Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пропаганден театар на Лавров во Скопје: Наместо да одговара на прашања на новинарите, се расправаше со нив

Напишан говор и расправии со новинари беше тактиката на Сергеј Лавров на прес-конференцијата; Фото: Мета.мк
Напишан говор и расправии со новинари беше тактиката на Сергеј Лавров на прес-конференцијата; Фото: Мета.мк

Наместо да биде присутен на пленарната сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ, Русија во Скопје организираше прес-конференција во форма на пропаганден театар за да го одвлече вниманието од клучните безбедносни прашања што ја засегаат цела Европа, ја оцени конференцијата за новинарите главниот уредник на агенцијата МЕТА Бојан Блажевски.

Бојан БЛАЖЕВСКИ

Русија од пресот на Сергеј Лавров денеска направи пропаганден театар во срцето на Скопје, a со цел да го засени последниот ден и заклучоците од Министерскиот совет на ОБСЕ. Уште пред да заврши прес-конференцијата на нивниот министер за надворешни работи, Руската амбасада во Скопје објави пост на Фејсбук со кој го портретира Лавров дека не бил изолиран на Министерскиот совет на ОБСЕ.

„Прес-конференција на Министерот Сергеј Лавров по резултатите на Министерскиот совет на ОБСЕ среде „изолација“. Изолација(та) е таква, преполна“, се вели иронично во објавата на Амбасадата.

Уште пред да започне самата прес-конференција, имаше снимања на руските новинари од преполната сала, во која требаше да има говор рускиот министер за надворешни работи. Од рускиот државен телевизиски канал „Русија“ имаа јавување во живо од самата прес-сала, при што од самиот почеток на прес-конференцијата се знаеше дека присуството на новинарите, фоторепортерите и снимателите ќе биде искористено за пропагандни цели на Русија.

И покрај тоа што руското Министерство за надворешни работи (МНР) пред доаѓањето на Лавров во ОБСЕ објави дека има голем интерес од многу министри да се сретнат со него, веб-страницата на руското МНР вчера и денеска е оскудна со информации за средбите на Лавров со неговите колеги. Вакви средби тој имаше само со унгарскиот, ерменскиот и казахстанскиот министер за надворешни работи, како и со актуелниот и иден претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи и Иан Борг. Огромниот дел од министри за надворешни работи го бојкотираат Лавров, а тој во Скопје не беше примен ниту од македонскиот премиер Димитар Ковачевски, ниту од претседателот Стево Пендаровски.

Општиот впечаток од прес-конференцијата на Лавров е дека им се даде предност на медиумски куќи од Русија, како и оние коишто имаат проруска уредувачка политика. Прашања успеа да постават новинари од рускиот телевизиски канал „Русија“, руската новинска агенција ТАСС, руските весници Известија и Комсомолска правда, Раша Тудеј, српскиот весник Политика, турската новинска агенција Анадолу и бугарската новинска агенција БГ Њуз.

Уште пред самиот почеток на прес-конференцијата, беше најавено дека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова е таа која што одлучува на кого од новинарите ќе му се дозволи да му постави прашање на Сергеј Лавров. Координацијата се одвиваше во целата сала пред очите на медиумските екипи, делумно и со фотографирање на присутните новинари во салата од страна на претставници на руската делегација.

Девојката со телефонот која определуваше кој од новинарите смее да постави прашања; Фото: Мета.мк

Во оние случаи кога Захарова им дозволи на дел од новинарите да постават критички прашања кон Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи одговораше во остар тон, делеше лекции кон новинарите, критикуваше дека не ја познаваат историјата и користеше пропагандни техники од типот на Whataboutism.

„Имате јаз во вашето знаење на историјата“, му одговори Сергеј Лавров на македонскиот новинар Боби Христов од ТВ Телма на прашањето за тоа кој е поголем хипокрит – Русија или Западот во однос на актуелните прашања за ОБСЕ и Украина.

На прес-конференцијата рускиот министер си зема за дозвола да определува кој е вистински новинар а кој не, како и тоа кој знае историја а кој не знае | Фото: Мета.мк

На упатеното прашање на новинарката Александра вон Нахмен од Дојче Веле кон Лавров за тоа дали Русија ако не верува во иднината на ОБСЕ планира да ја напушти Организацијата, рускиот министер започна да се расправа со новинарката, наместо да одговори директно на нејзиното прашање.

По ова, Александра вон Нахмен на Твитер го напиша следново:

„Пресот на Лавров во Скопје – тотално губење на време. Бескрајни лажни жалби против Западот, лажни обвинувања против Украина. Затоа што ја предизвикав Марија Захарова да добијам збор и јас а не само пропагандистичките медиуми, таа ми дозволи да поставам прашање – само за Лавров да ме обвини дека не сум вистински новинар и дека известувам само за она што германската влада сака да правам, што како што тврди Лавров, никогаш не се случува со Русија“, напиша новинарката од Дојче Веле на Твитер.

На прашањето на новинарот од Фронтлајн за случувањата со загинувањето на косовскиот полицаец кај Бањска на северот од Косово во септември годинава и за можноста Србија да била инструирана од Русија за да почне конфликт на Балканот преку Косово, Сергеј Лавров не даде конкретен одговор. Лавров му објасни на новинарот дека ако е претставник на медиум, треба да ги пренесува изјавите онакви какви што се.

Инаку, рускиот министер за надворешни работи повтори дека е индиферентен кон пленарните сесии што се одржуваат во рамките на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Всушност, Сергеј Лавров избра да организира пропаганден театар пред новинарите во Скопје.

Марија Захарова и Сергеј Лавров во пропагандистичко танго во Скопје, Фото: Мета.мк

Во целата низа на обвинувања што ги испрати, Лавров украинското раководство и на прес-конференцијата го нарече „киевски режим“, додека на чело на земјата биле „неонацисти“. Лавров ги нарече шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и американскиот државен секретар Ентони Блинкен кукавици кои избегале од средба со него.

За Северна Македонија, Лавров рече дека се наоѓа на листата на непријателски земји поради одлуките кои ги донесувала македонската влада и токму поради тоа земјава била вметната на оваа листа, но и дека тоа не важело за македонскиот народ.

Во оние моменти кога дел од новинарите се обидоа да ја заобиколат Марија Захарова и нејзиниот избор на новинари кои смеат да постават прашање, се случи и еден инцидент. На бугарски колега кој сакаше да постави прашање му беше одземен микрофонот, бидејќи не е избран од портпаролката на руското МНР за да постави прашање.

*Чинот на одземање на микрофонот на бугарскиот новинар поради тоа што не доби дозвола од Марија Захарова да постави прашање; Извор на видео: Порталб.мк

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова на Телеграм не пропушти ниту да го обвини весникот „Слободен печат“ дека немал храброст да зборува за американските „манипулации“. Новинарката од „Слободен печат“ немаше можност да постави прашање по повод ваквиот коментар на Захарова пред почетокот на прес-конференцијата на Сергеј Лавров, а весникот „Слободен печат“ објави официјална реакција на ваквото обвинување на Захарова.

Инаку, откога заврши прес-конференцијата на рускиот министер за надворешни работи, новинарите од Руската Федерацијата кои беа дојдени со него на Министерскиот совет во Скопје си заминаа заедно со Лавров од спортскиот центар „Борис Трајковски“ на лет за Москва.

Бидејќи на новинарите на Мета.мк и на Порталб.мк од портпаролката на руското МНР не им беше дозволено да постават по едно прашање кон рускиот министер за надворешни работи за време на прес-конференцијата, неодговорените прашања се одлучивме да ги објавиме овде:

  1. Нели мислите дека однесувањето на вашите дипломатски претставништва во Скопје и Софија на социјалните мрежи дополнително го продлабочува македонско-бугарскиот спор? Секогаш кога ќе се случи заострување на спорот, на официјалните мрежи на социјалните мрежи на Вашите дипломатски претставништва се појавуваат содржини кои се ставаат на едната страна што ја разлутува другата страна во спорот преку реторика во која се користат термини како „фашистички окупатори“, „ослободување од фашистичкиот окупатор“, потоа со честитање на заеднички празници само на едната страна, иако тие празници се слават во двете држави и слично. Дали ова се прави свесно и намерно?
  2. Многу сакате да го цитирате Володимир Зеленски во вашиот говор, господине Лавров. Всушност, украинскиот претседател Володимир Зеленски пред неколку дена изјави дека Украина има докази за руската намера да започне конфликт помеѓу балкански земји и дека ова треба да биде второто отргнување на вниманието на светот од војната во Украина откако веќе започна кризата на Блискиот Исток. Би можеле ли да ни дадете коментар на ваквата изјава на Зеленски?

Зачлени се на нашиот е-билтен