Да си блиску до центарот значи да бидеш проблем-солвер, а не проблем-мејкер. Немањето три чисти за учество во егзистентното и единствено решение на проблемот, го протерува ВМРО-ДПМНЕ во ултрадесниот спектар каде што се точкаат сите помалечки формации што немаат решение, туку само се дерат на глас против меѓународно оверените договори, оти баш тие им пречеле на самостојноста.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Посочувањето на јавноста дека македонската опозиција нема решение како да се продолжат преговорите со ЕУ стои и стои. И нема и нема одговор од опозицијата. Да, има разни пинг-понгарски финти – дали челниците на ЕУ биле навистина за интеграција на регионот во ЕУ (од типот на „наставничката треба да ми стави петка ако ме сака“), или лидерчо како што вели во 12:17 на едни вести: „Треба Европа конечно да му каже на овој народ што е тоа што вистински планира со овој народ, а не да бидеме предмет на дневна политика и политикантство“.
Посубмисивно и понеодговорно нешто, човек тешко може да чуе и од далеку помалку одговорни места. Еве замислете на работното место, одговорниот да рече вакво нешто за друга страна од која се очекува бенефит за фирмата. Па ќе му речат – „Чекај бе, човек, чоколадото го фрли, сега хартијата ја џвакаш тука пред нас? Имаш решение, многу едноставно и евтино за нас.“
Е, тука се лажгите, за цената. Фејк поза, во ситуација кога цел свет 100% ти ги признава границите, кога меѓународен колективен систем на одбрана ти ги гарантира со врвот на технологијата, кога цел свет ти го признава македонскиот јазик, кога ЕУ ти го вбројува како официјален јазик на ЕУ, кога уште згора и ти го промовира – што е тоа што го продаваш како „скапо“? Јадењето корења? Тоа е милион пати виден „тендерашки“ начин – кога отров-скапото и неквалитетно (некоја глупава приказна за менување договори што е практички невозможна или може да нѐ кошта децении) го прикажуваат за поевтино, а на евтиното (еј, признавање на 0.15%, т.е. 0.0015-ти дел од населението) и единствено решение (оти точно тоа е критериум според Копенхагенскиот акт – признавањето малцинства), оп – му се надувува цената до небо. Извинете, ама луѓето што мислат со главата, т.е. не се фанатици со трици како „светите букви“ (а тоа си е башка лага) – не пијат нафта.
Најобичното барање за признавање на некој триилјаден етницитет – буквално Копенхагенски критериум без кој не се може во ЕУ како европска вредност – се дува како „фашизам“.
Па виткања и превиткувања гледаме пред разни претставници дека поголеми Европејци од нив нема (самитот на ЕПП или на пример, од истите вести, во продолжение: „Ние сме за европски вредности дефинирани од времето на основањето на Европската Унија…“), а ваму, најобичното барање за признавање на некој триилјаден етницитет – буквално Копенхагенски критериум без кој не се може во ЕУ како европска вредност – се дува како „фашизам“. Да, ова е точниот збор во транспарентот што го држи пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на вувузелската седница во Собранието на 14.07.2022. И ги поучува, лидерчо, „нашите партнери од Европа“, веќе да не го користеле правото на консензус како аргумент, туку, во моментот кога „ќе се одлучува Македонија да го продолжи европскиот пат…“ (пак анихилирање на нашата волја и одговорност, значи) – „…бугарскиот претставник да ја напушти просторијата и да отиде во некоја друга просторија, кадешто ќе може да се напие кафе или нешто друго“, па така да се консенсуираат. Чекај бе, човеку, прави разлика кога унгарскиот претставник нема правна основа за своето кочничарење па го бркаат на кафе, а друго е кога постои правна основа, и тоа, не некоја небитна, туку токму Копенхагенскиот акт. Истиот акт кој не го вадиш од уста заедно со кандидатката за претседател. Толку многу контрадикции и немање осет и свест каде се наоѓаш, само во половина минутка.
