Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Без поддршка за проверувачите на факти се откажуваме од одбраната на демократијата

Меѓународен ден на проверка на факти/International Fact checking day Фото: Ванчо Џамбаски
Меѓународен ден на проверка на факти/International Fact checking day Фото: Ванчо Џамбаски

Државните институции и сите засегнати страни имаат должност јавно да се изјаснат кога се загрозени проверувачите на факти и да сторат сѐ за да им обезбедат безбедна работна средина, рече ЕУ амбасадорот Дејвид Гир при отворањето на денешната регионална конференција „Бранејќи ја демократијата на Балканот: Заштита на интегритетот на информациите во дигиталната ера“, со која Антидезинформациска мрежа на Балканот го одбележува Меѓународниот ден на проверка на факти. Ако ја напуштиме оваа задача се откажуваме од одбраната на самата демократија, додаде евроамбасадорот Гир.

Како што посочи тој, проверката на фактите е од витално значење во напорите да се разликуваат лагите од вистината, информациите од дезинформациите, вистинските разлики во ставовите од извртувањето на фактите или она што се опишува како „алтернативни факти“.

Според Гир, проверувачите на факти се исто така важни за откривање на стратегиите и техниките што се користат за промовирање на дезинформации. И на тој начин помогаат да станеме поотпорни на манипулации.

„За да се исполни оваа улога, на проверувачите на факти мора да им се дозволи да работат независно, без политичко мешање, притисок или заплашување. Со приближувањето на изборите овде во Северна Македонија, за жал, веќе видовме како злонамерни актери вршат притисок врз проверувачите на факти дури и со злоупотреба и закани со насилство, особено во онлајн светот“, рече евроамбасадорот.

Тој потсети дека Делегацијата на ЕУ заедно со други претставници на меѓународната заедница веќе изразија поддршка за локалните организации кои се бават со проверка на факти за време на кампањата за оцрнување со која тие се соочуваат. Тој додаде дека Северна Македонија не е единствената земја каде се случуваат слични закани со насилство.

„Затоа, наша одговорност и должност на државните институции и на сите засегнати страни е јавно да се изјаснат кога се загрозени проверувачите на факти и да сториме сѐ за да им обезбедиме безбедна работна средина“, рече Гир.

„Ако ја напуштиме оваа задача се откажуваме од одбраната на самата демократија“, додаде тој.

Како што потенцираше, Европската Унија и делегацијата имаат многу успешна и плодна соработка со заедницата за проверка на факти кои се блиски сојузници во обезбедувањето отворена, рационална дебата за прашања од јавно значење.

“Вие сте наши партнери во борбата против странските манипулации со информациите и можете да сметате на нашата континуирана поддршка“, посочи евроамбасадорот честитајќи ѝ на Метаморфозис за оваа иницијатива, како и на Министерството за надворешни работи на Холандија за поддршката што ја дава.

Холандскиот амабасадор Дирк Јан Коп, пак, посочи дека проектот “Центар против дезинформации на Западен Балкан: разоткривање на опасните влијанија преку набљудувачко новинарство“, Холандија го поддржа во ноември 2021 година, само неколку месеци пред Руската Федерација да ја започне својата брутална војна на агресија во Украина.

„Во тоа време не очекувавме плејада на дезинформации што требаше да се прошират во овој регион. Сепак, со задоволство ја поддржавме иновативната иницијатива заснована на податоци која ги собра новинарите, аналитичарите и активистите со една заедничка цел: обезбедување вистинити и доверливи извори на информации. Две години подоцна гледаме дека го направивме вистинскиот избор“, рече Јан Коп.

Како што додаде тој, во едно демократско општество има потреба од слободна и отворена јавна дебата која ќе им помогне на луѓето да донесат важни одлуки. Но, додека ги идентификуваме дезинформациите што ја нарушуваат јавната дебата, истовремено не треба да се потиснува слободниот говор и различноста на мислењата.

„Луѓето треба да се чувствуваат слободни да го кажат своето мислење, без разлика колку не се согласуваме со нив, без разлика дали ги сметаме овие мислења пристрасни или дури шокантни“, рече Јан Коп.

Тој потсети дека е непроценливо право да го кажете вашето мислење и ова е особено важно за владите кои се обидуваат да се мешаат и да ја насочат јавната дебата во изговор на спротивставување на дезинформациите.

Но, тој исто така потенцираше дека постои разлика помеѓу мислења и факти. И ова е местото каде што улогата на независните проверувачи на факти навистина ја прави разликата. Правилното откривање на лажни информации е првиот и суштински чекор во борбата против дезинформациите и промовирање на интегритетот на информациите што се шират на интернет.

„И оваа работа не е лесна. Секогаш ќе има такви кои свесно шират дезинформации и ќе се обидат да ја поткопаат вашата работа. Се разбира, дебатите за методологијата на проверка на фактите или решавање на можните грешки секогаш се добредојдени. Но, нападите ad-hominem кои ја загрозуваат безбедноста на поединците се неприфатливи. И гледаме дека тоа се случува“, рече Јан Коп.

На крајот тој посочи дека проверката на фактите е првиот и многу важен чекор, но треба да оди рака под рака со мерките за подобрување на медиумската писменост и отпорноста на јавноста.

„Не можеме да ги спречиме злонамерните актери кои шират дезинформации, но граѓаните треба да бидат подготвени да пристапат кон информациите со здрава доза на скептицизам за да можат да направат проценка врз основа на факти пред да формираат мислења“, заклучи амбасадорот Јан Коп.

Преземено од МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен