Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За 27 Април не смее да има ниту амнестија, ниту амнезија

Денес, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, истите тие занданџии на заробената држава се осмелуваат да ги избришат од меморијата сите траги на бесчестието, да ги минимизираат последиците од десетте години заробено општество и да ги амнестираат господарите на мракот и нивните извршители на обидот за државен удар на 27 април 2017 година.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Според кампањата за изборите 2024, но и според наративот што го форсираше ВМРО-ДПМНЕ во последните 4 години, овие избори ќе бидат запаметени по дезинформациите и по тоа што слугите и господари на заробената држава се ставија во програма за ревизија на бесчестието и злоделата на темничарите на заробената држава.

Проценија дека е дојдено време да ја отпочнат кампањата во која, распоредени формациски за настапи по медиуми, започнаа да ги именуваат како жртви наасилниците од 27 април кои извршија организиран државен удар. 

Во оваа анализа ќе се осврнеме на дел од лагите за ревизорите прислужници на заробената држава.

Пред тоа едно кусо потстетување на она што претходеше на оценката дека Република Северна Македонија е заробена држава.

По серијата негативни извештаи за демократијата во земјата и за реформските процеси на Европската комисија коишто започнаа од 2010 година, во извештајот за 2016 година за прв пат во еден официјален документ на една угледна меѓународна институција беше запишано – Република Македонија е „заробена држава“.

Освен целосната партизација на институциите на системот, во извештајот беа нотирани пад на слободата на медиумите за деведесет места надолу на Индексот на Репортери без граници и неопходноста од расчистување на аферата со масовното прислушкување на повеќе од 20.000 граѓани на Македонија, меѓу кои во најголем број беа лидерите на тогашната опозиција – Социјалдемократскиот сојуз, новинарите, и парадоксално, врвот на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓанските организации беа посебна мета на удар.

Во октомври 2016 година, непосредно пред тогашните предвремени избори, според моделот за хајка на граѓанските организации на Путин, започнаа посетите на инспекторите на УЈП за да вршат контрола на финансиското работење на нво-ата 5 години наназад. Беше тажно да се гледаат ликовите на тие луѓе кои со наведнати глави се срамеа што мора да ги спроведуваат партиските наредби „по секоја цена да се најде“ да се покрене обвинение за „соросписките“ невладини.

Стотина граѓански активисти беа ставени на листата за „отстрел“, а на новинарите им носеа погребни венци пред нивнитре домови или ги известуваа дека им се подготвени гробовите – само уште надгробната плоча да ја постават.

Денес, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, истите тие занданџии на заробената држава се осмелуваат да ги избришат од меморијата сите траги на бесчестието, да ги минимизираат последиците од тие десеттина години затворено општество и да ги амнестираат господарите на мракот и нивните извршители на обидот за државен удар на 27 април 2017 година.

Се обидуваат да ги исперат гревовите на нивните ментори и спонзори кога велат дека за време на заробената држава биле постигнати рекордни ефекти од странските инвестиции.

Се лаже бесрамно.

Тоа се тие слуги на ордите на мракот што би биле најсреќни да поништат сѐ „македонско“ во нашата генетска структура и што се ортачат со квазипланинарите што развејуваа туѓи знамиња на олимписките врвови само за да предизвикаат дополнителен гнев и блокади на решавањето на проблемот со Грција.

Не можат да преболат уште еден тежок пораз кога благодарение на Преспанскиот договор, во Грција, со одлука на судот, е издадена дозвола за работата на Центарот за македонски јазик во Лерин.

Извинете, ама ова до 2016 година беше невозможно. Тогашната власт ја прогласи Грција за наш архинепријател, Албанија ја прогласи за дом на измислената Тиранска платформа, албанофобијата го вклулчуваше и Косово, МПЦ остана камен на сопнување со Србија, а со Бугарија го скицираа истиот договор за пријателство што сега сакаат да го поништат и да ја продолжат блокадата на нашите евроинтеграции.

Да не заборавиме, тоа е истата таа камарила што го нарекуваше Блаже Конески „џуџето од Небрегово“ и за Кочо Рацин пишуваше дека „најдоброто што го направил било што умрел на време“.

Ама нема таква боја што ќе ги „пребои“ трагите од Шарената револуција на ѕидовите на некогашните заробени институции зашто денеска тие траги се длабоко влезени во ѕидовите и нив ништо не може да ги избрише.

Нема да им помине ревизијата колку и да наплаќаат за да ја туркаат или да им ја туркаат. Нема такви пари што ќе го исперат тоа што не се пере. Нема таков „Вениш“. Трајни се тие дамки, а некои од нив се и од крвта на жртвите на апсанџиите на заробената држава.

А фактите  зборуваат за нешто друго, за пресврт во слободната држава.

Македонија е со највисок раст на реалната плата и продуктивноста во регионот!

Во 2017 сме имале некаде околу 20.000 нето плата, сега имаме речиси 40.000 просечна нето плата.

Само во 2022 година, кога ковид кризата го достигна врвот, вредноста на мерките за поддршка на граѓаните и на компаниите достигна 760 милиони евра. Пари прибрани благодарение на ревносната работа и дисциплина на УЈП.

Еве само една мерка остварена благодарение на прибраните стредства на УЈП и на принципот „парите назад кон граѓаните“: Средствата што се издвојуваат за субвенционирање на цената на струјата за граѓаните достигнаа до 21.000 денари годишно, а малите компании добиваат електрична енергија по цена од 220 – 260 евра за мегават час, додека берзанската цена на истата таа струја е околу 500 евра.

Таков сет од мерки за време на заробената држава граѓаните можеа само да сонуваат додека беа замајувани и успивани со лажните балалајки на медиумите за кои ВМРО-ДПМНЕ потроши 38 милиони евра.

Се лаже безобразно и бесчесно во фреквентните настапи на гласниците на ревизијата на злото на заробената држава и во однос на странските инвестиции. Како да сме слепи и глуви во последните 5 години.

Само бројот на вработените во Технолошко индустриски развојни зони во однос на 2016 година е двојно поголем само како резултат на новите рекордни инвестиции.

Во 2016 година во ТИРЗ биле вработени 6.282 лица, а во 2023 се 17.558 вкупно вработени во компаниите основани со странски капитал.

Според официјални податоци од Меѓународен монетарен фонд во период од 2017 до 2023, значи за седум години, просечната плата пораснала близу 65%, а БДП околу 40%. Споредбено со периодот 2007 – 2016, БДП растело 29%, што значи 11 проценти поени за десет години побавно, а просечната плата растела 36%, безмалку двојно побавно.

Просечната бруто платата во рамки на зоните го надмина износот од 60.000 денари.

Извинете ама тоа не се постигнува без нови рекордни странски инвестиции кои само во 2019 година, наспроти општиот надолен тренд во светот, во Северна Македонија се зголемија за повеќе од трипати во однос на претходната година, до рекордни 737 милиони долари.

Значи да повториме: Лажат бесрамно и шират националистичката и популистичка магла за да ги скријат вистинските намери за враќање на авторитарниот режим.

Зачлени се на нашиот е-билтен