Некои медиуми продолжуваат некритички да пренесуваат пропагандни изјави од руски функционери поврзани со агресијата на Русија врз Украина.
На пример, на 21 април 2024, порталот Република објави наслов: „Медведев за новиот пакет помош од САД за Украина: Тоа е русофобија“. Истиот наслов го објавија и порталот „Локално“, како и порталот „Скопје 1“. И порталот МКД.мк објави наслов: „Медведев за пакетот американска помош за Украина: Тоа е русофобија“.
Но, овие непоткрепени обвинувања за „русофобија“ не се ништо ново. Проверувачите на факти од „ЕУ вс. Дисинфо“ даваат повеќе примери за употребата на зборот „русофобија“ како дел од класичниот наратив со дезинформации на Кремљ.
Уште во 2022 година, и проверувачите на факти од Вистиномер укажаа дека „Обвинувањата за „русофобија“, кои тогаш ги ширеше руската амбасада, се „дел од пропагандниот арсенал на Кремљ…“.
И американскиот Стејт департмент ги препознава овие обвинувања како дел од главните наративи со дезинформации на Русија, која глуми жртва и ги етикетира како „русофоби“ сите што ја осудуваат нејзината агресија во Украина, иако таа беше осудена и со Резолуција на Генералното собрание на ОН.
Инаку, во контакт групата за одбрана на Украина учествуваат над 50 држави, меѓу кои и Северна Македонија. Тие ја помагаат Украина, не заради „русофобија“, туку затоа што Украина има неприкосновено право на самоодбрана од надворешна агресија.
Затоа, обвинувањата на Медведев за „русофобија“ може да се сметаат за пропагандни дезинформации. Медиумите не треба некритички да пренесуваат вакви обвинувања, кои се злоупотребуваат за оправдување на руската агресија врз Украина.
(СМК)