„Заштита и превенција од секаков вид на насилство за задржување на интегритетот на жената и овозможување на достоинствен живот кој ветува еднакви права започнува токму со говорењето за тие права. Дигитализацијата, социјалните медиуми и животот кој полека ни се префрла во виртуелниот свет ни донесе нови облици на насилство врз жените. Токму затоа оваа година фокусот на кампањата го ставаме на демнењето, онлајн вознемирувањето, говорот на омраза, сексуалното насилство, злоупотребата на интимни фотографии, фемицидите и вознемирувањето на работно место. Секој од овие облици на насилство уверена сум дека ја допира секоја од нас, нашите пријателки, нашите колешки“, со овие пораки министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска го отвори настанот со кој се најави кампањата „Сложувалка“.

Вечерва во Македонска Опера и Балет Министерството за труд и социјална политика заедно со канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија со поддршката од Британската амбасада го означија почетокот на кампањата „Сложувалка“ која се спроведува во пресрет на 16 денови активизам за борба против насилство врз жените.
Тренчевска на настанот ги охрабруваше жените и повика на заедничко делување на само на ниво на држава и институции туку заедничко делување на целото општество.
„Уверена сум дека секој од нас тука верува во еднаквоста, во можностите , затоа Ве повикувам : да го ставиме нашето парче во сложувалката, да охрабриме, да поддржиме, да пријавиме и да се избориме, да го осветлиме заедно мракот на насилството – за нас, за нашите деца, за оние девојки кои живеат во сенката на молкот и стравот, за жени оние кои ги изгубија своите животи“, изјави Тренчевска.

