Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Малиукевичиус: Дезинформациите шират хаос, тензии и поделби

За ширењето на дезинформациите е одговорен процесот преку кој луѓето разменуваат информации, па наместо разменување информации, целта станува ширење хаос, тензии и поделба. Ова го истакна д-р Неријус Малиукевичиус, истражувач од Литванија, од Институтот за меѓународни односи и политички науки на Универзитетот во Вилнус, кој одржа предавање на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Д-р Неријус Малиукевичиус е водечки литвански експерт за медиуми и кризна и стратешка комуникација, со геополитички фокус на улогата на Русија и Белорусија по овие прашања. Тој денеска им зборуваше на присутните дека преку дезинформациите и пропагандата се слабеат политичките противници. Кажа дека е важно да се запрашаме, што е пораката и зошто има обид таа да се испрати.

„Често мислиме дека Русија или Кина се обидуваат да ни ги променат ставовите, но она што често пробуваат да го направат во Литванија, во Балтичките и Балканските држави, е да тестираат кои методи функционираат“, кажа Малиукевичиус, а како пример ги наведе дојавите за лажни бомби во училиштата.

Конкретно за тие случаи, тој рече дека целта најверојатно била да се проверат безбедносните системи во државите. Освен во Македонија, вакви дојави биле испраќани и во повеќе држави, а во Литванија бил испратен еден ист заканувачки мејл на преку 490 е-адреси.

Тој набројува неколку случаи на начини за дезинформирање кои ги забележале во Литванија и пошироко, а ги издвои блоговите и објавите од непостоечки личности, како и објави на социјални мрежи со хаштаг кој е најпопуларен во денот, со цел да се прошири до најмногу луѓе.

„Постојат лажни канали, за да создаваат лажни автори, кои пренесуваат лажни пораки“, додаде тој.

Малиукевичиус кажа дека во Литванија има огромен број „wordpress“ блогови кои наликуваат на медиуми и објавуваат текстови.

„Технолошката софистицираност на дезинформации расте. Кој е комуникаторот? Што е пораката? Кој е медиумот? Овие прашања можеме да си ги поставиме за да ја разградиме дезинформацијата“, вели тој во однос на препознавањето на дезинформациите.

Освен претходните примери, Малиукевичиус додаде дека во некои случаи дезинформациите се шират и преку хакирани профили на политичари.

Oвој настан беше организиран од Јуроп хаус (Europe House) во соработка со Делегацијата на Европската Унија, Канцеларијата на амбасадата на Република Литванија во Северна Македонија и Правниот факултет „Јустинијан Први”.

Зачлени се на нашиот е-билтен