На 9. март во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија, Бугарија, се одржа промоција на романот „На враќање” од Фросина Пармаковска.
Пред исполнетиот салон во галеријата на КИЦ романот го промовираше Пламен Тотев, издавач и критичар, кој зборуваше за модерниот и современ израз на Пармаковска во нејзините дела и за нивната долготрајна соработка, која резултирала со објавување на романот „На враќање” како трето нејзино дело преведено на бугарски јазик.
Бугарската книжевна публика веќе добро го познава творештвото на Пармаковска: во издание на „Персеј“ излегоа од печат нејзините романи „Вишнова хроника“ и „Одбројување“ – за која ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година од Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ – преведени на бугарски јазик.
Преведувачот и писател Марјан Петров, пак, во неговиот осврт за литературата на Пармаковска се задржа на повеќеслојноста на сижето и ликовите во романите на Пармаковска, како и на нејзината вештина да пишува во машки или женски род со еднаков успех.
Писателката Пармаковска во својот настап истакна дека романот го пишувала половина во Софија, половина во Скопје во услови на пандемија. Карантинот и овозможил време како писателка за да го напише „На враќање”.
Пармаковска потоа разговараше со присутните во публиката, заинтересирани за разни аспекти од нејзиниот книжевен стил.
Во име на КИЦ и на Амбасадата на Северна Македонија, гостите и присутните ги поздравија директорот Саско Насев и амбасадорката Агнеза Руси-Поповска.
Делови од романескната проза на Пармаковска читаа актерите Ѓорги Георгиев-Антика и Марин Џишев.
„На враќање“ е приказна за животот на средовечен маж, писател, кој занесен во пишувањето незабележливо му врти грб на семејството и по некое време се изнесува од својот дом и ги напушта својата сопруга и својот мал син. Наративот во прво лице го води човекот кој не знае да го спои својот личен и креативен живот. Неговото секојдневие станува низа од минатото, сегашноста и иднината. Враќањето во куќата на баба му и дедо му, која треба да биде продадена, го враќа назад во времето поминато таму, во детските лудории, во бегството на татко му, оставајќи го своето семејство, кон кое долго време нема никакви чувства, кон доживувањата и незаборавните моменти со убава девојка, со која љубовта е невозможна. Сеќавањата што го погодуваат се многу, но главниот лик често лета со својот „летечки тепих“ кон иднината, мечтае, фантазира, но на крајот сè останува неостварено. За него тоа е бегство од едноличниот и монотон живот. Бара нешто ново, нешто различно. Постојано е во движење. Затоа често патува: со воз, со автомобил, со „летечки тепих“, кој го понесува во идните моменти од неговиот живот…
Дел од бугарските медиуми коментираат деновиве коментираа дека културата и уметноста продолжуваат да бидат мостови што ги поврзуваат Северна Македонија и Бугарија.
Повеќе фотографии од промоцијата можете да погледнете во галеријата: