Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ Дервиши во „Полиграф“: Како што наближуваат изборите, се засилуваат дезинформациите

Како новинарите се справуваат со дезинформациите кои доаѓаат од политиката, особено пред изборите? За ова прашање, „Полиграф“ разговараше со Фатлуме Дервиши, новинарка и уредничка во Телевизија Алсат.

Полиграф: Фатлуме, кажи ни за кои теми најчесто се среќаваме со дезинформации?

Дервиши: Ера, како новинарка, секојдневно следам политика и, можеме да кажеме дека како што наближуваат изборите, така секојдневно се зголемуваат и дезинформациите. Во последно време, што се однесува до политиката, имаме дезинформации во однос на кандидатите. Конкретно, политичките партии го мереа пулсот на граѓаните кога имаа можност да ги промовираат нивните кандидати за претседател. Тие излегоа со различни имиња, кои не беа многу потврдени, само за да измерат како ќе реагираат луѓето. Имаше и дезинформации што една политичка партија ги поттикнува за друга политичка партија. И, како што наближуваат изборите, можам да кажам дека тие ќе се интензивираат.

Полиграф: Врз основа на истражувањата направени во земјава во врска со дезинформациите, излегува дека политичарите се на врвот на листите како извори на дезинформации. Како новинарите се справуваат со дезинформациите, кои доаѓаат директно од политиката?

Дервиши: Секогаш кога треба да направам вест, прво ги проверуваме официјалните профили на политичарите, да видиме дали објавиле нешто за темата што ја покриваме. Речиси сите политичари и партиски лидери кај нас имаат официјален профил, профил што го нарекуваме фан страница, каде што ги објавуваат своите идеи, а потоа имаат и приватен профил или приватна сметка на Фејсбук или други медиуми, и таму ги постираат своите размислувања.

Ако пребарувате одреден политичар, може да се појават и други профили, кои не се проверени, не се потврдени, па затоа тие профили не ги земаме предвид. Се што е објавено на тие профили не е веродостојна информација. Често со тие профили управуваат луѓе кои се фанови на тој политичар или имаат други цели, а тие профили не се секогаш веродостојни и не треба да се следат. И, дополнително, контактираме директно со политичките партии и официјални извори во политичките партии за да ги потврдиме тие информации.

Полиграф: Што е со случаите кога имаме ширење на дезинформации, дали преку статуси на Фејсбук или на друг начин, дали е важно новинарите да проверат и во институциите, да пребаруваат различни архиви, пред да ја објават веста?

Дервиши: За новинарите ова е секојдневна рутина, проверката на информациите. Секогаш кога добиваме информација, имаме наши извори во политичките партии. Покрај консултирањето на извор во политичката партија, го консултираме и официјалниот извор, односно официјалниот канал преку кој ги добиваме информациите. Ако зборуваме конкретно за политичките партии, тоа може да бидат портпаролите на партиите, можат да бидат пратениците, можат да бидат министри ако се работи за некоја институција. Значи, за нас стана рутина секогаш да ја проверуваме информацијата два-три пати, два-три извори да ни потврдат дали е или не е веродостојна.

Но, секогаш сме под притисок на времето. Се случува веста да ни дојде во 15:30 часот, а во 16 часот имаме издание на вестите. Сепак, треба брзо да се работи, односно притисокот на времето е секогаш присутен, особено на телевизија, бидејќи сте ограничени со време и, се трудиме да не објавуваме без проверка. Многу е важно да не се објавуваат информации без проверка.

Интервјуираше: Ера Ѓакова

(СМК)

Зачлени се на нашиот е-билтен