Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Патиштата на политиката се почудни од Господовите

Може ли шарлатаните во политиката нешто да научат од тоа што се случува во светот и кои се последиците за државата и граѓаните од нивните грешки. А, можеме и ние нешто да научиме за да знаеме кого да бираме на изборите

Пишува: Ерол РИЗАОВ

Деновиве имав уште еден неуспешен обид во низата да се оддалечам од загадочната македонска политичка сцена каде партиските патишта се почудни од Господовите. Се решив да се тргнам од таа политичка папазјанија во која тешко се разликуваат состојките во манџата поради многуте мирудии. Откако ги исчитав и ислушав сите комбинаторики што се случува во Алијанса за Албанците и за судирот меѓу Арбен Таравари и Зијадин Села накај каде ќе оди Алијансата, дали со албанската опозиција предводена од веќе набедениот кандидат за претседател на државата доктор Таравари, или со коалицијата за европска Македонија, работите станаа уште понејасни.

Ако на тоа се надоврзе се поголемата изгледност за сојуз на албанската опозиција со ВМРО ДПМНЕ, со учеството на премиерот на Косово, Албин Курти во македонските избори и за блискоста на Христијан Мицкоски со претседателот на Србија Александар Вучиќ, а сега преку новите најавени партиски сојузници и со премиерот Курти вкључувајќи го и постојаниот судир на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ околу сите стратегиски државни определби и приоритети, работите станаа ептен нејасни. Особено ако главната загонетка е од каде пак сега дува овој ветер за коалиција на албанската опозиција со Алијанса и со ВМРО-ДПМНЕ. Од Запад или од Исток? Или пак во прашање е непријателот на мојот пријател е и мој непријател. Тоа е така пред изборите. По изборите работите се менуваат па така довчерашниот непријател преку ноќ станува мој пријател и партнер. Ќе речете нормално во политиката. Но простете, за мене прилично ненормално, бидејќи во случајот ја доведува во прашање иднината на државата бидејќи нема ништо заедничко во нивните политички веќе декларирани определби.

Ги баталив вестите и комбинаториките и земав да читам нешто за некоја неостварена идеја на големиот светски научник Никола Тесла за безжичен транспорт на електрична енергија. И веднаш онака неук, си замислив нешто како радио бранови низ етерот, така и струјата да стасува бесплатно до секој дом, па макар бил и среде пустина, до секоја фабрика, до секој автомобил до се она што е во погон на електрична енергија. Чудеса. Го вртиш копчето и од небото ти стасува струја колку што ти треба. Која благородна идеја за спас на човештвото од сиромаштија. „Бесплатна“ најквалитетната, најскапа и најчиста енергија.

Една поучна научно-фантастична приказна

Батали фантазии и бајрам со умот, си реков, ни Тесла и никој по него не успеал во тоа. И, оп како што претражувам низ џунглата на интернет стаса и чудото: „Јапонија планира да пренесува сончева енергија од вселената на земјата.“ Можно ли е човече, пак го пуштив мозокот на пасење. Вселенската станица на Јапонија ЈАХА која со децении експериментирала со пренос на електрична енергија од вселената одредила краен рок тоа да се случи идната 2025 година. Не, не е можно, ако е вистина за ова ќе имаше голема сензација, ќе беше прогласено за светско чудо. Ништо од тоа, освен сомнежи.

Со сите резерви и неверување треба да се каже дека уште во 2015 година научниците на ЈАХА успеале да пренесат 1,8 КW цели 50 метри од безжичен приемник. Толку успеле да пренесат низ етерот струја, пред неполни 10 години, колку да се загрее еден електричен котел. Планот е Јапонија да лансира серија мали сателити во орбитата кои ќе ја пренесуваат сончевата енергија до земните станици. Читам дека на истата проблематика со години работат научници и во Америка и во Кина оваа идеја да стане реалност. Технологијата велат е многу привлечна бидејќи орбиталните соларни „полиња“ претставуваат неограничено снабдување со обновлива енергија. Во вселената, соларните панели можат да собираат енергија без оглед на времето од денот, а користењето на микробрановите за пренос на енергијата што ја произведуваат го елиминира проблемот со облаците.

Но, оптимизмот брзо исчезна бидејќи крајот на оваа научно фантастична приказна во овој момент е уште многу далеку од реалноста. Причината е во парите. Нема бесплатна струја па макар доаѓала и од вселената. Еден гигават таква струја, колку што произведува денес еден нуклаеарен реактор би чинел околу седум милијарди долари со користење на моментално достапните технологии. Значи, научниците наредните години ќе работат на нови технологии и ќе експериментираат додека таа работа не стане исплатлива.

Си ја чукам главата три пати како во дрво. Нека си истражуваат Јапонците, Американците, Кинезите, Русите…. и уште кој сака како да пренесуваат струја од космосот на земјата. Ние си имаме друга реалност која не чини многу повеќе од еден гигават електрична енергија донесена од вселената. Се враќам на нашиот експеримент да носиме струја во кофи кој трае повеќе од три децении.

Сите вредности ги фрламе во црната дупка

Сите вредности ги фрламе во црната дупка на централната територија на Западен Балкан. Никако да откриеме дека бунарот е во нашиот двор, дека си патиме од умот што е многу логично. Ако не е проблемот во главата нема по секоја „наредба“ слепо да одиме со кофа по струја и нема тие што ја откриле оваа измама да ги нарекуваме предавници и непријатели.

Нашиот експеримент е што во црната дупка ја лансиравме последната шанса за продолжување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Односно самите ги блокираме реформите кои се всушност содржината на преговорите со Брисел за остварување на се она што го бараат граѓаните и што меѓусебно се обвинуваат политичките партии. Познати јавни личности инспирирани од патриотските пропаганди на партиските лидери велат дека сами сме можеле да ги оствариме реформите и дека за тоа не ни е потребна ЕУ и уцените од соседите. Одговорот е многу едноставен, ако сме можеле што не сме ги оствариле, особено ако тоа го тврдат тие што во последните 17 години цели 11 години биле непрекинато на власт и шест години моќна опозиција која ги блокира клучни одлуки по усвоените и ратификувани договори во Собранието.

Без искуствена и финансиска поддршка на ЕУ и без меѓупартиски консензус во земјата не е можно спроведување на реформите. Доказ за тоа се сите земји кои го поминале тој пат до членство во ЕУ. Главен предуслов за нас да продолжат преговорите и помошта за остварување на реформите е да се донесат уставните промени, да не се поништи она што е постигнато во последните шест години како голем успех со членство во НАТО и со почеток на преговорите со ЕУ.

Алијанса и Таравари во улога на тројански коњ

Тука ја гледам опасноста да се вовлечат Алијнса и Таравари во улога на тројански коњ на сметка на сопствениот пораз и префрлање на партијата на неправедната страна на историјата. Секогаш сум се чудел на личности за кои имам голема почит во професијата во која се ценети, а влегуваат во политиката. Таа краста ги зафати многумина и некои кои подоцна посведочија дека тоа не им требало. За доктор Таравари лично сум сведок при една консултација со д-р Владимир Костиќ, претседател на САНУ, за преглед на пациент, кога одговорот стаса: не треба да доаѓате во Белград го имате таму д-р Таравари. Прво што помислив за неговото учество во политиката беше Боже што бара човекот во тие матни води полна со крокодили.

И уште нешто до нашите борци, херои, јунаци и големи патриоти во битките за власт, дали нешто читате, слушате, анализираат која опасност е ако Македонија задоцни со уставните промени со лажните надежи дека ќе има подбри договори со соседите и со ЕУ. Ако оваа работа не се заврши со уставните промени до почетокот на летото запишете дека наредните две години Македонија, а веројатно и целиот Западен Балкан ќе бидат заборавени. И ако дојде некаква понуда ќе биде полоша од сегашната. Штом почне американската трка на претседателските избори, нашиот најголем поддржувач, нема ништо поважно. И најповолниот исход од таа трка ќе значи подолга пауза. Да не зборуваме за можниот неповолен избор и победа на Донлад Трамп и негово враќање во Белата куќа во улога на најмоќниот човек на светот. Неуважувањето на оваа реално можна ситуација и калкулирање само со освојување на власта, на сметка на блокада на преговорите со ЕУ е политичко слепило со тешки последици.

За оваа реалност и за значењето на Америка повторно една вистинска приказна за Јапонија. Единствените две атомски бомби паднаа во Хирошима и Нагасаки што доведе до капитулација на Јапонија во Втората всетска војна во која Јапонија и Америка имаа жестока војна со голем број жртви и разорувања. Ја имав таа можност како гостин на јапонското министерството за надворешни работи да ја посетам Јапонија. Меѓудругото бев и во Хирошима во музејот посветен на жртвите од атомската бомба. Во тој музеј се влегува како еден, а се излегува како друг човек. Тоа е шок терапија. Тешко се прераскажува тој ужас. Прашањето ми е како Јапонија стана голем пријател со Америка и светско чудо како една од најмоќните и најуспешни земји во светот. Може ли нашите шарлатани во политиката нешто да научат од тоа што се случува во светот и кои се последиците за државата и граѓаните поради нивните грешки. А, можеме и ние нешто да научиме за да знаеме кого да бираме на избори.

Оваа година ќе бидат и изборите за Европскиот парламент што ќе доведе многу веројатно и до големи промени во Брисел. Тоа јасно означува кои ќе бидат виновниците за блокадата на Македонија, ако тоа воопшто има некакво значење по една таква катастрофа. (Дојче веле)

Зачлени се на нашиот е-билтен