Но, не е прв пат… Можеби најсрамниот муабет беше направен со Бојко Борисов кога го прашува за Договорот за добрососедство и пријателство. Борисов на таа средба концизно постави две прашања за Договорот и ништо друго. Да помислиш дека на таква средба треба да му расправаш за сопственото образование (како Борисов да е вчерашен), а потоа на дополнителното второ прашање како втора шанса за да се изјасниш појасно – да се смееш со одговор дека знаеш, хехехе, кој ќе составел влада по изборите (2016 година)… А, реалноста покажа дека ВМРО-ДПМНЕ не состави влада тогаш, дури ни откако се растепа на 27 април 2017-та, па сега им треба претседателка да ги вади скапаниците од затвор. Толку очигледно да немаш поим што те прашува човекот… Кој било друг возрасен што го знам, еве, сите колеги и сите од службите, еве не – јас, би расправиле точка по точка од Договорот и би ја расчистиле споредбата со „социјалдемократите“ што Борисов му ги спомена, за кој ќе дојдел на власт. Повторно, бидејќи тој ги видел реакциите на ВМРО-ДПМНЕ тука, бидејќи не е од вчера човекот.
Да си блиску до центарот значи да бидеш проблем-солвер, а не проблем-мејкер.
И сега, „нашите европски партнери“ исто така не се од вчера и не може со изјави од вид „учи прле магаре“ да те сметаат за сериозен, а не па – за партнер. Ни одвреме-навременското преоблекување во супер-Европјанство некако не го става ВМРО-ДПМНЕ многу по-накај центарот, бидејќи остави ултрадесничарењето во трката кој повеќе договори нема да признае, да биде доминантна стратегија за освојување гласови. Не помага ни проценката (или е информација можеби) дека на колегите Албанци им ветува промена на Уставот, само да го добие на тацна државниот буџет. Да си блиску до центарот значи да бидеш проблем-солвер, а не проблем-мејкер. Немањето три чисти за учество во егзистентното и единствено решение на проблемот, го протерува ВМРО-ДПМНЕ во ултрадесниот спектар каде што се точкаат сите помалечки формации што немаат решение, туку само се дерат на глас против меѓународно оверените договори, оти баш тие им пречеле на самостојноста. Не нивната, туку нашата, на Македонија, ама мислам дека си мислат на нивната.
Нејсе, побарав и бргу најдов во списание со импакт фактор во издание на познатата издавачка куќа Palgrave Macmillan таков концепт за „растојание од центарот“. Тројца германски професори го користат тој концепт во Acta Politica за емпириски да истражат и да објаснат токму тоа што ме интересираше: Зошто на крајните десни/леви не им пречи ништо кај нивните кандидати? Зошто и покрај докажаните изборни, институционални, тендерски итн. скандали, сепак премногу луѓе им остануваат лојални и ги гласаат? И зошто центристите бараат влакно во јајцето кај своите кандидати? Одговор на прашање „Зошто“ е многу силен одговор, во него лежи смислата на науката. Па, да ги пренесам резултатите, кои во статијата се однесуваат на докажана корупција, но лесно се пренесуваат и на други ситуации како што е засновување на цела изборна стратегија на очигледна лага – дека признавање права на 0.15%-но малцинство е нешто опасно за Македонија, па сега, демек, како партија со „свети букви“ ВМРО, ти стоиш на „браникот“. А ваму, убаво се знае дека експресно ќе слезеш од тој „браник“ ако помирисаш власт. Односно, една радикална партија не мора да изневери така строго како со корупција, туку може и со голема лага – тоа уште полесно се простува.
Авторите забележале шема што ја тестираат: „…Политичарите на радикалните партии имаат поголема веројатност да се извлечат од недоличното однесување отколку политичарите на центристичките партии… Главната причина за овој аргумент е дека гласачите за радикалните партии со поголема веројатност имаат негативни ставови за повеќето партии и на тој начин имаат помалку „одржливи алтернативи“ во споредба со поддржувачите на центристичките партии… За центристичките партии, растојанието до другите центристички партии е многу помало од растојанието на радикалните партии до центристичките партии. Затоа, за гласачите на центристичките партии, предизвикот да најдат алтернативна (центристичка) партија која исто така во голема мера ги одразува гласачките политички преференци – е помал. Врз основа на ова, на поддржувачите на радикалните партии почесто им недостасуваат остварливи алтернативи, бидејќи да не се поддржува радикалната партија значи да се поддржи партија која идеолошки е доста оддалечена од гласачот. Поради оваа изолација во политичкиот простор, радикалните гласачи со помала веројатност ја казнуваат корупцијата, бидејќи тоа би имплицирало дека треба да поддржат кандидат од партија што не им се допаѓа.“
Меѓутоа, веднаш им е јасно на авторите дека мора да истражат дали гласачите на радикалните партии инхерентно не ги интересира корумпираноста или, пак, растојанието од центарот е толку големо што не можат да се одлучат да го поминат, па го вртат „слепото око“ кон тие кои ги изневериле. Наоѓаат дека е второто, дека гласачите, а значајно нагласено за крајното десно во резултатите, не можат од десен радикализам да се префрлат на центристичка опција, без оглед на сѐ. Премногу од нив се стриктно партиски определени преку опонирање на центристичките опции. Ова воедно објаснува зошто стандардите за центристичките партии се далеку повисоки: Еден центристички гласач е отворен да „се проба“ и со други опции, па дури и да не го употреби своето право на глас доколку не му се сосем по вкус решенијата на проблемите од страна центристичката партија, а да не зборуваме за строгиот случај на корупција. Не помага многу што, и кај левите (се мисли на вистинските леви – немаме овде такви, „Левица“ е уште порадикално десно отколку веќе радикалното ВМРО-ДПМНЕ), и кај центристите, има некои кои исто така се дефинираат себеси преку опонирање на радикалните опции, односно се стриктно центристичко партиски определени. Тие се доста помалку и според резултатите на статијата и според состојбата кај нас. Во Македонија (но, како што гледам и во Германија не се медиумски „имуни“), во атмосфера на дезинформации против центристичките решенија и мисинформации за неистакнување на корумпираноста на радикалните политичари, излегува дека крајните десни си нашле точка на најниска енергија од која можат да се размножуваат (Германците може под прозорец да ни плукнат). Но, очигледно има и уште една димензија, „растојанието“ од крајното десно ќоше па сѐ до центарот изгледа оди по угорница: Центарот е центар затоа што таму се генерираат решенија на проблемите, таму се работи, а замерки на тој што работи, ехее…
Левица ја измислија кратенката СДШ, но Таравари, Меџити, Гаши и Касами веројатно ги сметаат за чисти етнички Македонци, оти не пуштија во етер ВШРО. Или ДПШНЕ. Само да кажам дека не се некоја „трета опција“ туку си се крајна десна како и ВМРО-ДПМНЕ…
Значи одговорот на „зоштото“ од погоре е само опис на проблемот кој само граѓани коишто знаат да мислат (никако партии или не знам какви движења) можат да го решат и тоа во своја корист: Ако десните членови на партии како гласачи си гласаат за десните кои задолжително се радикални, а центристичките членови на партии како гласачи си гласаат за центристичките партии, зошто граѓанинот вон партија, вон движење, нормален, секојдневен – да им дава глас? Сите го убедуваат „обичниот граѓанин“ ДА ГО ДАДЕ својот глас. Смешно звучи, оти проблемот, најмногу благодарение на најодговорните за објективност – медиумите, е наглавачки поставен. Како, бре, „да се даде глас“?! Емотивно најманифестираната верзија, ни ја даде лидерчо, минутка порано во истите вести од погоре. Вели, овие избори не биле избор помеѓу Европа и изолација (ха, го потрефил!), туку биле „одлука на граѓаните во Македонија помеѓу Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски од едната страна и ВМРО-ДПМНЕ И КОАЛИЦИЈАТА од друга страна“. Која коалиција? Со Таравари, Касами, Меџити, Гаши и останатата Курти-платформа? Презимиња на –иќ во „коалицијата“ ИЧ немаат?! Овие, пак, од таканаречената „Левица“ да не беа толку зафатени да му помагаат на ВМРО-ДПМНЕ и да се бореа за себе и нас, барем преку техникалијата – Македонија да биде една изборна единица, веќе ќе имаа 5 пратеници, а не 2. Сега и дупло повеќе гласови да имаат од 2020-та пак ќе си останат со куси ракавчиња оти ѝ служат на ВМРО-ДПМНЕ. Божем Апасиев не седел на иста маса со Албанци во договарање коалиција. Божем многу е остар со вмровци и тие со него, ама со лидерчо, како самовилчиња романтично си порачаа „никогаш не се вели никогаш“ еден на друг. Дека се заедно е јасно и од најмалите знаци – од Левица ја измислија кратенката СДШ, но Таравари, Меџити, Гаши и Касами веројатно ги сметаат за чисти етнички Македонци, оти не пуштија во етер ВШРО. Или ДПШНЕ. Само да кажам дека не се некоја „трета опција“ туку си се крајна десна како и ВМРО-ДПМНЕ …
Вели, „одлуката“ на граѓаните да избереле, овој, оној, друг, трет и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата – да направат… што? Зошто јас би гласала баш за Петко или Станко инаку? За руса коса и убави очи? Оти не се Албанци? Или треба да прават нешто за нас и следното поколение? Мислам, џабе се трудат да се валкаат едни со други, бидејќи има повеќе граѓани кои не припаѓаат на партија или движење, да речеме односот е барем 2:1! За нас „обичните“ што прочитале за што служи ЕУ, преговорите значат средување на системот и поголема сигурност за нас и нашите деца. Ако се чувствувам како во јама заради кочењето на преговорите со ЕУ, па нема да гледам колку коренчињата и камчињата во јамата по кои можам да се искачам за да излезам од неа – се валкани! Ќе ги искористам за качување нагоре, се разбира. Ова дејство е сосем спротивно од вртењето на „слепото око“ на стриктните партиски гласачи од научната статија на германските истражувачи што ја посочив погоре, бидејќи моето сфаќање не е наглавачко: Јас сум таа која го користи мојот удел од правото да ја обликувам иднината на колективот! Тоа само кратко го нарекле „глас“, но јас него не го „давам“ туку си го земам, како мое право! Ако јас проценам дека едни „гнасни“ ми овозможуваат повеќе среден систем (и тоа најдобриот, на ЕУ) со поголема веројатност отколку други „гнасни“ тогаш, јасно дека ќе ги изберам првите, па ако сакаат нека се Марсовци.
Партиските крајни десничари, пак, на подолг рок имаат темна иднина, не само затоа што не знаат да направат план за општото добро или затоа што не покажале дека знаат да решаваат државни проблеми. Главниот проблем е намерното лажење за свој бенефит, таканаречената црна лага, која во никој случај не може да се припише на незнаење на иднината.
А дека крајните десничарски гласачи се во фанатична заблуда е исто така лесно да се докаже. Нивниот проблем е во самодефинирањето (идентитетот) – мислат дека со самодекларирањето се дефинираат, дека тоа е најлесната работа на светот – „Јас сум тоа што велам дека сум“. Но што, добога, знаеш што си?! Мислиш дека има нешто во тебе („код“) што те дефинира? Но, како знаеш дека не си пион на тоа нешто што го мислиш за „јас“? Дека не си во канџите на она што го мислиш, „македонското“, на пример, дека е Ти (или „албанското“, или „бугарското“ итн.) и си веруваш на тоа, т.е. мислиш дека тоа е Ти, а не мислиш дека тука од твоја страна има дејство на слепо обожување на некој бог со „свети букви“. Па во таква теорија за себе, можеш ем сам да си се „месиш“ да бидеш што ќе ти текне, ем да те меси некој кој ќе ти се претстави како „свети букви“ – на начин како што нему ќе му текне преку тебе самиот. И што излегува од тоа во својот однос кон другите? Дека не само што си роб, туку и секој кој се труди да те ослободи од ропството практично опонирајќи ти на „теоријата“, буквално го сметаш за демон, односно извираат „негативните ставови за другите“ како што се изразуваат германските автори за радикалните десничари. Партиските крајни десничари, пак, на подолг рок имаат темна иднина, не само затоа што не знаат да направат план за општото добро или затоа што не покажале дека знаат да решаваат државни проблеми. Главниот проблем е намерното лажење за свој бенефит, таканаречената црна лага, која во никој случај не може да се припише на незнаење на иднината. Поточно, намерното оддалечување од очигледните вистини со чија помош, всушност, се решаваат проблемите. Би требало да престанат да кажуваат работи во кои и самите не веруваат, да престанат да прават работи кои знаат дека се очигледно погрешни, па така, барем да ги пробаат малку предностите на вистинитоста. Со непрестано лажење само стануваат опозиција на реалноста. Со среќа тогаш и збогум, никој не опстанал опонирајќи ѝ на реалноста.