Неколку илјади луѓе денеска прошетаа на традиционалните маршеви за мир што се одржуваат за велигденскиот викенд во Германија, во време обележано со војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа, соопштија организаторите и полицијата.
Најголемиот марш беше во Берлин, каде се собраа околу 3.500 луѓе, според проценките на полицијата.
Мировни прошетки имаше и во Штутгарт, каде имало околу 1.500 луѓе, во Минхен (околу 850) и во Келн (околу 400), соопшти полицијата.
Главните барања на пацифистите беа прекин на огнот во Украина и мировни преговори меѓу Израел и Хамас.
Традицијата на мировни маршеви во Германија датира од ерата на Студената војна и го достигна својот врв помеѓу доцните 1960-ти и раните 1980-ти, кога до 300.000 луѓе секоја година демонстрираа против трката во нуклеарно вооружување.