Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европратеници бараат мерки за спречување на „руското мешање“ во ЕУ

Европратеници од редовите на социјалдемократите, либералите, зелените и левицата најавија дека ќе иницираат преземање итни мерки во врска со наводите за обиди за руско мешање во пресрет на јунските евроизбори.

Во писмо потпишано од овие европратеници упатено до претседателката на ЕП, Роберта Мецола се бара и одржување дебата за обидите за руско мешање во текот на следната пленарна сесија предвидена за 10 и 11 април. Тие предлагаат дебатата да биде посветена на „руското мешање и сомнежите за корупција кои имаат за цел да ги загрозат работата на Европскиот парламент, европските избори и иднината на Унијата“, пренесува МИА.

Една од потписничките на писмото, претседателката на либералната група „Да ја обновиме Европа“, Валери Хајер оцени дека е потребна целосна и транспарентна внатрешна истрага од страна на Европскиот парламент за тврдењата за купување на европратеници.

Ваквото барање уследи откако минатата недела чешките власти соопштија дека по спроведена истрага биле откриени обиди за „руско влијание во Европа“, поврзани со украинскиот проруски политичар Виктор Медведчук и порталот „Гласот на Европа“.

Според наводите на истрагата, проруска мрежа, предводена од Медведчук, им плаќала на европски политичари „да ги фалат“ Русија и рускиот претседател Владимир Путин во медиумите во ЕУ. Дополнително, според истрагата, мрежата имала за цел „да донесе што е можно повеќе проруски политичари во Европскиот парламент“ на следните избори.

По објавата на оваа информација чешкиот премиер Петр Фиала на Икс напиша дека напорите на Прага поттикнале и „други земји да започнат свои истраги за откривање на проруски шпионски мрежи“.

Белгискиот премиер Александар Де Кро во четвртокот за време на дебата во Федералниот парламент на Белгија изјави дека истрагата покажала оти „Москва се приближила до европратеници, но и плаќала за промовирање на руската пропаганда“.

Европскиот парламент во февруари годинава усвои Резолуција со која се изразува загриженост поради „мешањето на Русија во демократските процеси на ЕУ преку традиционалните и социјалните медиуми“ и се повикува Европската комисија итно да преземе мерки за да се спречи странско мешање во Унијата.

Лани во ноември институциите на ЕУ договорија нов Правилник за политичко рекламирање, со кој им се забранува на странските субјекти да спонзорираат реклами пред избори или референдуми, а Комисијата работи и на Нацрт-законот за т.н. регистар на странски агенти, како дел од пакетот насловен „Одбрана на демократијата“. Според првичните предлози на законскиот текст, сите организации финансирани од странство кои преземаат активности поврзани со лобирање или застапување интереси ќе треба да се евидентираат во „регистар за транспарентност“ на ЕУ.

ЕП веќе презеде мерки за, како што беше нагласено, „заштита на европските демократски процеси од странско мешање“, по избувнувањето на скандалот „Катаргејт“ во 2022 година, кога неколкумина европратеници беа обвинети и судени за примање поткуп од Катар во замена за промоција на интересите на земјата во ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен