Претставниците на „Србија против насилството“ (СПН) соопштија дека на денешните разговори во Собранието со претставниците на власта не е постигнат договор за исполнување на препораките на ОДИХР за изборни услови и најавија продолжување на разговорите во среда, за кога е рокот за прифаќање на условите за фер избори, јави дописникот на МИА од Белград.
Пред почетокот на колегиумот во Собранието, пратениците од опозицијата на Ана Брнабиќ и поднесоа барања за подобрување на изборните услови. Опозицијата бара пред да се одржат какви било избори да се формира комисија од претставници на власта, опозицијата и релевантни граѓански организации кои ќе имаат извршни овластувања за континуиран надзор на избирачкиот список и негова ревизија.
Барањата се и пред одржувањето на изборите, јавните сервиси да започнат со професионално и одговорно известување и локалните избори во сите општини и градови каде што треба да се одржат, да се одржат истовремено со изборите во Белград.
– Нема да се согласиме на нова изборна кражба, изјави опозицискиот пратеник Радомир Лазовиќ од СПН на прес-конференција во српскиот Парламент, на која присуствуваа и претставници на коалицијата НАДА.
Тој потсети дека на властите им биле претставени условите за изборите да бидат фер – комисија за избирачки списоци, средени медиуми и одржување на сите локални избори (кои не се одржаа минатата година) во ист ден.
Претставникот на коалицијата НАДА, Милош Јовановиќ, рече дека опозицијата е единствена по својот став дека мора да се избори за нормален изборен процес.
– Има индиции дека власта ова ќе го претстави како ултиматум на опозицијата, но тоа се три минимални услови – основни барања, нагласи Јовановиќ.
Според него, нема законски препораки за исполнување на барањата на опозицијата.
Притоа, како што наведе, претставниците на опозицијата на властите им дале модалитети како тоа може да се спроведе.
– Оваа борба не е само борба на две опозициски коалиции, ова ќе биде борба за сите граѓани, рече Јовановиќ, додавајќи дека доколку се повторат изборните нерегуларности, изборите можат да бидат и укинати.
Денеска почна првиот состанок на Колегиумот на новото свикување на Собранието на Србија, а единствена точка на дневен ред се консултации за понатамошна работа на имплементација на препораките на ОДИХР за изборните услови.