Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Виси изборот на Галетановски – Арсовска премолче дека Зоолошката градина останала без Управен одбор

Единствениот пријавен на огласот за директор во Зоолошката градина во Скопје, може и да не добие резултати од конкурсот бидејќи оваа институција нема функционален Управен одбор, односно двајца од членовите се именувани на други функции и морале да поднесат оставки на оваа позиции. Поранешениот директор Ѓорѓи Галетановски, на 13 август поднесе документи, сакајќи да даде свој придонес во подобрувањето на состојбите во Зоолошката градина, за да таа се врати во полн сјај и јавно и побара шанса од Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Иако таа ја знаеше фактичката состојба со Управниот одбор, бидејќи лично ги назначила двајцата членови за директори на други јавни установи, а нови членови не се избрани, сепак денеска одговарајќи на новинарско прашање, рече дека таа не носи одлуки, туку изборите зависат од Управните одбори на институциите.

-Јас не одлучувам туку Управниот одбор на институцијата за која се одбира директор треба да се состане и да донесе одлука откако ќе ги разгледа документите за пријавени кандидати за директори, а потоа тие документи стигнуваат во Градот, одговори денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одговарајќи на новинарско прашање, кога се очекува и дали ќе му дозволи на поранешниот директор на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски повторно да раководи со оваа институција.

Според информациите на Рацин.мк, Управниот одбор во моментот има само еден член, а другите двајца поднеле оставки уште на почетокот на август, бидејќи Арсовска ги распределила на други позиции, едниот станал в.д. директор на Јавна установа Детски дом „11-Октомври“ Скопје, а претседателот на Управниот одбор е именуван за за в.д. директор на НУ Универзитетска библиотека „Климент Охридски“ – Скопје.

Огласот кој го распиша Арсовска заврши на 14 август, претходно во јавноста се шпекулираше дека ова не е вистински оглас, туку оглас за потврда на сегашниот в.д директор, бидејќи законскиот рок за мандат на вршител на должност трае 6 месеци, а сегашниот Зоран Попов, веќе има три мандати како в.д. директор. но ниту еден од директорите кои ги постави таа не се погрижи вистински за Зоолошката, што резултираше со угинување на многу животни.

Откако Галетановски поднесе оставка во 2022 година, на негово место дојде Кристијан Стаменов, а тогаш медиумите објавија дека во дворот на Зоолошката градина се колат десетици коњи, добиени од Агенцијата за управување со одземен имот, и им се даваат како храна за животните. По ова, разрешен беше тогашниот директор Стаменов и поставен нов – Драган Илиевски, за кого Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека Арсовска именувала лице кое не било вработено во оваа јавна установа што е спротивно на законот кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци, па на негово место дојде Попов..

Градоначалничката Арсовска во својот досегашен мандат од неполни две години успеа да смени повеќе од 30 директори на јавни претпријатија и установи. Во секое од нив имаше барем по трипати промена. Најпрво, директорските позиции ги држеа кадри од ВМРО-ДПМНЕ, но по кавгата преку медиумите и од говорницата на Советот на Град Скопје со нивниот лидер Христијан Мицкоски, тие беа експресно сменети.

Во моментов најголемиот број луѓе на челните позиции во јавните претпријатија се од ГРОМ и ДУИ, а јавноста веќе „крена раце“ од тоа кој е каде директор, затоа што по честите нивни смени, тешко е да се запомнат новите „комбинации“.

Зачлени се на нашиот е-билтен