Во студиото на Слободен печат гостин беше Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања, кој од 17 до 19 јануари во Битола и Охрид организира Меѓународна конференција за промоција на тврдата и мека моќ, преку културата и културното наследство, заштитата на животната средина и туризмот.
Во гостувањето Земон зборуваше за тоа што е тврда, што мека, а што остра моќ во меѓународните односи и како тие влијаат врз општествата.
„Мека моќ е една теза која е поставена во 80-тите години во САД, а тоа значи дека државите во димпломатијата наместо да прибегнуваат кон милитанти методи (тврда моќ) треба да промовираат меки методи преку културата и културните вредности, преку инвестициите во економијата, со што ќе се направи подобар свет. Еден од најпознатите методи на мека моќ што се случила многу порано од дефинирањето на тезата е Маршаловиот план по Втората светска војна што САД ја примени во педесеттите години од минатиот век“, посочи Земон.
Според него, меката моќ е отворен глобален пазар каде некои земји стратешки се поставуваат, а некои немаат стратегија како да се постават во тоа ширење на влијание преку култура, туризам, економија и слично.
Зборувајќи за развојот на Охрид, Земон посочи дека е потребен сеопфатен и интердисциплинарен пристап во создавањето на соодветна развојна стратегија за следните 30 години.
„Ако сега ги прашаме локалните и централните власти за тоа која е развојната стратегија за Охрид за следните 30 години, никој нема да каже ништо. Никој за тоа не седнал да зборува ниту МАНУ ниту која било институција, ние немаме ниту во Охрид некој научен институт што би се бавел со стратегија“, посочи Земон.
Земон предлага да се искористат слични искуства од земјите во опкружувањето со што Охрид ќе се развива, но истовремено ќе ја зачува автентичноста и природните богатства.
„За тоа не треба многу, треба да се отвори таков институт во Охрид, да се донесат два или три нобеловци кои имаат искуство на тој план, како добри примери ќе ги издвојам Дубривник, Котор и доволно е тие нобеловци да престојуваат неколку месеци во Охрид и да дадат соодветно решение но ни тоа не го правиме. Ние немаме стратегија за тоа каде треба да се движи Охрид во следните 30 или 10 години“, заклучи Земон.