Спасувачките тимови во Тајван денеска предупредија на ризик од лизгање на земјиштето и карпи, додека продолжуваат со потрагата по исчезнатите лица по земјотресот пред два дена. Во меѓувреме, бројот на загинати се искачи на 12, а некои од заглавените луѓе беа спасени, објавија британските медиуми.
Спасувачите пронајдоа уште две тела по земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди ретко населениот источен округ Хуалиен. Околу 50 последователни земјотреси ја потресоа областа во текот на ноќта, а некои се почувствуваа и подалеку од главниот град Тајпеј.
Земјотресот предизвика одрони на карпести маси, блокирајќи ги патиштата.
Спасувачите соопштија дека околу 400 луѓе се безбедни откако биле блокирани во луксузен хотел во националниот парк Тароко, при што хеликоптери ги евакуирале повредените и доставувале материјали.
-Дождот го зголемува ризикот од паѓање на карпи и одрони, што во моментов е најголемиот предизвик“, рече Су Јумин, шеф на тимот за пребарување и спасување, истакнувајќи дека се очекува врнежите да продолжат. „Овие фактори се непредвидливи, што значи дека не можеме да го потврдиме бројот на денови потребни за операции за пребарување и спасување“, објасни тој.
Тајванската противпожарна служба соопшти дека две тела биле пронајдени во планинска област, но сакале да го потврдат нивниот идентитет пред да се ажурира бројот на загинати. Според нејзините податоци, 13 лица се водат како исчезнати, меѓу кои и тројца странци – со австралиско и канадско државјанство.
Следува помош за жртвите, а високи функционери, како што е претседателот Цаи Инг-вен, рекоа дека ги донираат своите месечни плати за хуманитарните напори.
Јапонија ќе му даде на Тајван помош од еден милион долари за напорите за спасување и опоравување, изјави јапонската министерка за надворешни работи, Јоко Камикава.