Започнаа работите околу уредувањето и доизградбата на потребната инфраструктура на подрачјето на поранешната воена база во Ѓадер, која сега ќе биде камп за сместување на мигрантите, врз основа на договорот меѓу Италија и Албанија.
-Во првата фаза се работи на асфалтирање на патот од Какариќ до Ѓадр, како и во внатрешноста на кампот. Се гради и заштитен ѕид висок неколку метри и се очекува овие работи да завршат првите денови од месец мај. До 20 мај кога се очекува да пристигне првата група бегалци, треба да завршат сте неопходни активности. Деновиве ќе почнат работите за прифатниот центар во Шенѓин, јави Топ чанел.
Работите се одвиваат со забрзана динамика за да се овозможи доизградба на сместувачките места, здравствен дом и други објекти, за да може да профункционираат на 20 мај, како што беше најавено.
Мигрантите, со исклучок на малолетни деца и бремени жени, кои пристигнале на италијанскиот брег или се пресретнати во морските води, италијанските власти ќе ги транспортираат до прифатниот центар во Шенѓин, каде ќе им бидат извршени здравствени прегледи и идентификација. Потоа ќе бидат транспортирани до кампот во Ѓадер каде мигрантите ќе треба да чекаат одговор на нивното барање за азил или евентуална репатријација, што би траело месец дена.
Договорот, што на 6 ноември минатата година, во Рим, го потпишаа премиерите на двете земји, Еди Рама и Џорџа Мелони, има важност од пет години со можност за негово продолжување. Центрите, Италија ќе ја чинат над 650 милиони евра.
Италијанскиот Сенат договорот го ратификува на 15-ти минатиот месец, додека албанскиот Парламент седум дена подоцна, само со гласовите на владејачката Социјалистичка партија