума е предвидени од средствата за земјоделските резерви за 2024 година, при што 43,1 милиони евра ќе бидат наменети земјоделците во Грција, а 8,6 милиони евра за оние во Словенија. 

– Во август Словенија се соочи со поројни врнежи и бури кои предизвикаа лизгање на земјиштето и поплави. Во исто време, во текот на август и септември, Грција се соочуваше со големи шумски пожари, проследени со поплави, кои нанесоа сериозно последици врз земјоделскиот сектор во погодените региони, изјави Гил. 

Според оценките на ЕК, како што јави дописникот на МИА од Брисел, значителните штети што овие елементарни непогоди им ги нанесоа на земјоделците во Грција и Словенија ја загрозуваат економската исплатливост на земјоделските стопанства во двете земји. 

Гил додаде дека властите на Грција и Словенија директно ќе ја дистрибуираат помошта до земјоделците за да ги надоместат нивните економските загуби, додавајќи дека исплатите се очекува да бидат извршени до 31 мај 2024 година.  

За предлогот на Еврокомисијата ќе треба да се изјаснат земјите членки на Унијата на состанокот на Комитетот за заедничка организација на земјоделски пазари, закажан за 30 ноември.  

Доколку предлогот биде одобрен, според Гил, тој ќе биде усвоен и брзо ќе стапи во сила со цел грчките и словенечките власти да може да го спроведат без одлагање. 

Во јуни 2023 година, Европската комисија веќе додели 15,8 милиони евра помош за Грција и 1,2 милиони евра за Словенија од земјоделските резерви за 2023 година, средства кои се наменети за поддршка на земјите членки на ЕУ погодени од климатски непогоди и макроекономски предизвици. 

Во рамки на поддршката за справување со климатските промени и намалување на ризиците, Словенија доби над 92 милиони евра за заштита од поплави за периодот 2014-2020 година, а словенечките власти предвидоа и дополнителни 109 милиони евра за инвестиции во периодот 2021-2027 година. 

Од друга страна, за инвестиции поврзани со мерките и ризиците за прилагодување кон климатските промени, Грција одвои 325 милиони евра за периодот 2014-2020 година и дополнителни 727 милиони евра за рамката 2021-2027, првенствено наменети за справување со поплави. 

Согласно правилата на Унијата, секоја земјите членки, исто така, може да аплицираат за средства преку Фондот за солидарност на ЕУ (ЕУСФ) врз основа на проценките на штетите предизвикани од елементарни непогоди. Словенија и Грција веќе поднесоа барања за поддршка од ЕУСФ, кои во моментов се проценуваат од страна на Европската комисијата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен