„Паралелно со поддршката за создавање културни содржини и творештво со врвен уметнички квалитет, Министерството за култура инсистираше сите институции и организации, кои добиваат поддршка од државата да развиваат планови и стратегии за привлекување на публиката. Само така, со одзивот од публиката квалитетот на културните перформанси се издига на следно, повисоко рамниште“, напиша на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура нагласува дека тие политики се на вистинскиот пат се потврдува и со „исклучителната посетеност на културните настани и интересот на публиката за секоја нова книга, изложба, концерт, филмска проекција. Публиката се враќа во културните форуми“.
„Со фокусот кон живата култура, кон прогресивната културна сцена, кон културните процеси и уметничките практики што ја вклучуваат публиката, ја поттикнуваме симбиозата меѓу уметниците, културните дејци и публиката“, истакнува Костадиновска-Стојчевска и дополнува дека „таа поддршка, поддршката на публиката, е еднакво важна како и поддршката од Министерството за култура за културната продукција со духот на времето што се креира во таа синергија“.