По вчерашното експресно гласање на измените на Законот за урбанистичко планирање и министерот Александар Николоски денеска нуди да се изработи целосно нов Закон за урбанистичко планирање кое би го работела комисија од хетероген состав со претставници од најрелевантни невладини организации.
Според невладините ако имало потреба од нов закон зошто се брзало со измените на стариот?
„Она што сакам еве вечерва да го понудам од тука еве нова работа да изработиме целосно нов Закон за урбанистичко планирање кое ќе ги опфати сите сегменти и сите сектори кој би го работела комисија од хетероген состав во кој би имало претставници од најрелевантните невладини организации, здруженија на граѓани што ќе е прв пат во историјата на изработување на закон да здружение на граѓани, односно невладини организации бидат вклучени од самиот старт на подготовка на законот“, посочи министерот за транспорт и врски.
Според Николоски целта на законот е еднаш засекогаш да се затворат сите инфраструктурни прашања во сите општини без разлика кој е градоначалник.
Но, невладините организации не се откажуваат од ставот дека измените се донесени набрзина, без јавна расправа и ќе предизвикаат уште поголем урбанистички хаос. Во објава на социјалните мрежи, откако измените беа изгласани на пленарна седница, од невладината „02 Иницијатива“ јавно се обратија до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, со барање да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање бидејќи е донесен по скратена постапка, „иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите“.
– Со законот се дозволува повторна изработка на урбанистички планови според стари и неважечки закони и правилници до недоглед, кои за повеќе од 4,5 години не се завршиле, што укажува на проблем со овие планови, штом не се донеле во толкав временски период, а се изработени со несоодветни параметри, зошто во меѓувреме имаме нови податоци од Пописот, просторот се изградил, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите…Според изјавата на министерот за транспорт, Александар Николоски бројката е околу 600 вакви урбанистички планови кои не се донеле во изминативе 4,5 години, да продолжат да се изработуваат по стари невалидни закони и правилници и како такви да се донесат и предизвикаат дополнителен хаос во просторот во кој живееме. Со законот се дозволува изградба на катни гаражи без донесен детален урбанистички план (ДУП), само со урбанистички проект. Тоа значи самоволие и хаос, градење кој каде ќе му текне на вакви големи објекти, каде зеленилото и парковите ќе бидат првата жртва, каде граѓаните не се прашуваат и нема начин преку јавна анкета да го дадат своето мислење, каде Советот на општината нема право да одлучи со гласање“, пишува меѓу другото во барањето на О2 Иницијатива.
Според нив, со законот се отстранува одредбата одлуката со која се донел урбанистички план да е ништовна, ако нема добиено согласност од Министерството за транспорт, а тва е суштинско за да се спречи злоупотреба и спроведување на планови кои не се валидни.-Со законот се дозволува да нема изработено урбанистички планови за одредени подрачја уште од 2013 година и да важат штетни општи акти, како тој за охридката населба Лагадин со хотелот покрај брегот, кои требало да бидат само преодна форма до изработка на урбанистички планови“, реагираат од О2 Иницијативата.
Во врска со реакцијата на оваа невладина организација, а во која се споменува и министерот за транспорт, Николоски вели дека реакција за Законот за урбанистичко планирање има само од О2 Иницијатива, која била поканета да присуствува на собраниската расправа „што првпат се случува во историјата на Собранието“.
Порача дека одредени структури во општеството создаваат хистерија во областа на урбанизмот која придонесува оние што се занимаваат со градежништво да бидат гледани како „црни ѓаволи во јавноста“.
Од О2 Иницијативата признаваат дека ден претходно биле поканети да присуствуваат на вчерашната Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на која и присуствувале на почетокот каде ги образложиле нивните забелешки и потребата „ваков закон со огромни импликации по сите да се носи во редовна постапка и со јавна расправа“.
„Но, членовите на комисијата законот го изгласале во целост без никакви измени, за само неколку часа подоцна да се изгласа и на пленарна седница, каде министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека јавноста нема осонова за грижа, зошто тој за најголемиот дел од околу 600 урбанистички планови, кои ќе продолжат да се изработуваат по стари и неважечки закони и правилници, нема да даде согласност. Фрапантна изјава, која укажува не на почитување на законите, туку на земање на работите во свои раце и апсолутно дискреционо право. Ова е основа за масовна корупција“, велат од О2 Иницијативата.
Вчера пратениците, без дискусија, со 64 гласа за и 11 против ги изгласа измените на Законот за урбанистичко планирање.
Инаку, измените на Законот за урбанистичко планирање се донесоа за да може да се реализира предизборното ветување на ВМРО-ДПМНЕ за децентрализација, односно секоја година една третина од средствата предвидени за капитални расходи во износ од 250 милиони евра да им се префрлаат на општините.