Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН 5: За Бригита и нејзиното тело во кое треба да се живее

„Македонската книжевна жена“ од Ирина Тумбовска е прва книга во која се анализираат женските ликови во македонскиот роман со цел да се издвојат модалитетите на женскоста во него. „Исправувајќи се пред одредени книжевни жени кои „живеат“ во различно време, но на исто место, во Македонија, оваа книга, и нас – читателите и нивните создавачи – авторите нè соочува со нив“ – истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Во оваа книга е присутна и општата слика на човековиот живот, но секое навраќање кон неа во оваа книга е од друг ракурс на гледање преку кој се пренесуваат сите искуства на женските ликови. Колку историјата, околината, времето во кое живеат и професијата со која се занимаваат, влијаат врз создавањето на личноста? Како љубат македонските книжевни жени? Како ги доживуваат првата менструација, губењето на невиноста, првите заљубувања, машките фигури во нивните животи, мајчинството, контактот со самите себеси, со сопствените тела? Како сонуваат, како ги боли, како тагуваат, како се радуваат, што ги поврзува сите нив?

Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа, вклучително и по еден за ликовите од романи на Владо Малески, Оливера Николова, Лидија Димковска и Петар Андоновски, кои се клучни во „Македонската книжевна жена“, веќе достапна во книжарниците во Скопје.

Талкање длабоко во лавиринтот на женското тело

Она што започна со Росица од „Куклите на Росица“ на Оливера Николова па продолжи со Калина од „Разбој“ на Владо Малески и Злата од „Резервен живот“ на Лидија Димковска, се заокружува со Бригита од „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски.

Додека Николова мораше да заталка длабоко во историјата за да ја исткае Росица, Малески и Димковска со моќ на скриена камера успеаја да создадат атмосфера од своето секојдневје и во неа да ги сместат своите сограѓани: и машки и женски; и стари и млади; и среќни и тажни, кои ќе помогнат да се изградат ликовите на нивните жени – Калина и Злата. Петар Андоновски, како претставник на младата македонска проза, заталкува длабоко во лавиринтот на женското тело за да ни ја доближи психата на Бригита. И тоа го направи одлично!

Бригита, шеесетгодишна судијка, никогаш не била амбициозна, животот никогаш не го живеела од „прва рака“. Таа секогаш била само набљудувач, но не и учесник во животот. Кога би имала шанса да го започне од почеток, би постапила поинаку. Таа, неодлучна и плашлива, би ги избрала најтешките случаи, би ги казнувала како никогаш досега. Чувството на страв и несигурност би го заменила со чувството на моќ. Често ѝ се менува расположението. Секоја среда игра танго.

Сега жената ги има потребната едуцираност, финансиската слобода, правото на сопствени избори за професија, сексуална ориентација, брак, деца и храброста детално да го истражува телото во кое треба да живее. Сега мислењето на општеството не е толку важно, сега фокусот е насочен кон себеистражувањето. Главната тема на македонската книжевна жена од овој најсовремен период е нејзината психа, разните трауми, фобии, паранои, тегоби и стресови, кои се и обележје на современиот човек.

Бригита е сместена во меѓупросторот на својата потсвест и реалноста. Таа најчесто води разговори со самата себе, постојано навраќајќи се на минатото и замислувајќи ја иднината. Расположението често ѝ се менува. Растргната е меѓу страстите и тоа што се очекува од неа како судијка. Живее на границата помеѓу својот страв и моќта и поради тоа често живее во агонија. Или е екстремно среќна и возбудена, или исплашена и во паника. Чувствува неугодност секогаш кога ќе се допре до некого

Како Злата, и Бригита дејствува во модерно Скопје со препознатливи места, каде што постојано живее помеѓу реалноста, соништата и фантазијата. Живее и помеѓу сегашноста и сеќавањата. Сеќавањата ѝ се потребни за да може да се надрасне себеси и конечно да се прифати. Андоновски успева да го претстави нејзиното женско тело како затвор со клуч на вратата однатре. Бригита може да излезе и да му се спротивстави на општеството, може да одлучува сама за себе, да презема ризици, да ги отфрли спомените од детството за своето тело и да промени сè. Андоновски со доделувањето на случајот само ја потсетува судијката дека ја има таквата моќ. Постоењето на осуденикот без име само ја разбудува опсесивната страна на Бригита. Неговиот лик е пасивен и матен, а во исто време на Бригита ѝ создава и чувство на заробеност и чувство на слобода.

Токсичните цветови на деликатниот морал

Бригита храбро ги вкусува токсичните цветови на деликатниот морал. Таа не се плаши да истражува со својот ум и со своето тело и на таков начин ја претвора својата несигурност во моќ.

Таа се открива себеси сѐ повеќе со секоја порака што ја добива. Секој збор открива и соголува по еден дел од нејзиното тело. Пораките што си ги испраќа сама се важни за да може конечно да се соочи со сопственото тело и да сфати дека има моќ да се гледа себеси како што сака, а не како што ја гледаат другите. Освен што постојано го набљудува сопственото тело, Бригита се впушта во авантури што ја истакнуваат нејзината моментална решливост: следењето на мајката на обвинетиот, следењето на Јане – нејзиниот поранешен љубовник откако ќе го сретне сосем случајно во автобус, следењето на Мики во шумичката и следењето на Пакистанецот во сосема непознат простор во несвоја земја. Сите тие „патувања“ по туѓото тело ги прикажуваат психолошката состојба на судијката и нејзиното пркосење на сè што дотогаш ѝ било диктирано од општеството и конечното следење на нејзините сопствени чувства. Бригита, на свои шеесет години, се наоѓа помеѓу сопствениот страв за себеидентификација и новооткриената моќ да одлучува за туѓиот живот и токму тоа ја носи до ново иницијациско созревање.

Андоновски успева совршено да напише роман во кој главната протагонистка ќе биде жена. Тој не ѝ го позајмува својот глас, туку постојано го следи нејзиното движење, ѝ поставува сопки, но ѝ дава и моќ. Тој не само што прави детални описи како една шеесетгодишна судијка се соочува со своето тело во огледалото, туку и навлегува длабоко во женскиот разум, јасно, чисто и без цензура.

Нејзиното присуство низ страниците на „Македонската книжевна жена“ е особено важно, бидејќи придонесе да се заокружи секој циклус од анализите кои започнаа со неслободата, а завршија со слободата на македонската книжевна жена. Таа е судијката која ја има моќта да ја изрече казната и да донесе правда за сите книжени жени пред неа. А дали ќе го стори тоа?

Бригита, Росица и Злата, на своите писатели им ја донесоа наградата „Роман на годината“, а сите четири книжевни жени на своите писатели им донесоа и многу други интернационални и домашни награди, преводи, тиражи и изданија.

Илустрациите во фељтонот се на авторката Ирина Тумбовска.

(продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен