Возот наречен Македонска филхармонија, сè уште тера по шините! Се чини, тој е оној единствениот кој може да нè однесе така брзо во некоја друга димензија
Пишува: Тина ИВАНОВА
Осум децении непрекинато музицирање. Осум децении љубов, страст, неверојатна енергија, уметничка сплотеност. Осумдесет години поминати во прекрасни патешествија заедно со брилијантни музички умови – илјадници солисти и диригенти кои со себе донесоа илјадници дела од славните музички мајстори, подарувајќи нѝ различни емоции, креации, хармонии, мелодии, ритми. Секакви искуства од кои сме биле трогнати, или можеби нè промениле, не натерале да размислуваме поинаку и да погледнеме некои „слики“ од другата страна.
Можеби делата коишто тие ги изведувале, во зависност од нивната стилистика и естетика, направиле да бидеме напнати, или пак, среќни, често и тажни, ама најважно, создале сплотеност. Оти, познато е она – кога ја споделуваш среќата, таа расте, додека пак, тагата, таа се намалува. Токму таа сплотеност низ споделувањето на емоциите рефлектирани од музиката, е силна во атмосферата во концертната сала, кога пред вас се оние кои ја даруваат најубавата уметност на светот. А, тие на сцената, на штиците што живот значат, на нивната последна станица – поклонувањето кон публиката, се испраќани со многу, ама навистина многу аплаузи, чија болка на дланките се врежува во секоја пора на кожата како траен жиг. Возот наречен Македонска филхармонија, сè уште тера по шините! Се чини, тој е оној единствениот кој може да не однесе така брзо во некоја друга димензија, да патуваме со широко отворени очи гледајќи ги до детаљ сите нијанси на животот, или да заспиеме низ звучните флуктуации, од височини до падови.
Оркестарот на Филхармонија – тоа е една фасцинантно храбра, а во истовреме кршлива (нежна) колективност која е катализатор за инспирација
Се разбира, за сето тоа, најголемата заслуга, всушност, ја има оркестарот. Тело со ум, крв и душа. Еден организам кој нѝ ја нуди толку потребната тензија да истражуваме низ нашите сопствени предрасуди, стекнувајќи појасна перспектива за различните култури, за историските деликатности, за филозофските прашања, за човековата борба, за прогресивните идеи, да прашуваме и да бараме одговори. На пример, со Бетовен. Па, само тој да беше на овој свет, ќе беше доволен да нѝ ја појасни или разложи перспективата на гледање. Оркестарот на Филхармонија – тоа е една фасцинантно храбра, а во истовреме кршлива (нежна) колективност која е катализатор за инспирација. Маса од музичари кои, и без да кажат нешто конкретно, зборуваат толку гласно, што се „невидливи“ лидери во битката светот да стане најдоброто место за живеење. Затоа што, сите би се согласиле, не постои помоќна алатка од оркестар кој свири грандиозна симфонија. Нема такво вдахновение на друго место, освен во фасцинациите од природата.
80 години. Тоа е колку еден животен век, дури и надпросечен кај нас, според последните податоци на Државниот завод за статистика.
И токму онака, како и во сечиј човечки живот, и Македонската филхармонија, покрај убавините, поминала и поминува низ разни турбуленции – од културолошки, социјален, економски, политички аспект. Ама, ниту еден од овие „демони“, не успеал да ја загуши нејзината силна уметничка возвишеност. Се менувала и се менува и таа во зависност од општествениот контекст, времето и неговите струења, се разбира. Но, нејзината моќ (иако без зборови, оти музиката е моќна без да зборува, нели), ја надминала и ја надминува секоја семантичка интерпретација, секоја наметната случајна или ненамерна конотација од влијанијата надворешни. Токму тоа, ја прави нејзината средина безбедна. Полна со топлина, ама и со меѓусебно почитување.
Класичната музика која е главен столб на оваа институција, го нуди сето она што погоре се споменува. А, нејзините посланици, оркестарот и гостите – солисти и диригенти, го „зборуваат“ она што генијалните умови како Бетовен, Моцарт, Бах, Хендл, Рахманинов, Чајковски, Брамс, Стравински, Шостакович, Шнитке, Перт и уште други, небројни, го креирале на начин како да е нешто единствено во нивните животи, нешто за кое би умреле во секој миг. Тоа чувство не може, а да не допира и до внатрешните чувства на оние од другата страна, слушателите, гледачите. Можеби оптовареноста од секојдневната живејачка која во суровата реалност знае да биде и тоа како тегобна, можеби размислите за теми како економските прашања, за пандемиите (бевме сведоци на една), за еколошките катастрофи, за болните и гладните деца, за војните (актуелните во Украина и Палестина, на пример), нè демнат постојано, сите нас, или некои од нас. Но, токму тие мисли во допир со класичната, симфониската музика како заедништво, ги споделуваме нечујно со оние до нас и оние пред нас, претопувајќи се со звуците и расплинувајќи се некаде низ воздушните струења. Стануваат полесни. Па нека е и за миг, за тие два часа поминати во салата на Македонската филхармонија. Затоа што, музиката нè тера да се изразиме, да го „исплукаме“, макар и во себе, сè она што нè сморува.
Секој четврток, единствен концерт. Без реприза. Секој четврток, нови гости. Доаѓаат и си заминуваат со убави впечатоци од добриот домаќинлук на институцијата, од посебностите на нашата култура. И тие, го прифаќаат она што ние го поседуваме како менталитет и како колективна меморија, создавајќи го волшебниот круг на креација помеѓу музиката и уметникот, оркестарот и аудиториумот. Познатиот виолинист Џулијан Рахлин вели: „Да се посети концерт е нешто екстремно возбудливо. Како да гледате филм или како да одите на некој поп или рок-концерт. Класичната музика е полна со мистерија, како трилер, полна со хумор и емоции. И, должност на музичарите е да ја покажат нивната страст. Кога младите ќе ја почувствуваат нашата енергија, тие ќе се ‘заразат’“.
Македонската филхармонија е амбасадор на културата, ама и репер за квалитет. Имаме само еден симфониски оркестар на два милиони жители. Со подобри услови дури од некои европски земји кои оваа традиција ја негуваат доста подолго од нас. Затоа, мораме, должност ни е, како народ, како држава, да ја чуваме и негуваме. Ретко зрно на оптимизам нѝ е. Позната е изреката на Платон – „Каква музика, таква држава“. А, дали и како ќе ја градиме и како оваа институција ќе се развива, секако тоа зависи од односот на државата кон неа, и воопшто кон културата и уметноста.
Во Македонската филхармонија времето запира. Не тече. Или тече, ама на еден неверојатно уникатен начин. Таму не постојат часови, години, месеци. Времето всушност, не е репер. Таму Бах е сè уште жив. Таму Моцарт свири и со „нозе и со раце“. Бетовен пак, гласно говори за хуманоста и внатрешната човекова борба, а Стравински и Шнитке нѝ удираат „шамари“ освестувајќи нè дека мора животот да го разбереме како една чудна и интересна комедија. Таму магиите се можни, таму се случуваат чуда! Таму има факел кој гори, чиј оган не смее да згасне. Музичарите се посебна сорта на луѓе. Тие даваат сè од себе, сета своја емоција и секако, талент, со желба да се чува ова богатство исто како зеницата во окото. Кој ќе ја чепне, ќе се покае.
Да се вратиме на почетокот. Пред 80 години, група на ентузијасти, музичари, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, наместо пушки, во рацете држеле инструменти формирајќи ја Македонската филхармонија во домот на маестро Тодор Скаловски. Најпрвин онака, без визија дека таа ќе стаса дотука. Ама, со огромен ентузијазам и несекојдневна страст за музика. Останатото е историја со многу приказни.
Зборот ФИЛХАРМОНИЈА е составен од двата грчки зборови „филос“ што значи љубов и „хармоникос“ што значи хармонија, или: љубов кон хармонијата. Па, има ли нешто поубаво од љубов и пријатно созвучје? И тоа, љубов што трае 80 години. Исто како во познатиот роман на Жил Верн – „Пат околу светот за 80 дена“, во кој авторот го илустрирал техничкиот прогрес на европската цивилизација од крајот на 19.век, така и Македонската филхармонија нѝ приредува неповторливи музички авантури илустрирајќи го квалитативниот звучен прогрес последниве осум децении.
Нека ѝ е честит јубилејот!
На Frontline.mk по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање